Добивањето на највисокото место во Алијансата, според мислењата на соговорниците, е прашање на заткулисни договори и лобирање за да се добие едногласна поддршка од сите 31 членка – што не секогаш ги фаворизира предвремените кандидати
Почна кампањата за генерален секретар на НАТО-алијансата
Холандскиот премиер Марк Руте е еден од кандидатите за преземање на функцијата шеф на НАТО, откако тој јавно неодамна ја потврди својата заинтересираност. Но тој ќе мора да ја надмине недоследноста што неговата матична земја, Холандија, бележи незначителни издатоци за одбрана, што е сосема спротивно и на заложбите и на официјалните заклучоци на врвот на НАТО. Надминување на таа недоследност може да ги зголеми и шансите холанѓанецот Руте да биде прв меѓу кандидатите за генерален секретар на Алијансата.
Според реномираниот медиум „Политико“, досега владите официјално не зборувале за кандидатурата на Марк Руте, но тројца високи европски функционери што биле извори за „Политико“ и на кои медиумот им загарантирал анонимност, изјавиле за споменатиот медиум дека „се очекува тој (Руте) да добие широка поддршка“.
Еден од изворите за медиумот предвидел и дека ќе биде поддржан од земјите од источното крило, за кои главното прашање е ставот на кандидатот за Русија и Украина.
– Руте ја има предноста да биде многу искусен политичар од земја што традиционално е преносен појас помеѓу гледиштата на англосаксонската и континентална Европа. Поголемите земји членки на НАТО би можеле да го гледаат како добро компромисно решение – рече Бен Шреер, извршен директор на канцеларијата во Берлин на Меѓународниот институт за стратегиски студии.
Повеќе соговорници со кои се направени консултации се согласуваат со ставот изнесен и во реномираниот „Политико“ дека „добивањето на највисокото место во Алијансата е прашање на заткулисни договори и лобирање за да се добие едногласна поддршка од сите 31 членка – што не секогаш ги фаворизира предвремените кандидати“.
Клучна е наклоноста на САД
Шефот на НАТО, исто така, треба да добие признание од САД, најважната членка на Алијансата. Засега Руте нема баш најдобри препораки меѓу законодавците од Вашингтон.
– Можеби сум го сретнал, но не се сеќавам – рече републиканскиот сенатор Мит Ромни. Друг клучен републиканец, сенаторот Линдзи Греам, рече: „Не го познавам. Не ѕвони ѕвончето“.
Демократите не се многу подобро информирани.
– Не го познавам. Слушнав дека неговото име лебди, но освен тоа не слушнав ништо друго – рече сенаторот Џин Шахин. Претседавачот за надворешни работи на Сенатот, Бен Кардин, е оној што навистина го познава Руте, велејќи дека има „голема почит кон него“, но додава: „Не сум разговарал со него неодамна. Сè што знам за него е позитивно“.
Покрај тоа што има долго политичко досие во водењето на НАТО низ тековната војна на Русија против Украина, друго важно внимание е искуството на Руте во справувањето со Доналд Трамп, во случај поранешниот претседател да се врати на изборите во САД следната година.
– Руте веќе беше таму кога Трамп беше наоколу, па тоа помага – рече едно од официјалните лица.
Кој е Мајк Руте и по што е препознатлив при водењето на политиките
Руте, 56-годишен Холанѓанец, кој ја води петтата по големина економија во ЕУ веќе 13 години, долго време се шпекулира дека е заинтересиран за преселба во НАТО со оглед на тоа што неговата кариера во националната политика ќе заврши по општите избори во Холандија, на 22 ноември. Во неделата, тој се отвори за својата амбиција во интервју за радиостаницата Ден Хаг ФМ, велејќи дека работата на генералниот секретар „би била интересна бидејќи би понудила шанса да придонесе неколку години на меѓународната сцена во период од драматични глобални промени“.
Потоа следуваше телефонски разговор во понеделникот со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Неговата влада внимателно се позиционираше како еден од најсигурните партнери на Украина.
Кога администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден првпат реагираше млако во врска со обуката на украинските пилоти да управуваат со борбени авиони „Ф-16“, Холандија го презеде водството во јули – заедно со Данска – во формирањето центар за обука во Романија и потенцијалното пренесување на авионите од високата класа во Киев. На САД им требаше до октомври за конечно да се согласат да ја водат иницијативата.
– Ви благодариме и за одлуката во врска со авионите. Тие ќе ни помогнат да го контролираме небото – му рече Зеленски на Руте.
Сето тоа беше дел од постојаното оддалечување од Русија за Руте, кој во 2011 година весело застана до поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев и тогашната германска канцеларка Ангела Меркел при откривањето на проектот за гасоводот „Северен тек“ за испраќање руски гас на запад кон ЕУ.
Иако Холандија продолжи да купува гас од рускиот гасовод сè додека не беше прекинат од „Газпром“ во мај минатата година, Руте постепено се префрлаше во кампот на скептици кон Русија – динамика забрзана со соборувањето на летот MH17 на „Малезија ерлајнс“ во 2014 година над источна Украина, кога беа убиени 198 холандски граѓани.
– Тој никогаш не бил руски јастреб. Но тој се разви во многу верен поддржувач на Украина – рече Рем Кортевег, виш научен соработник во институтот „Клингендал“, холандски аналитички центар.
Најважната задача за наследникот на Столтенберг, сепак, би била управување со уште едно претседателство на Трамп. За време на првиот мандат на Трамп, американско-холандските односи беа релативно стабилни, а Руте дури и ги критикуваше „елитите што пијат бело вино“ на неговата земја затоа што ги критикуваа Трамп и неговите напади кон меѓународните организации како ЕУ и НАТО.
Тоа ќе биде многу построг чин што треба да се повтори во секое второ претседателство, бидејќи Трамп, наводно, размислува за повлекување на САД од НАТО ако се врати во Белата куќа.
Трамп жестоко ги критикуваше земјите од НАТО дека трошат премалку за одбрана на сметка на САД. Холандија беше еден од најлошите прекршители: во 2014 година потроши само 1,14 отсто од својот БДП за одбрана, додека Алијансата има цел трошење од 2 отсто. Годинава Хаг ќе потроши 1,7 отсто од БДП и се согласи да потроши 2,03 отсто во 2024 година и 2,01 отсто во 2025 година.
– Главниот проблем на Руте ќе биде износот на трошоците за одбрана. Тој седеше на масата на самитот на НАТО во Велс во 2014 година кога беше договорена обврската за трошоците за одбраната и оттогаш е премиер. Но тој не ја исполни таа обврска – рече европски функционер.
И полот игра улога кај кандидатите за генерален секретар на НАТО?
Од создавањето на НАТО во 1949 година, Алијансата отсекогаш бил управувана од маж. А Руте, доколку ја добие работата, би бил четвртиот Холанѓанец на оваа функција, победувајќи ги сите други националности.
– Постојат многу големи шанси, со оглед на политичката поддршка за тоа, оваа работа да ѝ припадне на Европејка – рече Руте во интервјуто за едно радио. „Што исто така би било многу добро“.
Засега постојните кандидатки се соочуваат со спротивставени ветришта. Естонската премиерка Каја Калас е еден од водечките гласови во светот за поддршка на Украина, но некои во Западна Европа и во САД веруваат дека балтичката шефица на НАТО би била премногу провокативна за Москва.
Данската премиерка Мете Фредериксен е уште еден кандидат за кој се шпекулира, иако некои земји од НАТО се преплашени да назначат трет нордиски генерален секретар по ред по Столтенберг и Данецот Андерс Фог Расмусен.
Франција, од друга страна, јасно стави до знаење дека следниот лидер треба да биде од Европската Унија, ставајќи вето на тешките позиции, како канадската вицепремиерка Кристија Фриланд, која има украинско потекло, како и поранешниот британски министер за одбрана Бен Валас.
Сè уште потенцијално во комбинација е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, иако таа во моментов се бори за уште еден мандат на највисокото место во ЕУ. Р.С.