Во разговорите со бранителите од конфликтот во 2001 година ни беше посочено дека и покрај законската регулатива, тие се оставени сами на себе при остварувањето на стекнатите права. Според нив, со законската регулатива не се опфатени сите, некои се делумно, а некои воопшто не се опфатени. Многу бранители што учествуваа во воениот конфликт имаат признаено инвалидитет, а некои делумен инвалидитет. Бранителите се соочуваат и со апсурдности. Имено, пред 20 години одреден број бранители и воени инвалиди добија обесштетување од државата, но по извесен период од истиот суд што им го доделил обесштетувањето било побарано да ги вратат финансиските средства, и тоа со камата
Деновиве Македонија со пригодни државни почести им оддава почит на загинатите и ранетите припадници на безбедносни сили од конфликтот во 2001 година. Претходно голем број делегации им оддадоа почит на загинатите бранители кај месноста Карпалак, а денес Општина Ѓорче Петров го одбележи загинувањето на осумте бранители кај спомен-обележјето во Волково, како и со посета на спомен-чешмата во спомен на Томислав Настевски-Бумбар. Но и покрај оддавањето почит на загинатите бранители во конфликтот од 2001 година, генерално статусот и третманот на бранителите, како и на воените инвалиди од овој оружен судир сѐ уште не е задоволителен. И покрај Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства од 2002 година, постојат голем број недоречености, а бранителите посочуваат и на голем број проблеми, како и неможност за остварување на сопствените права и покрај законските решенија.
Пригодни државни почести за загинатите бранители
Голем број делегации им оддадоа почит на загинатите бранители, по повод 22 години од нивното трагично загинување, со положување цвеќе и панихида пред спомен-плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје. Почит им оддадоа министерката Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници на Владата, од кабинетот на претседателот, Општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичките партии, како и поголем број здруженија на бранителите и граѓански организации. Министерката за одбрана Славјанка Петровска по повод одбележувањето укажа дека овие бранители заслужуваат достоинствен споменик.
– Го дадоа својот живот за нашата татковина, лично, како министерка за одбрана сметам дека заслужуваат достојно спомен-обележје – споменик со кој нема сигурно да ги вратиме назад, но навистина ќе имаме место на кое ќе оддадеме достоинствено почит – рече Славјанка Петровска.
Голем број делегации положија свежо цвеќе и на спомен-обележјето во центарот на Прилеп, кое во чест на бранителите го носи името „Прилепски бранители“ и е изградено од Општина Прилеп, со цел никогаш да не се заборават хероите и немилиот настан што во 2001, како што рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Во рамките на одбележувањето 22 години од загинувањето на прилепските резервисти, владина делегација, семејствата на загинатите, бранители на конфликтот од 2001, како и општинскиот совет и градоначалникот на Прилеп и претставници од АРМ положија цвеќиња и пред споменикот во кругот на касарната „Мирче Ацев“, како и пред спомен-плочата на загинатите бранители во селото Лениште, а беше одржана и вечерна богослужба во манастирот „Св. Петка“.
– Поминаа 22 години, години на измешани чувства на гордост и на тага за: Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко Љубе, Пецо и Марко, припадници на резервниот армиски состав. Денес се поклонуваме пред паметникот во касарната, подигнат во нивна чест, со ветување дека нема да бидат заборавени. Тагата и болката остануваат, особено кај најблиските, но останува и гордоста што беа дел од нашата единица, наши сограѓани, ваши синови, сопрузи и татковци. Останува обврската, наша и на идните поколенија и генерации, споменот да го чуваме, да се сеќаваме на 2001-та и никогаш да не дозволиме да се повтори – рече на чествувањето командантот на прилепскиот гарнизон, потполковник Славчо Кузманоски, пред спомен-обележјето во касарната.
За денес, 10 август, Општина Ѓорче Петров во соработка со армијата и Генералштабот на Македонија го одбележи загинувањето на осумте пожртвувани бранители, Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот армиски состав. Централното одбележување започна кај спомен-обележјето во Волково. Претходно, високи делегации положија цвеќе и на спомен-чешмата во спомен на Томислав Настевски-Бумбар во Ѓорче Петров.
Статусот на бранителите од 2001 година
Универзитетските професори и правните експерти посочуваат дека и покрај законската регулатива, како што се Законот за бранителите од 2002 година или Законот за правата на воени инвалиди од 1996 година, бранителите и воените инвалиди од конфликтот во 2001 година не можат во целост да ги остварат своите права. Според нив, статусот на бранителите не е дефиниран, бидејќи Македонија како држава сѐ уште правно и формално не ги дефинирала статусот и карактерот на конфликтот од 2001 година. Во оваа конотација, Оливер Андонов, универзитетски професор од воената академија „Михајло Апостолски“ во Скопје, вели дека никогаш не го одредивме карактерот на конфликтот што ни се случи во Македонија во 2001 година.
– Во одредувањето на карактерот на судирот треба да се има предвид дека во 2001 година во Македонија не прогласивме воена состојба, а операциите што се водеа беа во рамките на борба против тероризмот, што подоцна со Охридскиот договор се преформулира во борба за човекови права. За евентуалното дефинирање на карактерот на војната од 2001 година треба да придонесе и науката, но институциите да донесат соодветен правен акт – вели Оливер Андонов.
Според зборовите на самите бранители и воени инвалиди во конфликтот од 2001 година, оваа недореченост се одразува во остварувањето на нивните права и покрај одредените законски регулативи. Јордан Трајковски од Здружението на резервни воени обврзници од Прилеп вели дека учесниците од 2001 година се маргинализирани.
– Никој во државава наша не нѐ признава. Немаме никакви права. Тоа е нешто катастрофа, како ние да бевме тие што се бореа против Република Македонија, не тие што ја бранеле нашата држава. Ние служиме како некој предмет за поткусурување – вели Јордан Трајковски.
Во разговорите со бранителите од конфликтот во 2001 година исто така ни беше посочено дека и покрај законската регулатива, тие се оставени сами на себе при остварувањето на стекнатите права. Според нив, со законската регулатива не се опфатени сите, некои се делумно, а некои воопшто не се опфатени. Горан Ристоски, бранител и учесник во воениот конфликт од 2001 година, вели дека обесштетувањата сѐ уште не се дадени. Многу бранители што учествуваа во воениот конфликт имаат признаено инвалидитет, а некои делумен инвалидитет. Ристовски исто така укажува и на апсурдностите со кои се соочуваат бранителите. Имено, пред 20 години одреден број бранители и воени инвалиди добија обесштетување од државата, но по извесен период од истиот суд што им го доделил обесштетувањето било побарано да ги вратат финансиските средства, и тоа со камата, вели бранителот и воен инвалид Горан Ристоски.
Според него, не се почитуваат препораки на доктори специјалисти, а се соочуваат и со проблеми при посебната комисија во Министерството за труд и социјална политика. Според кажувањето на Ристоски, правата на бранителите не им се остварени во целост и покрај законската регулатива.
Имено, според Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили, односно во глава втора, член 7, се вели дека на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства, меѓу другото, им се утврдува и правото во областа на образованието. Во членот 13 од истиот закон се вели дека децата на загинат или починат бранител, како и децата на воен инвалид од прва до седма група воен инвалидитет, имаат предност при запишување во државни средни училишта, како и предност при запишување во високообразовните установи без плаќање партиципација. Според членот 14, децата на загинатите или на починатите припадници на безбедносните сили, како и децата на воен инвалид имаат право на стипендија за редовно школување во државните средни училишта и право на стипендија за редовно студирање во високообразовни институции.
Горан Ристоски, кој има инвалидитет од 70 отсто, односно влегува во шестата група на воен инвалидитет, вели дека неговите деца не ги оствариле своите права во образованието, ниту при средното образование, ниту при високото образование. И покрај неговите укажувања до образовните институции, неговите деца се запишале на факултет со партиципација и покрај тоа што ги исполнувале условите што се наведени во Законот за бранителите. Ристовски вели дека ова е само еден од проблемите со кои се соочуваат и затоа ги повикува надлежните институции поажурно да се грижат за оние што ја бранеа Македонија во 2001 година. Д.Ст.