Пред околу 13 години, на 14 август 2013 година, во Клиничката болница во Битола настрада Јорго Ангеловски (60). И тогаш, наместо да се расветли случајот за смртта на Јорго, лекарите и тогашното раководство на болницата, тие денови задоцнија со одговорите што требаше да ги прикажат објективната стварност и фактичката состојба што точно се случило во критичниот период во болницата. Сега кога повторно Битола е во тага поради смртта на Јана (што не требаше да се дозволи да се случи!) и кога во градот под Пелистер секојдневно се плетат разни приказни за тоа од што почина и дали некој е виновен за трагичната смрт, расветлувањето на овој случај од страна на надлежните институции мора да биде организирано педантно, законски, брзо и ефикасно! Затоа што индициите говорат дека „истото тоа се повторува, а доколку не се реши и не се извлечат поуки, истото тоа и ќе се повтори“

Повод: митингот во Битола на плоштадот „Магнолија“ под мотото „Сите сме Јана“

Едно старо и непишано правило вели дека молчењето е злато! Не знам кој бил авторот на ова непишано правило, но мислам дека не секогаш молчењето е злато. Напротив, токму молчењето остава простор за сомнежи, неверувања, шпекулации, интриги…
Ова непишано правило во случајот со смртта на малата шестгодишна Јана од битолското село Кравари, овие денови најмногу ги плаши и ги иритира битолчани, кои на протестниот митинг на плоштадот „Магнолија“ пред неколку дена, кој се одржа под мотото „Сите сме Јана“, побараа брзо и ефикасно расветлување на случајот и одговор на прашањето од што почина Јана и дали при лекарската интервенција имало лекарска грешка или пропусти.
Причината за ваквиот револт на битолчани е токму молчењето на надлежните здравствени институции и комисии, кои инстантно, најбрзо и итно треба(ше) да ги утврдат причините за смртта на Јана. Кога станува збор за таквиот начин на однесување на здравствените работници во Битола, битолчани имаат лоши сеќавања.

Битолчани се прашуваат дали битолските лекари не извлекоа поука од смртта на Јорго Ангеловски

Пред околу 13 години, на 14 август 2013 година, во Клиничката болница во Битола настрада Јорго Ангеловски (60). И тогаш, наместо да се расветли случајот за смртта на Јорго, лекарите и тогашното раководство на болницата, тие денови задоцнија со одговорите што требаше да ги прикажат објективната стварност и фактичката состојба што точно се случило.
„Нова Македонија“ во серија истражувачки написи за ненадејната смрт на Јорго Ангеловски (во јавноста омилен битолчанец, познат под прекарот Битолскиот Беќар) откри низа факти и настани во редослед што помогна во што поголем степен да се утврдат фактите и вистината за немилиот настан.
– Јана не можеме да ја вратиме назад, ама сакаме колку што е можно да спасиме многу други дечиња за да не ја доживеат судбината на нашата малечка и непреболена Јана – беше пораката упатена на протестот што се одржа поради прераната смрт на шестгодишната Јана, која пред десетина дена почина во Клиничката болница во Битола додека примала инфузија.
Токму затоа, сега кога Битола повторно е сѐ уште во тага поради смртта на Јана и кога во градот под Пелистер секојдневно се плетат разни приказни за тоа од што почина и дали некој е виновен за нејзината смрт, расветлувањето на овој случај од страна на надлежните институции мора да биде организирано педантно, законски, брзо и ефикасно.
Од мини-анкетата во Битола, граѓаните „се плашат да не се повтори случајот со смртта на Јорго Ангеловски, чија смрт пред 10 години во Клиничката болница длабоко ги потресе битолската и пошироката јавност“. Таа смрт остави лузна на колективната меморија на битолчани, а ова повторување на еден сличен случај значи само дека воопшто не учиме на искуствата, а разочарувањата во јавниот здравствен систем сѐ повеќе се продлабочуваат.

Повторно инфузијата беше фатална

Случајот на малата Јана Христовска, како и смртта на битолскиот беќар Јорго Ангелевски (60) пред 13 години, уште повеќе ја потресе битолската јавност со „коинциденцијата“ дека двајцата почина по добиена инфузија во битолската болница.
Да се потсетиме на првиот случај.
Наместо стручните служби и менаџментот на Клиничката болница да направат сѐ за да ги откријат причините за смртта на пациентот Јорго Ангелевски, тие се „прпелкаа“ во некакви јалови обиди да дојдат до вистината. Очигледно е дека изостанува организираноста на т.н. „кризен менаџмент“ и отсуствува ефикасноста. Тие, освен што упатија штуро соопштение дека истражните органи работат на расветлување на случајот и дека „додека не стигнат анализите од токсиколошкото вештачење од Судска медицина, тие немаат што да ѝ соопштат на јавноста“, немаше никакви други информации.
Како што лекарите навикнале да ги изолираат болните кога е во прашање некое опасно вирусно заболување, така и за тој случај во битолската болница владееше целосна изолација и молк за случајот и никој ништо не зборуваше. Во првите денови по немилиот настан од смртта на пациентот Ангелевски, директорот на болницата дури ја суспендира одлуката на Дисциплинската комисија и го отфрли нивниот предлог лекарката и сестрата од службата за ургентна медицина да се казнат со јавна опомена.
„Нова Македонија“ тогаш започна да го истражува случајот за кој јавноста имаше особен интерес и благодарение на исказите на некои лекари и други лица, кои сакаа да се расветли мистериозната смрт на Јорго Ангелевски, весникот со голем број истражувачки текстови презентира факти и елементи на фактичката состојба од немилиот настан.

Новинарите истражувачи чувствуваат силни притисоци одзасегнатите страни

Во тие денови кога се истражуваше случајот со смртта на пациентот Ангелевски, „Нова Македонија“ и нејзиниот дописник беа подложени на невидени притисоци и закани да не пишуваат за овој случај. На сите лекари во болницата од сите одделенија им беше забрането да комуницираат со нашиот дописник. Но и покрај сите притисоци и закани, истражувачките статии на дописникот прикажаа низа елементи, вистина и факти што придонесоа докрај да се расветлат околностите под кои почина Битолскиот Беќар.
Потоа, паралелно со дисциплинската постапка за вработените во службата за ургентна медицина за смртта на Јорго Ангеловски се водеше и истражна кривична постапка.
За потсетување, кога веќе, пак, случајот се процесира пред надлежното судство, по низа процедурални судски перипетии, одговорноста беше утврдена кај техничарот на службата З.Д., кој беше обвинет за кривичното дело убиство од небрежност, затоа што тој од тубата на Јорго Ангеловски наместо да му даде инфузионен раствор, тој му дал „доместос“, средство за хигиена. Подоцна тој беше осуден со условна затворска казна.
За случајот со Јорго Ангелевски, авторот на истражувачките стории, Менде Младеновски, во 2014 година беше прогласен за новинар на годината.


Петгодишната Јана била соодветно третирана,
според комисијата на Министерството за здравство

Комисијата за стручен надзор за случајот со лекувањето на петгодишната Јана во Клиничка болница во Битола констатира дека според анамнезата, клиничкиот преглед и работната дијагноза се преземени соодветни чекори во однос на анализи, третман и опсервација на пациентката.
– Од анамнезата има податок за прележан ковид-19 пред шест месеци. По направените лабораториски анализи, наодите укажувале на мускулно-воспалителна реакција со покачени вредности на креатин киназа и креатин киназа MB во рамките на вирусен инфект, кој го зафатил и срцевиот мускул, со покачена вредност на срцевиот ензим тропонин – се вели во извештајот.
По влошување на состојбата, заклучок на комисијата е дека се преземени потребните чекори во согласност со медицината базирана на докази и клиничката слика на пациентката. Комплетниот извештај од комисијата за стручен надзор ќе биде проследен до Јавното обвинителство.
Петгодишното девојче почина на 22 март, по примена инфузија во болницата во Битола. Девојчето било донесено со температура и дехидрирано поради повраќање, па докторите му дале инфузија, по што му се влошила состојбата. Сепак, родителите имаат основи на сомневање кон лекарите, за кои сметаат дека направиле грешка при лекувањето.