Поминатата километража на еден автомобил всушност ги покажува неговата старост и амортизација, независно колку делови му се променети на автомобилот. Според познавачите со кои се консултираше екипата на нашиот весник, километражата е првиот податок што го интересира секој купувач кога купува возило. Факт е дека колку повеќе има поминато едно возило, толку е потешко да се продаде, а постои и точен број на поминати километри што купувачите при купување не би сакале возилото да ги надмине. Прагот е од 150 до 200 илјади километри

За дилемите на купувачите и продавачите на користено патничко моторно возило

Една од најболните теми за секој што сака да купи половно возило е поминатата километража на возилото, независно во колку добра состојба се наоѓа автомобилот. Од друга страна, пак, секој што продава половно возило, свесен е дека со секој изминат километар плус, потешко ќе го продаде возилото, па често многумина се одлучуваат дури и на враќање на километражата односно на извозените километри, со што лажно „се подмладува“ автомобилот што се продава. Оттука се поставува прашањето по колку поминати километри е тешко да се продаде автомобил.

Кога доаѓа првиот поголем сервис

Поминатата километража на еден автомобил всушност ги покажува неговата старост и амортизација, независно колку делови му се променети на автомобилот. Според познавачите со кои се консултираше екипата на нашиот весник, километражата е првиот податок што го интересира секој купувач кога купува возило. Факт е дека колку повеќе има поминато едно возило, толку е потешко да се продаде, а постои и точен број на поминати километри што купувачите при купување не би сакале возилото да ги надмине. Прагот е од 150 до 200 илјади километри.
– Всушност, таа е и километражата по која во Македонија најчесто се продаваат половните автомобили, бидејќи во тој интервал возилото ги покажува првите поголеми знаци на амортизација, кога најчесто треба да се изврши голем сервис на возилото, а возачите избегнуваат да ги прават таквите сервиси, па најлесно им е да ги продадат возилата. Кога возилото ќе го исполни тој број на поминати километри, возачите најчесто треба да сменат ремени, куплунг-сетови, се јавува затнување на ДПФ-филтерот и на катализаторот, кои се делови за прочистување на издувните гасови на возилото, а кои не само што се скапи туку и предизвикуваат сериозни проблеми, особено на модерните возила што имаат компјутери. Таквите сервиси се доста скапи и чинат во зависност од моделот на автомобилот, но не се помалку од 200 евра, секако, доколку се купат оригинални делови. На пазарите има и фалсификувани делови, кои имаат драстично пониски цени, но се без гаранција и не го нудат потребниот квалитет, а се закануваат и да предизвикаат друг дефект на возилото – вели Горан Петревски, професионален возач и вработен во дијагностички центар за автомобили.
Според сопствениците на автоплацови, тешко е да се продадат возилата со над 200 илјади поминати километри.
Веројатноста да се најде купувач за вашето возило зависи првенствено од механичките и психолошките импликации зад одредени километри. Продажбата пред да достигне автомобилот 50.000-60.000 километри е генерално вашата најдобра опција, затоа што општите гаранции на многу производители на автомобили истекуваат околу тој стандард, а според Благоја Димитриевски, тогаш се случуваат минимални потреби за сервис, па речиси никој и не продава возило со толку мала помината километража.
– Друга километража што треба да се земе предвид е да се продаде возило пред да достигне помеѓу 90.000 и 110.000 километри. Гаранциите за погонските единици често истекуваат во тој опсег на километражата, а по истекот на гаранцијата обично следува првиот малку поголем циклус на одржување на возилото – вели тој.
Сепак, возилата што надминуваат 100.000 километри често создаваат психолошка бариера кај купувачите, дури и ако моделот работи добро. Но, според него, со оглед на тоа што на пазарот понудата на возила е најчесто со поминати од 150 до 200 илјади километри, купувачите најчесто проверуваат други работи, како работење на моторот, дали возилото чади, дали е предницата „стегната“.

Враќање на километражата!?

Сепак, многу од возилата со поминати од 150 до 200 илјади километри, всушност поминале барем двојно повеќе, а купувачите не го знаат тоа благодарение на автомобилските хакери, кои успешно ја враќаат километражата назад, правејќи го возилото „поново“ отколку што всушност е.
Манипулациите со враќање на километражата порано се вршеа со рачно враќање на бројчаникот, но сега тој е дигитализиран и затоа е многу полесно, барем за експертите, бидејќи денес речиси никој не знае како да ракува со автомобилскиот компјутер.
– Во ерата на електрониката, бројачот им припаѓа на функциите на модулот на таблата со инструменти, а податоците за километражата се складираат во меморијата ЕПРОМ (Erasable Programmable Read-Only Memory). Оваа меморија може да се избрише или репрограмирање со отстранување на таблата со инструменти. Полесен начин да направите промени е да го поврзете дијагностичкиот уред со кабел со дијагностичката порта на системот ОБД (On-Board Diagnostic). Процесот на враќање на километражата трае само 30 секунди и некаде чини од илјада до три илјади денари – вели човекот со кого се консултираше нашата новинарска екипа, кој знае како да се врати километража и кој редовно го прави тоа, но кој, поради сензитивноста на темата, сакаше да остане анонимен.
Тој вели дека продавачите најчесто ја бришат таа километража, а не и онаа што е меморирана во моторот, која исто така лесно може да се провери доколку се поврзе со ОБД.
– Па така, кога ќе дојде купувач што сака дијагностика на возило за кое на таблата со информации стои дека поминало 150 илјади километри и кога ние ќе го поврземе, добиваме информација дека возилото всушност поминало неверојатни 400 илјади, па и 500 илјади километри, купувачите занемуваат. Оваа „истрага“ всушност чини малку поскапо од обичната, до стотина евра – вели тој.
Тој вели дека некои автомобили, сепак, складираат податоци за километражата во неколку различни модули на возилото. На пример, во возилата во кои се користи електронски клуч за отклучување и заклучување, бројот на поминати километри се запишува во меморијата на клучот.

Па, како да се заштитите од оваа измама?

Меѓутоа, ако сакате да купите користен автомобил и се сомневате дека има манипулација со километражата, однесете го автомобилот во сервисен центар за да ја споредите километражата содржана во меморијата на модулот и на километражата. Важно е ова да се направи пред да се купи, бидејќи тешко е да се открие кој точно ја вратил километражата потоа.
Со оглед на тоа дека оваа практика е незаконска, познавачите објаснуваат како продавачот наоѓа услуга што ќе манипулира со броилото.
– Продавачот што сака да ги фалсификува бројките дознава за местото каде што може да ги смени цифрите најчесто преку пријател, по препорака. Има повеќе места каде може да ја добиете оваа услуга, но, секако, никој јавно не се фали со тоа, бидејќи сепак станува збор за фалсификување бројки – објаснуваат познавачите.
Дека враќањето на километражата на возилата денес е многу едноставна процедура докажува и тоа што на интернет-огласите во соседна Србија можете да најдете универзални уреди за корекција, по цена од околу 30.000 динари, односно 15 илјади денари. Од друга страна, за одредени марки возила чинат значително помалку – околу 2.500 денари.
Од тие причини, на купувачите им се препорачува да не купуваат автомобил без претходна сервисна проверка на точноста на податоците на автомобилот, како и на самото возило.

[email protected]