Фаќајќи го бранот на речиси секојдневните бугарски провокации насочени спрема Македонија и Македонците, притисоци од различни форми и содржини ги ставаат под опсада државните институции, политичките чинители и македонската јавност. Декомпонирачката матрица на одредени албански екстремистички кругови и политички „фактори“ од соседството, вклучувајќи и албански политички субјекти (коалициски партнери во власта) во земјава, повторно почна гласно и најбезобѕирно да манифестира малициозни намери насочени спрема македонската држава и нација! Зошто токму сега и зошто со старата (одамна проѕрена) содржина?
Притисоци за уставни измени во пакет со зголемени албански шовинистички апетити
Барањата за уставните измени со кои би се внеле (пред сѐ) Бугарите во преамбулата на конститутивниот акт, со што Брисел се обидува да увери дека ќе има зголемена веројатност за полесно интегрирање на Македонија во ЕУ, вклучувајќи ја и придобивката од безбедносната стабилизација на регионот, сѐ повеќе активираат политички кујни во земјава и во соседството, подгревајќи ги старите апетити за дисолуција на македонската држава. Фаќајќи го бранот на речиси секојдневните бугарски провокации, најсвежи се низата примери на албанскиот политички фактор од соседството, во содејство со домашните политички кујни (коалициски партнери во власта) во земјава, кои го почувствуваа моментот за гласно да манифестираат крајно малициозни уценувачки намери насочени спрема македонската држава и нација.
Политички „руски рулет“ на коалицискиот партнер во власта
Вчера лидерот на ДУИ, Али Ахмети, соопшти дека министрите и другите владини функционери од неговата партијата поднеле оставки, кои ќе стапат во сила автоматски во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени.
„Министрите и владините функционери од редовите на ДУИ поднесуваат оставки од позициите на кои во моментов се наоѓаат. Оставките, господине премиер, автоматски стапуваат во сила во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“, наведува Ахмети во писмото до премиерот Димитар Ковачевски, објавено на неговата фејсбук-страница.
Ахмети вели дека земјата се наоѓа во критична фаза за европската иднина, како и дека „за големи одлуки е потребна политичка, национална и државничка одговорност, како жртва од сите нас“.
Лидерот на ДУИ додава дека ваквата одлука ја донеле водејќи се од ставот на опозицијата дека ќе гласа за уставните измени ако ДУИ ја напушти Владата.
Повик за оружен бунт: Албанците во Македонија треба да дејствуваат со сила
Неодамна Хусамедин Ферај, политичкиот советник на косовскиот премиер Албин Курти, во својата скандалозна колумна, насловена „Да бев Албанец во С. Македонија“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“, порачува дека Албанците во Македонија треба да дејствуваат со сила, зашто „македонските словенски властодржци ја разбираат само силата“.
– Македонските словенски властодржци ја разбираат само силата, но не и логиката и правото. Само благодарение на силата на Грција ѝ го сменија името на Републиката и само благодарение на силата на Бугарија ги вклучуваат Бугарите во својот устав. Бугарија и Грција имаат моќ да го условуваат и да го одложуваат членството на РСМ во ЕУ, поради своите права, а ЕУ ги одобрува нивните ставови и однесување кон РСМ. Исто како и Грција и Бугарија, треба и Албанците во РСМ да почнат да применуваат сила за признавање и издигнување на својот уставен статус како народ, но да побараат дури и подлабоки права за себе во дефиницијата на државата. Албанците во Македонија треба да ја поддржат предложената промена на Уставот, поврзана со Бугарите… Ако моите сонародници ја имаат истата моќ што ја имаат Бугарија и Грција, односно да го условуваат и да го одложуваат членството на РСМ во ЕУ заради своите права, тогаш моите сонародници ќе бидат легитимни да ја користат таа моќ толку колку што се легитимни Грција и Бугарија. Примената на оваа моќ е во согласност со однесувањето и принципите на ЕУ, како што покажуваат однесувањето на нејзините две членки Грција и Бугарија и одобрувањето на нивните ставови од страна на ЕУ – врши своевидна агресија на вербално политичко насилство и класичен повик на бунт во својата колумна Хусамедин Ферај.
Нашите соговорници упатуваат на моментот и содржините на „извонредно совпаѓање на индикаторите на притисок кон Македонија и однадвор и однатре“.
Синхронизација во насока на предизвикување политичка криза
И покрај тоа што Македонија од 2001 година практично е предефинирана како држава со Охридскиот договор, со кој е редуцирана државотворноста на македонскиот народ, на сметка на редистрибуција на државноста, од еден кон повеќе носители, а тоа е пред сѐ насочено кон сѐ поголема партиципација на албанското малцинство во власта, државните институции и администрацијата, лидерот на Алијанса за Албанците (актуелен коалициски партнер во македонската влада, во која речиси половина министри во кабинетот се Албанци), Арбен Таравари, и понатаму говори за дискриминација на Албанците во земјава.
– Алијансата за Албанците упорно ќе инсистира албанскиот јазик да се дефинира како што треба. Не процентуално, туку да биде официјален! Да бидат официјални албанскиот и македонскиот јазик, а не македонскиот јазик и јазикот што го зборуваат повеќе од 20 отсто – вели Таравари.
Но за да дојде до промените треба да се работи, додава првиот човек на албанската алијанса, со стратегија и поддршка од државите Косово и Албанија.
– Албанија и Косово имаат обврска заедно со Академијата на науките и уметностите во Албанија и Косово да направат стратегија што никогаш не ја направиле. Краткорочна, среднорочна и долгорочна стратегија за синхронизирање на акциите на Албанците во регионот каде што живеат – смета лидерот на Алијанса.
За правата на албанската заедница во Македонија и подостоинствен третман, Арбен Таравари вели дека се потребни промени и кај албанските партии, кои се стремат кон нив веќе 20 години.
Според неколку соговорници, индикациите за насочување на политичкиот амбиент во непознат политички лавиринт се повеќе од очигледни. Според соговорниците, нема дилема дека за таквите активности постои синхронизација на елементи на политики во пакет со радикални милитантни закани. Жално е, според аналитичарите, што изборот на ваквите структури се сведува на две алтернативи (првата, политичка дисолуција и, втората, воена опција), од кои двете одат во насока на загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на македонската држава.