Фото: Маја Јаневска Илиева

Иако изјавите на Таравари и на Ахмети околу новиот концепт за избор на претседател на државата многумина ги поврзуваат со некаква предизборна реторика, се покажа дека албанските партии во земјава ништо не изнесуваат случајно и повеќе од извесно е дека тоа ќе се најде како една од точките во преговарачкиот пакет меѓу потенцијалните партнери што утре би требало да партиципираат во идната македонска влада. Досегашните искуства овие три децении покажаа дека политичките пазарења меѓу партиите само за да се задржи власта никогаш не престанале, така што она што деновиве го најавија Таравари и Ахмети како идеја, многу веројатно, порано или подоцна, ќе биде предмет на некаков иден политикантски пазарлак, на штета на ефикасноста на државата и во спротивност на принципите на проверка, контрола и баланс на одлучувањето во институциите

Лидерите од албанскиот политички кампус во земјава со заеднички предлог поврзан со изборот на функцијата претседател на државата

По речиси двомесечните тактички надмудрувања во албанскиот политички кампус во земјава околу тоа дали секој ќе трча со свој претседателски кандидат на претстојните избори, се чини дека и блокот во власта и тој во опозиција се обединија околу една работа, избор на претседател на државата во Собрание со двотретинско мнозинство и со Бадентер.
Имено, на ден пред објавата на „големата вест“ од таборот на Демократската унија за интеграција, претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на вонредна прес-конференција најави дека една од нивните цели, покрај внесување на Бугарите во Уставот и бришење на терминот „20 проценти“ за употреба на јазиците, ќе биде и изборот на претседател на државата во Собрание, со што најголемите функции во државата би се поделиле, како што рече, меѓу двете најголеми заедници.
Ден подоцна лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на прес-конференција ги повика граѓаните тогаш кога ќе се отвори Уставот заради Бугарите, да се внесе и измена со која граѓаните ќе избираат претседател и заменик-претседател во Собранието со двотретинско мнозинство од гласовите, односно со двојно мнозинство, според Бадентер.
И додека обата табора од албанскиот политички блок во земјава деновиве се натегаат околу „авторските права“ на идејата за избор на претседател во Собранието, повеќе од јасно е дека тоа ќе биде следната поставена цел кон која се стремат албанските политички фактори во земјава во следниот период.
Иако многумина ваквите изјави ги поврзуваат со некаква предизборна реторика, се покажа дека албанските партии во земјава ништо не изнесуваат случајно и повеќе од извесно е дека тоа ќе се најде во преговарачкиот пакет меѓу потенцијалните партнери што утре би требало да партиципираат во идната македонска влада.

Во Македонија одамна не е табу етничката припадност на функционерите

Досегашните искуства овие три децении покажаа дека политичките пазарења меѓу партиите само за да се задржи власта никогаш не престанале, така што она што деновиве го најавија Таравари и Ахмети како идеја, многу веројатно, порано или подоцна, ќе биде предмет на некаков иден пазарлак.
Од друга страна, македонската јавност подолго време нема никакви табуа дали некоја функција ќе ја врши Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Србин, Бошњак или од некоја друга етничка припадност, но се покажа дека кога се инсистира исклучиво на етничкиот избор, трпи државата бидејќи наместо квалитетни решенија, добива само задоволување на нечии каприци, од што најмалку полза имаат граѓаните.
Дополнително, практиката покажа дека досегашната масовна злоупотреба на бадентерот и балансерот ја доведе земјава да има целосно нефункционални институции, кои немаат речиси никаков капацитет за спроведување реформи, а уште помалку за преговори со Европската Унија.
Таквите состојби утре многу веројатно ќе се пресликаат и во македонското собрание доколку таму се избира претседател со двотретинско мнозинство и со Бадентер, со што државата ќе се доведе во состојба да не може да избере шеф на државата. Покрај тоа, претседателската функција во земјава, иако со помали ингеренции, сепак е еден вид коректор на извршната власт, а згора на тоа претседателот е и врховен командант на вооружените сили. Од тие причини, изборот на претседател треба да има широк легитимитет од граѓаните бидејќи тој треба да го застапува гласот на народот. Во спротивно, ако изборот на претседател се одвива во Собрание, тогаш неминовно е да се намалат претседателските надлежности и тој да има протоколарна функција, слично како што има германскиот претседател, кој се избира во Бундестагот.

Промената на концептот може да доведе до либанизација на државата

Ставот на повеќето аналитичари е дека промената на моделот за избор на претседател, односно негово избирање во Собрание, само дополнително ќе направи од Македонија нефункционална држава.
Политичкиот аналитичар Сашо Клековски смета дека повиците за избор на претседател во Собранието се само обичен гол популизам и дека за да се случи такво нешто, треба да претстои поширока општествена дебата во еден подолг временски период.
– Станува збор само за гол популизам. За такви промени треба да се разговара повеќе години. Поставеноста на претседателската функција, колку и сите со некаква леснотија да приоѓаат на некаква оцена на претседателската функција, е во насока на идејата претседателот како извршен орган да биде уште една проверка или еден баланс во однос на Владата. Затоа тој има одредени овластувања во одбраната и надворешните работи и дополнително тој е избран на непосредни избори со што има дополнителен неспорен легитимитет, кој во ваквиот случај не е индиректен како кога би се избирал во Собрание. Во сегашниот систем, тој е концептот.
Од друга страна, претседателот што би се избирал во Собрание, Грција има таков концепт, Германија има таков претседател, треба да биде чисто протоколарна личност со многу помалку овластувања од сегашниот претседател – вели Клековски.
Според него, ако претседателот на државата се избира во Собранието со двотретинско мнозинство и со Бадентер, тоа ќе ја воведе државата во, како што рече, либанизација, односно целосна нефункционалност.
– Дополнително, за ДУИ да излезе уште поголемо во однос на албанската опозиција, бара претседател во Собранието да се избира со двотретинско и Бадентерово мнозинство, на што јас би одговорил дека тоа е вовед во либанизација на Македонија. Во Либан, на пример, две и пол години нема претседател на државата затоа што не можат да се договорат околу изборот. Либан нема претседател, но има трет најголем долг во однос на БДП во светот, има 270 отсто инфлација, комплетно нефункционална економија поради блокираноста на политичкиот систем и апсолутната корупција. Тоа е затоа што сѐ е сведено на една тесна елита ,која постојано се договара и се договара. Затоа сметам дека оваа теза за избор на претседател во Собранието бара опширна и сериозна дискусија – истакнува Клековски во „24 анализа“.

Легитимитетот што го даваат граѓаните соодветствува со претседателските
ингеренции

Тој на тезите на Ахмети и Таравари за изборот на претседател во Собранието поставува и контратеза, да се разговара и изборот на градоначалници да се прави во советите на општините, дополнително и со Бадентер.
– Лично сметам дека изборот и на градоначалниците и на претседателот на државата на непосредни избори има смирувачки карактер бидејќи на секој градоначалник и на секој претседател не му е доволна поддршката само од сопствената партија, туку тој мора да им се обрати и на други гласачи, на други граѓани, мора да обезбеди поширока поддршка. Тоа продуцира поумерени кандидати и затоа сметам дека сегашното решение и за претседател и за градоначалници е еден од смирувачките, условно да кажам, фактори во политичкиот систем на Македонија – констатира Клековски.
Аналитичарот Владимир Божиновски смета дека ако претседателот на државата почне да се избира во Собранието, онака како што заговараат Таравари и Ахмети, тогаш повеќе нема да има потреба од таквата функција во извршната власт.
– Многу е поверојатно и подобро според мене затоа што ние говориме за мешовит систем во Македонија, така е дизајниран, да биде мешовит. Извршната власт во земјава е поделена меѓу Владата и претседателот на државата и затоа имаме посебни претседателски избори. Многу ќе биде попродуктивно да се намали оној цензус од 40 проценти, отколку да се избира претседателот во Собранието, затоа што така тогаш нема да има потреба да постои таа функција како дел од извршната власт. Веќе тогаш легитимитетот ќе му произлегува индиректно, преку гласовите на граѓаните што ги дале за избор на пратеници. Сега претседателот има директен легитимитет – вели Божиновски.
Тој во гостувањето во емисијата „Клик плус“ посочи дека и сега се бара преголем легитимитет на претседателот со оној цензус од 40 отсто отколку што се неговите ингеренции.