Со децении, перманентните несогласувања, па дури и кавги меѓу најголемите две партии за крупни политички прашања од интерес на државата се менаџирани од една малцинска партија, без која сега не може да се донесе ниту една одлука во државата. Аналитичарите се едногласни дека македонскиот политички блок не смее да дозволи, поради меѓусебниот кусоглед антагонизам, македонските граѓани и државата да бидат заложници на таквите теснопартиски и недржавнички политики
ДЕВАСТИРАЧКА ДЕЗИНТЕГРАЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИЧКА СЦЕНА
Во време кога Македонија се наоѓа исправена пред голем број предизвици, кои на некој начин ја одредуваат нејзината иднина, македонските политички партии одново влегуваат во меѓусебна беспоштедната битка, повторно меѓусебно се закрвуваат, на тој начин загрозувајќи ги највисоките национални и државни интереси.
И додека партиите од македонскиот политички блок не избираат средства како меѓусебно што повеќе да се оцрнат, ДУИ во овие 20 години акумулира толкава политичката моќ што му овозможи буквално да ги диригира сите политички збиднувања во државата, без оглед што е претставник на мал дел на етничките Албанци во земјава.
Со години, токму од ДУИ беа тие што одредуваа, но и натаму одредуваат дали ќе има политичка криза, дали некоја влада ќе опстои или не, кои закони ќе поминат, кои ќе бидат блокирани, кому ќе му се суди, а кому не, па дури и кога и каков попис ќе има.
Со таквиот однос се добива впечаток како оваа партија да ја држи Македонија како свој заложник, а со тоа македонските граѓани, всушност, се заложници на една политичка структура, која од друга страна нема храброст ниту да се соочи со судски процеси за воени злосторства, откако Хаг ги врати четирите предмети и препорача тие да се процесираат во домашните судови.
Диригентот диригира, македонските партии оркестрираат
Во меѓувреме, двете најголеми македонски партии со години се буквално седнати во скутот на интегративците и не можат да донесат ниту една одлука ако не добијат кимнување со главата од Мала Речица. Ниту премиерот може да смени некој министер од ДУИ ако не е задоволен од неговата работа, а уште помалку да побара отчет од него. Се одеше дури дотаму и да се измислуваат функции надвор од сите законски процедури, како прв вицепремиер, само партијата да добие влијателна и паралелна улога во раководењето на Владата. Иста е ситуацијата со сите заменик-министри, заменик-директори и други функционери, без чиј потпис не може да помине ниту една одлука. Рамковниот договор како да немаше никаква рамка, па се користеше како изговор за масовни вработувања на нестручни кадри, за исплата на плати на луѓе што по цели децении не одеа на работа, за употреба на јазикот и таму каде што не треба, за внесување етничка припадност во личните карти, без оглед на забелешките на ЕУ, едноставно буквално за сè што ќе им текне. Секое одбивање или спротивставување, значеше и владина криза.
Трагично во целата ситуација е што веќе на сите им е јасно кој ја раководи земјата и во кој правец се движи таа, па затоа и не треба да зачудуваат резултатите од истражувањата меѓу младите, кои покажуваат запрепастувачки висок процент на оние што веднаш по завршувањето на училиштето сакаат да се иселат од земјата, не можејќи да ги трпат ваквите злоупотреби и мајоризацијата на малцинството над мнозинството.
Од тие причини, неразбирливо е зошто македонските партии дозволуваат да се растура државата само за да дојдат до власт и за извесни привилегии да бидат извршен орган на „вечниот“ албански коалициски партнер во власта.
Очигледно е дека во моментот македонскиот политички блок е целосно разоружен пред ДУИ и не може да донесе ниту една одлука важна за државните интереси, ако претходно не компензира со друга одлука што ќе задоволи некакви етнички барања. Тоа постојано пазарење од типот „јас тебе, ти мене“ стана начин на функционирање во земјава, кое води кон поголема апатија, сиромаштија и назадување на целото општество.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски се согласува дека ДУИ раководи со државата и додава дека тоа се гледа и од фактот што оваа партија ги контролира сите важни ресори.
– ДУИ се јазичето на вагата што секогаш натежнува. На сите избори остваруваат по 15-16 пратеника и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ мораа да ги земаат во Владата поради оној принцип „победник со победник“, со исклучок на оние избори кога под притисок на странците ДУИ влезе во Владата со СДСМ, иако тие не победија на тие избори тогаш. Факт е дека ДУИ едноставно доминира. Земете ги економските ресори, плус надворешни работи, екологија, така што едноставно слободно можеме да кажеме дека управуваат со државата. Ретко ќе се види на телевизија министер од СДСМ, туку напротив, или е министерот за финансии, или за економија, или првиот вицепремиер. Што и да побараат тие, мора да им се исполни, бидејќи јазичето на таа вага може лесно да натежне на друга страна и да дојде друга македонска партија на власт, но тие повторно ќе си останат во Владата. Тоа е ризикот – вели Давитковски.
Според него, македонскиот политички блок не смееше да дозволи, поради меѓусебниот антагонизам, македонските граѓани да бидат заложници на политиките на ДУИ.
– Никој, за жал, не води сметка за националните интереси. ДУИ вработува еден куп луѓе во администрација без потреба, а СДСМ нема сила да им се спротивстави. Ние сме заложници на ДУИ. Тие успеаја да го раскараат македонскиот политички блок, така што сега имаме 250 илјади фиксно гласачко тело за СДСМ, исто толку за ВМРО-ДПМНЕ, неопределени се околу 40 отсто, кои во одреден момент зависи како ќе гласаат и на крајот во таа математика јазичето на вагата повторно е ДУИ – појаснува професорот Давитковски.
Партиските пред националните интереси?!
Негово мислење е дека таквата закрвеност во македонскиот политички блок овие 30 години доведе до тоа за прашања од национален интерес да се нема консензус.
– Немаме за ниту една работа национален консензус. Така беше и со Преспанскиот договор и со Договорот со Бугарија, еве, така е и за енергетската криза, буквално за сè немаме изградено еден државен национален став. Овие луѓе не се државници, тие се претседатели на пајтон-партии. Кога имаме султан-партии, така се аплицира и демократијата. Ако имавме демократија во партиите, тоа ќе се пресликаше и на државно ниво – истакнува Давитковски.
Тој понатаму додава дека лидерот на ДУИ во овие 20 години доста мудро ја одржува својата партија на власт, користејќи ги токму кавгите меѓу Македонците.
– Ахмети добро игра и како шаховски фигури ги реди потезите. Прво во владеењето ги употреби командантите на ОНА, потоа ги замени со друга помлада гарнитура, сега подготвува и трета гарнитура, а избира и свој наследник. Па ние поради ДУИ имаме воведено нова функција прв претседател на Владата врз основа на измена на Деловникот на Собранието, што е надвор од секаква логика. Оваа нова функција требаше барем во Закон за Влада да биде ставена. Формираа некакво министерство за политички систем и односи со заедниците, кое нема никаква надлежност, но се користи за вработување во јавна администрација и секое одобрување за вработување мора да помине преку нив. Другите министри не можат да вработат луѓе, државни секретари, ако не одобри Груби. Попусто се министри – вели Давитковски.
Според него, македонските партии не се државотворни, без оглед што се декларираат така, бидејќи не се грижат за државните интереси.
– Овие не се државотворни партии. Ќе станат државотворни ако направат консензус за државотворните работи, битни работи за државата. Ние во овие 30 години имавме многу државотворни работи да решаваме, а тие беа како рогови во вреќа, без оглед дали биле на власт или во опозиција – заклучува професорот Давитковски.
Мислењето дека ДУИ ги контролира сите процеси во државата го дели и Никола Тодоров, аналитичар и поранешен пратеник и министер.
– Мислам дека дали ќе има предвремени избори или нема, не зависи од СДСМ, туку од ДУИ. Тие ќе одлучат кога ќе има предвремени избори. Шансата СДСМ и ВМРО самостојно да изгласаат распуштање на парламентот се мали, од причина што Македонците се меѓусебно екстремно антагонизирани – смета Тодоров.
Тој е смета дека деструктивното политичко дејствување, особено меѓу македонските политички партии, може само да ѝ нанесе штета на државата.
– Она што ќе се постигне со блокадата на Собранието и секојдневните партиски расправии, плукања и навреди ќе предизвика дополнителна апатија, а не прелевање на чашата. Апатијата царува долго време, ги држи неопределените гласачи дома, а тоа оди во полза на власта. Од друга страна, со правењето на она што СДСМ го правеа и ВМРО станува како нив. Ако ВМРО сака да покаже дека не се сите политичари и партии исти, тогаш не треба да го прави истото што СДСМ претходно го правеле – потенцира Тодоров.
И Села го вперува прстот во ДУИ
Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, во повеќе наврати истакнува дека ДУИ дејствува исклучиво да си ги задоволи партиските интереси, а како последен пример ја наведува намерата на интегративците во Законот за игри на среќа да направат „уште едно трговско друштво во рамките на Државната лотарија, за партиска потреба“.
– Во прашање се милиони евра што ќе легнат на сметката на функционери на ДУИ или директно кај ДУИ. Нема друг начин во овој случај, освен да се блокира. Затоа велам дека е легитимно да се направат вакви политички чекори – истакна Села.