Мизрахи, како поранешен претседател на Еврејската заедница во Македонија, неодамна се обрати со отворено писмо до јавноста или, како што самиот напиша на социјалните мрежи, со отворено писмо до Македонците и до граѓаните на Македонија, во кое се осврнува на одредени актуелни прашања и случувања во државата. Писмото на Мизрахи го пренесуваме во целост
Со векови сме крвареле, со векови трае борбата за национална, слободна и независна Македонија.
Само по последната илинденска епопеја, во НОБ дадовме преку 25.000 жртви, од кои 7.144 Евреи. Заедно крвариме од секогаш, од Илинден и Рафаел Камхи до депортацијата на 7.144 Евреи.
А таа депортација ја изврши царска Бугарија, Филов, Габровски и Белев… не бугарскиот народ. Тие беа окупатори и фашисти, а не администратори. Ниту еден од депортираните не преживеа.
Колозова и Малески, Османи, Ковачевски, Маричиќ, пратеници, бугарските војски не беа ослободители, а Евреите не ги депортираа Македонци.
Ги депортираа бугарските фашисти. Ќе ги депортираа и бугарските Евреи, но нив, за среќа, успеаја да ги одбранат бугарските интелектуалци, Бугарската православна црква, Пешев и бугарскиот народ.
Тоа можете да го видите и од расправите во нивниот парламент.
Ако немате доволно знаење, постојат оригинални документи за тоа кој наредил окупација на Македонија и депортација, а за истите тие ви стојам на располагање во секој момент.
Погледнете ги поставките во Вашингтонскиот меморијален центар, Јад Вашем, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, па размислете за вашите изјави.
Не разбирам како вашите студенти ги слушаат ваквите ваши изјави.
Одете со вашите студенти во Треблинка и видете го камен-обележјето на трагедијата на Евреите од Македонија.
Не праќајте ги Евреите во гасните комори по вторпат. Не горете ја пепелта по вторпат. Не менувајте ја историјата за да постигнете ваши политички или материјални цели. Кој ќе ја заборави историјата, нема да постои. А вашите политички цели нема да се исполнат. Македонскиот народ нема да го заборави ниту да го прости ова.
Виктор Мизрахи
(Авторот е поранешен претседател на Еврејската заедница во Македонија)