Експертите укажуваат дека како држава треба да ги држиме што е можно подолго термоцентралите во погон / Фото: Архива

Инстантно преструктурирање на т.н. „зелено сценарио“ кај нас може да предизвика сериозни последици. На Македонија ѝ треба еволутивна транзиција кон зелена енергија, а не брзо затворање на објектите. Нам ни треба постепено вклучување обновливи извори на енергија, затоа што брзо и непланско преоѓање на извори што не ги задоволуваат стопанските и граѓанските потреби, како и скапото чинење на такво производство, во пакет со вклучување на неподготвена мрежа и систем носи ризик, нестабилност, неконкурентност…

Базното производство на електрична енергија да се користи во полн капацитет додека трае зелената транзиција во наредните 20-30 години

За да се намалат цените на струјата, потребно е Македонија да произведува домашна електрична енергија, произведена од базни ресурси. Навистина, голем е проблемот што нашата земја како мала и увозно зависна сѐ уште се потпира на купување електрична енергија бидејќи со години не сме вложиле во електроенергетскиот систем. Хроничен стрес за стопанството, граѓаните и бизнисот е што од осамостојувањето тие стравуваат за стабилно снабдување со електрична енергија, а во последниве години и дали ќе има зголемување на цената. Недостигот од електрична енергија и цените укажуваат на потребата од редовно и сигурно снабдување со овој енергент, каде што повторно се наметнува прашањето како да се дојде до стабилно снабдување со струја, но и колку обновливите извори на енергија може да помогнат во овој процес. Наедно, тука се протнува и уште едно прашање во однос на инсистирањето на ЕУ за отстранување на фосилните горива. Со оглед на тоа што во Македонија најголемиот дел од индустриските капацитети ги користат фосилните горива во производствениот процес, дали може да ни се случи крахирање на овие погони со исфорсирана и необмислена енергетска транзиција кон т.н. зелена енергија?
Со Парискиот договор за климатски промени е предвидено во 2050 година да има нето нула емисии на стакленички гасови. Тоа значи елиминација на употребата на фосилни горива. Дали може да се постигне оваа поставена цел? Богатите земји се во многу поповолна ситуација, имаат пари за финансирање на новите технологии. Но Македонија е една од посиромашните земји, земја во развој и без финансиска помош и субвенционирање не може да го постигне тоа.

Според професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, за реализација на огромно производство од обновливи извори на енергија е потребно време и, според европската енергетската стратегија, државата треба да го напушта јагленот во следните две децении, а тоа меѓу другото е поради еколошкиот аспект – загадувањето и климатските промени. За тоа колку се реални овие планови, Филкоски вели дека со некои аспекти на енергетската стратегија се согласува, а со некои не, и за нив вели дека има мошне критично мислење, особено со настапот за зеленото сценарио.
– Тоа зелено сценарио кај нас може да предизвика сериозни последици. Нам ни треба еволутивна транзиција кон зелена енергија, а не брзо затворање на објектите. Сметам дека е потребна градба на нов блок на природен гас со моќност од 300 мегавати, потоа можеби уште еден, но ќе треба да се обезбеди дополнително снабдување со гас, затоа што капацитетот на гасоводот може да биде доведен до некоја горна граница. Потоа, постепено вклучување на обновливи извори на енергија, затоа што преголемо вклучување на неподготвена мрежа и систем носи нестабилност – потенцира Филкоски.
Филкоски смета дека една од главните причини за енергетската криза во европските земји бил и е обидот за пребрза, исфорсирана и необмислена енергетска транзиција кон т.н. зелена енергија и затворањето на голем број класични термоенергетски објекти (на фосилни горива и нуклеарни постројки).
– Важна поука од состојбите во енергетскиот сектор е дека треба да се одржуваат домашните енергетски објекти, а не да се избрзува со нивно затворање. Исклучително е важно да се вложат искрени сериозни напори за изградба на нови објекти, заради покривање на базните потреби за енергија. Најреална опција за постепена замена е изградба на комбинирани гасно-парни термоенергетски блокови на природен гас. На пример, одлично би дошле една или две комбинирани гасно-парни постројки на природен гас од типот на ТЕ-ТО. Нивната цена последниве години е мошне прифатлива, а по својата техничка природа се карактеризираат со одлични перформанси во однос на енергетската ефикасност, флексибилностa и можностa за релативно брзи промени на оптоварувањето. Тоа оди во прилог на комбинација на таквите постројки во енергетски систем со позначително учество на ОИЕ – дополнува Филкоски.
Професорот нагласува дека постепена енергетска транзиција во Македонија е неопходност и нешто неминовно во наредните децении, но можностите за брза транзиција се мошне ограничени, речиси и нереални, поради повеќе причини.

Според соговорниците, кои се искусни експерти од областа на енергетиката, треба да ги држиме во производство што подолго термоцентралите во РЕК „Битола“, додека има јаглен и додека издржи опремата, иако е стара. Тие како пример ја наведуваат Полска, која има производство на електрична енергија претежно на јаглен и нема скоро да се откаже од тоа, иако е членка на ЕУ и користи многу финансии како поддршка од ЕУ…

– Прашањето за т.н. чиста енергија е исто така дискутабилно, затоа што секогаш кога има одреден процес на енергетска конверзија, има и влијание врз околината. Тоа особено е точно ако зборуваме за целокупниот животен циклус на објектот или постројката. Значи, нема клучен момент за диверзификација на производството на енергија, туку тоа треба да биде процес. Моето мислење е дека за земја како Македонија е потребна постепена енергетска транзиција со еволутивни чекори, со оглед на нивото на економски и севкупен развој. Притоа, мора да се води сметка за финансиско-економските можности на населението, карактеристиките на енергетскиот сектор, состојбата на електропреносната и дистрибутивната мрежа, степенот на поврзаност со соседните системи и други фактори – објаснува Филкоски.
Целосен премин кон ОИЕ, како што вели тој, засега е тешко достапна цел дури и за многу побогати држави, со многу подобро интегрирани електроенергетски системи со соседните земји, како на пример Словенија и Чешка.
– Сметам дека е потребно напуштање на јагленот, но не на многу краток рок, туку во период од 20 до 30 години. Во меѓувреме, одговорните треба да се погрижат за соодветна замена. Блоковите од РЕК „Битола“ секако ќе бидат постепено затворани, но тоа не смее да се случи веднаш или во наредниве две-три години. Најреална опција за постепена замена е изградба на комбинирани термоенергетски блокови на природен гас – смета Филкоски.
Според универзитетскиот професор Ристо Цицонков, иако Владата зборува за енергетска транзиција за „зелена енергија“ тоа повеќе останува на зборови, истакнувајќи дека има многу инвестиции кај нас со вградување фотонапонски централи (фотоволтаици), но тоа го прават приватните фирми за кои купувањето електрична енергија на отворен пазар е многу скапо.
– Државата досега има инвестиции во фотоволтаици кај Осломеј – Кичево и планира кај РЕК „Битола“ во иднина. Но тоа е премалку за да биде замена за сегашните термоцентрали на јаглен, кои во РЕК „Битола“ се со трипати по 230 мегавати, a во Кичево со 120 мегавати, а пак ТЕЦ „Неготино“ (мазут) со 220 мегавати. Ќе дојде момент кога РЕК „Битола“ не ќе може повеќе да биде во функција, а Македонија ќе нема изградено доволно нови капацитети со ОИЕ. Според мене, иако не е еколошки, треба да ги држиме во производство што подолго термоцентралите во РЕК „Битола“, додека има јаглен и додека издржи опремата, иако е стара. Како пример, ќе ја наведам Полска, која има производство на електрична енергија претежно на јаглен и не верувам дека скоро ќе се откаже од тоа иако е членка на ЕУ и користи многу финансии како поддршка од ЕУ – појаснува Цицонков.
Тој нагласува дека прашањата за енергија се неизбежно поврзани со климатските промени, а тие постојано се зголемуваат, а ќе има и трајни последици и фосилните горива мора да се отстранат од употреба и да се воведат ОИЕ. Исто така, тој ја истакна важноста на енергетската ефикасност со која треба да се намалат потребите (потрошувачката) на енергија.
– Борбата против климатските промени зависи од многу фактори и почнува лично од секој поединец и семејството, па на ниво на локални заедници и држави и на меѓународно т.е. глобално ниво. Процесот на декарбонизација главно треба да се одвива во енергетиката, и тоа во неколку сектори: згради (станбени, комерцијални и јавни), индустрија, производство на електрична енергија и транспорт. Главна цел е намалување на потребите за енергија преку зголемување на енергетската ефикасност и премин од фосилни горива кон обновливи извори на енергија (сонце, ветер и биомаса), или т.н. чиста енергија. Оваа енергетска транзиција не е едноставна работа и ќе трае најмалку неколку децении, при што се потребни и вложувања на големи финансиски средства – објаснува професорот Цицонков.
Како што укажува тој, за побогатите (развиените) земји е полесно да ги обезбедат тие инвестиции, но за земјите во развој, како нашата, тоа е поголем товар поради помалиот економски потенцијал, па затоа им е потребна финансиска помош. ЕУ треба да направи модел на енергетска толерантност за помалку развиените држави и да дозволи да се произведува енергија од базични извори.
– Ова особено се однесува на посиромашните земји, кои не се ни малку виновни за климатските промени бидејќи имаат малo учество во емисиите на стакленички гасови, а од друга страна се често погодени од временските катастрофи, како што е случајот со Македонија – вели Цицонков.