Недопирливоста, неказнивоста и немањето одговорност кај раководните структури во општеството со години, па и со децении се провлекуваат како сериозна системска аномалија во функционирањето на државата. Во секоја нормална демократска земја контролните механизми се тие што постојано им висат над глава на функционерите, без разлика дали станува збор за политичари, судии, обвинители, министри итн., не дозволувајќи им да направат какви било противправни или коруптивни дејанија, а уште помалку да минат без одговорност и неказнето ако се утврди дека ги прекршиле законите. Има ли вакви контролни механизми и во Македонија, кои се тие и дали тие функционираат во вистинска смисла на зборот
КОНТРОЛНИ МЕХАНИЗМИ ВО ОПШТЕСТВОТО САМО НА ХАРТИЈА (1)
Многубројни афери, скандали, процеси се проткајуваат со години во државата во кои се вмешани функционери од секаков калибар, но она што е заедничко за сите нив е тоа што речиси никогаш не се понесува некаква одговорност, а уште помалку некој бил казнет за незаконските дејства.
Ваквиот систем на неодговорно однесување го создадоа оние што за три децении самостојност на државата не успеаја да изградат функционални тела што ќе ја стават под лупа работата на секој функционер и ќе алармираат секогаш кога ќе забележат дека тој излегува надвор од неговите надлежности.
За жал, во Македонија разните комисии и тела за контрола на функционерите и институциите, предвидени во уставноправната и законска регулатива, фигурираат само како тела што повремено се состануваат колку да се добие впечаток дека нешто се работи. Но во пракса, ниту еден функционер не се појавува пред нив кога ќе биде повикан да образложи некоја своја постапка или одлука, а уште помалку јавно да даде отчет пред некое законски предвидено контролно тело. Што е уште пострашно, истите тие функционери дури и не сметаат дека некој треба да ја контролира нивната работа, туку си земаат за слобода сами да одлучуваат како ќе постапуваат на позицијата на која се назначени, без оглед што нивната (не)работа се рефлектира и врз државата, но и врз граѓаните. Тука треба да се бараат причините зошто никој за ништо во оваа земја не презема одговорност, односно не дава отчет.
Контролни тела формирани само за да ѝ се замачкаат очите на Европа?!
Македонија, во согласност со нејзините европски заложби, низ годините ги преслика препораките и искуствата на другите европски земји и формалноправно низ законите се предвидоа контролни тела што треба да ја надгледуваат работата на Собранието, на Владата, на министрите, на разни други раководители, директори… На хартија сето тоа е предвидено, теоретски -функционално, но во реалноста, во практиката, ништо од тоа не функционира. Но да тргнеме со ред.
Граѓаните се тие што на секои избори им го даваат мандатот на пратениците и истите тие граѓани на некој начин треба да бидат контролното тело на работата на Собранието, односно на пратениците на кои граѓаните им го доверуваат мандатот. За жал, изборниот модел во земјава не дозволува вистинска граѓанска контрола врз работата на народните избраници, туку сè се сведува на приемни денови во канцелариите на пратениците, кои во 99 отсто од случаите се затворени за граѓаните. Кога нема граѓанска контрола, нема можност за отповикување пратеник, тогаш партиските лидери се единствените контролори на пратениците, кои им наложуваат како да се однесуваат, како да гласаат, за какви политики да се заложуваат и слично. Без вистинска граѓанска контрола парламентот се претвори во нефункционална државна институција што работи најмалку во интерес на граѓаните, а најмногу за партиите.
За да биде апсурдот уште поголем, вака нефункционалното собрание треба да ја контролира работата на Владата, но кај нас ситуацијата е обратна, Собранието е обична гласачка машина што е контролирана токму од Владата. Затоа оние десетици собраниски комисии и тела, како за политички систем и односи меѓу заедниците, Законодавно-правната комисија, комисијата за одбрана, за образование, за култура, за буџет, за надзор на разузнавачките служби, за надворешни работи, за европски прашања, за труд и социјална политика, кои, меѓу другото, имаат улога и да ја контролираат работата врз министрите на секторот во нивна надлежност, со часови се натегаат поради немање кворум, политички интервенции, разни дворски игри и слично. На крајот следува откажување на комисиската седница, не се појавува функционерот што е повикан и едноставно нема никаков ефект од нивното работење како нечиј контролен механизам.
Тоа беше особено евидентно во екот на бугарско-македонските преговори, кога собраниската комисија во неколку наврати го канеше шефот на дипломатијата, Бујар Османи, да сподели детали околу преговорите со Софија, но тој не се одзиваше на поканите на комисијата и преговорите ги водеше во тајност до последен момент, за на крајот да резултираат со фамозниот француски предлог и вметнати протоколи во преговарачката рамка, поради што Македонија влегува во уште подлабока криза предизвикана од условувањата за промена на Уставот ако сака да продолжи со преговорите со ЕУ.
Пред извесно време ниту поранешниот прв човек на Агенцијата за национална безбедност не им угоди во целост на барањата на Комисијата за контрола на безбедносните служби за да објасни точно како лице од црната листа на САД завршило со добивање македонско државјанство. И не е само тоа. Амбасадори беа испраќани во странски земји без да ги образложат својата програма и план за работа пред надлежните комисии, а уште помалку да реферираат по завршувањето на мандатот. Иако улогата на Судскиот совет е да биде тој контролен механизам врз судството што ќе ги обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, тој како контролно тело не само што не го прави тоа туку се става во функција на секоја власт и го испорачува она што од него ќе го побараат политичките елити. Затоа ни се случува на зачудувачки начин да се избира обвинител за гонење организиран криминал, поранешна обвинителка да бара помош од странски амбасади, афери за непотизам да ја тресат Академијата за судии и обвинители и никој пред никого ниту одговара, ниту пак образложува што навистина се случува.
Уставниот суд е контролниот механизам што треба да се грижи за уставноста на законите што се носат, но и тој е на работ на кворум, голем број иницијативи стојат во фиока заклучени со години, а во оптек се многу закони што сериозно отстапуваат од уставните нормативи, како Законот за употреба на јазиците, но поради политички мир, судот не се изјаснува за овие прашања или, како по обичај, ќе се прогласи за ненадлежен.
Државната комисија за спречување корупција е главната што треба да алармира за случаите со корупција меѓу функционерите, но нејзиниот глас никој не го слуша. Политичарите во анкетните листови не ја прикажуваат реалната имотна состојба, го кријат имотот под туѓи имиња и се оглушуваат на забелешките на ДКСК. Антикорупционерите во повеќе наврати поведоа иницијативи за повеќе коруптивни случаи поврзани со функционери, но Јавното обвинителство не се изјаснува по овие иницијативи, па јавноста добива впечаток како некој намерно да чека тие да се заборават.
Уште помалку се обрнува внимание на инспекторатите што треба да ја контролираат работата во образованието, во здравството… Учениците со месеци немаат учебници, министерот никаде не реферира за ваквите состојби, а уште помалку чувствува одговорност што една цела генерација ја остава полуписмена. Македонија најтешко се справи со пандемијата на ковид-19 и повторно ниту еден контролен механизам не ја утврди одговорноста зошто се случи последни да добиеме вакцини, последни да имаме протоколи за лекување, да сме на врвот според смртноста од ковид, но и живи да ни изгорат луѓе по болници.
Контролата е клучна во спречувањето на злоупотребите
Во секоја нормална демократска земја контролните механизми се тие што им стојат над глава на политичарите, не дозволувајќи им да направат какви било коруптивни дејанија, а уште помалку да минат без одговорност или, пак, неказнето ако биде утврдено дека не постапувале во согласност со законите. Истовремено, кога функционерите знаат дека нивното работење некој го контролира, тогаш потешко ќе се дрзнат да направат нешто за што подоцна ќе бидат повикани на одговорност, па дури и казнети.
За аналитичарите воопшто не е изненадувачка ваквата состојба бидејќи Македонија, без оглед што тежнее да биде дел од европското семејство, се однесува сосема спротивно.
– Немаме контролни механизми за ништо затоа што ги немаме атрибутите на држава. Ние си играме држава, а во овој момент сме заробеници на две политички партии. Во држава кога не постои владеење на правото, апсолутно не може да се каже дека говориме за некаква држава. Затоа се случува тоа што се случува. Сите тие комисии, тела, инспекторати и слично служат само за удомување партиски кадри. Тоа се само про форма институции колку да се каже дека, еве, нешто сме имплементирале од она што од нас го бара ЕУ, односно тие постојат само да се каже дека постојат, ама немаат капацитет – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, колку повеќе вакви тела, толку повеќе удомени партиски кадри.
– Тие нема ништо да контролираат бидејќи во нив се партиски кадри и нормално дека нема да одат против политиките што во тој момент ги застапува власта, односно оние што ги пикнале во тие тела. Во таква ситуација, нормално е дека нема никој за ништо да одговара. Сè е про форма. Како ДКСК ќе ја контролира борбата со корупцијата, кога ниту една нивна иницијатива нема разврска? Власта ги има сите механизми да преземе чекори ако сака да ги подобри состојбите, но, за жал, ние немаме држава и како граѓани сме заробеници на тие партии. Граѓаните ја плаќаат цената за ова неодговорно работење и однесување – заклучува Пекевски.