Фото: Игор Бансколиев

Инсистирањето на етнички министри, премиери, претседатели, директори, советници и што ли уште не, веќе сфативме и сведоци сме дека ја води државата кон политичко, економско, материјално и морално пропаѓање, бидејќи квалитетот не познава етнички предзнак, туку мора да биде императив за секоја држава, тие што се најспособни, конкурентни, компетитивни, компетентни и со знаење, вештини и искуство, тие да ја водат државата, а не највисоките функции да се предодредени да ги добијат лица што се назначуваат во некакви заткулисни меѓупартиски договори

Етничките поделби на колачот во власта не донесоа продуктивност и развој на државата

Македонија како држава со години е заложник на заткулисни меѓупартиски договори, понекогаш спакувани во земјава, понекогаш во соседството, кои никогаш во себе не го содржеле интересот на државата и граѓаните, туку исклучиво партискиот интерес.
Оваа практика трае со години, доведувајќи до тоа на клучни позиции во државата да се наоѓаат некомпетентни луѓе што ја добиле функцијата поради својата етничка припадност само затоа што некој претходно им го ветил тоа на сопствените гласачи.
Се покажа дека ваквата практика не само што не донесе никаква бенефиција за граѓаните туку уште повеќе го намали квалитетот на животот во земјава токму поради политиките креирани од луѓе што се нашле на некоја функција само поради својата етничка припадност.
И наместо да се прекине со тоа етничко изживување врз државата и да се воведе мерит-системот, што впрочем од земјава го бара и Европа, некој продолжува да си ја тера етничката агенда исклучиво заради партиски интерес, додека во исто време државата се празни и останува без работна сила.
Неодамна шефот на дипломатијата Бујар Османи, овој пат во својство на партиски координатор, изјави дека „за неколку месеци Македонија ќе добие Албанец премиер“, нешто што ДУИ го ветуваше во предизборната кампања. Тоа беше еден од клучните услови своевремено интегративците да коалицираат во Владата со тогашниот мандатар Зоран Заев, при што беше постигнат меѓупартиски договор за Албанец премиер последните 100 дена од мандатот на Владата. Ова го дообјасни пред некој ден првиот вицепремиер Артан Груби во интервју за косовската телевизија Дукаѓини, кој рече дека Македонија ќе има премиер Албанец и дека тоа било договорено меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а тоа го прифатил и Ковачевски пред да стапи на функцијата. Вицепремиерот Груби во својот настап на телевизијата триумфалистички истакна дека Албанци ги држат клучните позиции, кои порано биле предодредени за Македонците, а сега е дојдено времето да ја добијат и врвната позиција – премиер.

Граѓаните сакаат способни и квалитетни луѓе што ќе работат во нивен интерес

Сето ова најдобро покажува дека инсистирањето на етнички министри, премиери, претседатели, директори, советници и што ли уште не ја води државата во надолнина, бидејќи квалитетот не познава етнички предзнак, туку мора да биде императив за секоја држава, тие што се најспособни, тие да ја водат државата, а не највисоките функции да се предодредени поради некакви заткулисни меѓупартиски договори.
Обичните граѓани многу повеќе се свесни за реалноста во која живеат и воопшто не се обременети од етничките стеги како што тоа се обидуваат да им го наметнат партиите.
– Лично немам никакви предрасуди кон никого. Претседател, премиер, министер може да биде секој во оваа држава, без разлика на неговата етничка припадност, доколку е квалитетен. Што полза имам јас ако премиерот е Македонец, а живеам лошо секој ден? Или ако е Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, утре веројатно и Бугарин… Имам пријатели Албанци, ниту тие не живеат подобро и се жалат постојано. На оваа држава ѝ се потребни квалитетни луѓе, кои ќе се назначуваат на функција според нивната способност, а не според етничката припадност – вели Атанас Николовски, сметководител од Скопје.
Тој додава дека во македонското општество нема предрасуди кон никого, туку дека тие предрасуди ги прават политичарите, кои сакаат да направат раздор меѓу обичните луѓе.
– Се сеќавам дека уште во 2010 година многу Македонци го поддржаа Имер Селмани на изборите за претседател на Македонија, затоа што во него видоа млад и способен политичар, докажан бизнисмен, така што тоа беше најдобрата потврда дека граѓаните сакаат квалитет, а не етнички обележја – нагласува Николовски.
И на Албанците им е смачено од празните реторики за Албанец премиер, претседател и слично, имајќи предвид дека и тие живеат лошо како другите свои сограѓани.
– Го следам Артан Груби на косовската РТВ Дукаѓини како им објаснува на Косоварите дека Македонците (како етникум) имаат страв од Бугарите, од Грците, од Албанците итн., од можни територијални поделби и генерално ги претставува Македонците како фобична нација. Триумфалистички го покажува тоа дека клучните позиции им се земени на Македонците, но не и калта и лошата инфраструктура по албанските населени места, дека нему шеф му е Али Ахмети, а не Димитар Ковачевски. Груби кажа и многу други шовинистички муабети (нешта што не одат ниту во прилог на Албанците ниту во прилог на Македонците, а на штета на сите) – коментира младиот правник Умеjр Муамеди на својот фејсбук-профил.
Уште пожесток во реакцијата на настапот на Груби на косовската телевизија и најавите дека наскоро ќе има Албанец премиер беше поранешниот министер за финансии и сегашен политички аналитичар Џевдет Хајредини.
– Груби, меѓу другото, ќе се памети и по „агресивната реакција“, со која само што стана прв заменик на премиерот, тогашниот секретар на владата сосила го исфрли од канцеларија. Може само да се замисли како ќе се однесува кога наскоро ќе стане премиер – додава Хајредини.

Етничките функции единствена понуда за гласачкото тело

Од сите реакции може да се заклучи само едно, дека на граѓаните им е смачено од етничките поделби на колачот во власта и дека сакаат да видат луѓе што ќе почнат да работат во нивен интерес, без разлика на кој етникум припаѓаат.
– Одамна е дојдено времето да се избираат луѓе според квалитетот, а не според етникумот. Секако дека за главните политички претставници на Албанците, без исклучок, етничката призма на гледање на политиката е доминантна и засега единствен начин на мобилизација на гласачи. Секако дека тоа предизвикува голема фрустрација кај Македонците и другите заедници и ја враќа државата назад во нејзиниот развој, создава поделби и слично, меѓутоа устројноста на Охридскиот рамковен договор за жал погрешно се толкува и, наместо граѓански концепт на држава, ние создаваме консоцијален квазимодел, по принципот на Босна – вели Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Социетас цивилис“ .
Според него, таа позитивна дискриминација што ја утврдува Охридскиот рамковен договор е мерка што треба да нè доведе до состојба на еднакви почетни можности кај сите заедници во државата.
– Таа состојба на еднакви почетни можности во голем дел е постигната и мислам дека веќе е моментот кога државата треба да се реструктурира врз основа на граѓански концепт, во спротивно понатаму ќе создаваме поголеми етнички тензии, кои не се во полза на државата, особено во ситуација на економска криза, во која многу лесно се разбудуваат национализми – истакнува Трошановски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски не очекува дека ќе се смени нешто во насока на прекинување со етничките квоти, туку смета дека барањата уште повеќе ќе се засилат.
– Нема да се прекине, туку напротив, се зголемуваат потребата и барањата на албанските партии за етнички клуч и барањата само ќе растат. Ние де факто сега сме држава на Македонци и Албанци и други етникуми. Албанските партии ги интересира нивниот етнички интерес, погледнете само дали со поставување на клучни позиции во државата се подобри статусот на граѓаните или имаме пропаѓање на секое поле. Угледот на Македонија со доаѓањето на Бујар Османи е катастрофално нарушен – потенцира Пекевски, притоа заклучувајќи дека е да тешко се очекува квалитетот во оваа држава некогаш да дојде до израз кога станува збор за носечките функции.


Неверојатно скандалозни и кошмарни за севкупната македонска демократска јавност се истапувањата на вицепремиерот на македонската влада Артан Груби. Тие не само што предизвикуваат чудење, негодувања и силни негативни реакции, туку, според низа соговорници, правници, аналитичари, адвокати и поранешни обвинители, содржат елементи на кои надлежните институции треба да обрнат посебно внимание, бидејќи, како што велат, има индикатори дека од највисоката извршна власт извираат пораки на антидржавност, противуставност, повик за прекројување на границите и менувања на карактерот на државата, како и обелоденување сомнителни вонинституционални меѓупартиски договори

Груби: Албанците се „во највисокото
ниво на владеење на единство и аздисуваат“…

Во продолжение, во тој контекст, соговорниците посочуваат на неколку последни изјави на вицепремиерот Артан Груби.
– Секој со своите битки. Ветеранот со сопствената битка во УЧК, а сега да го продолжи патот што го трасираа со најскапо – крв и живот. Наша должност е да го направиме тој сојуз. Да се обединиме со Приштина, да ја обединиме Тирана, да ги отстраниме границите меѓу нас, да ги асфалтираме автопатиштата и да го подобриме животот за сите – изјави Груби.
– Ковачевски на првата средба пред да биде избран беше и Зоран Заев и други… на средбата вети дека ќе важи истиот договор што беше постигнат со Ахмети и се ракувавме. Тој рече дека во последните 100 дена, кој и да е, ќе ја напушти функцијата, ќе биде претседател на Собранието, а Албанец ќе биде премиер – изјави Груби.
– Во 2020 година смисливме модерна кампања, која одекна во Приштина и во Тирана, според која е дојдено времето за првиот премиер Албанец. Ова е проект на Али Ахмети, да се скршат табуата. Дојде времето да се надминат предрасудите со ваквиот избор. Одлуката на народот беше: Социјалдемократскиот сојуз освои 46 пратенички места, ДУИ 15, а заедно имавме 61 пратеник – рече Груби.
– Сега, кога сме во највисокото ниво на владеење на единство на Албанците, аздисуваме, велиме тргнете го тој ставете друг, гревота е од бога, се колнам. Гревота е за секој од нас, да не зборуваме за Али Ахмети. Кога Али Ахмети сакал функција? Кога тој посакал да стане претседател на Собранието, премиер или претседател на државата – праша Артан Груби во објава на ТВ21.