…Ако ги поставиш сите работи на нивното вистинско место, ќе бидеш силен“.
Ова го пишува на една керамичка плочка, која ја видов пред педесетина години во музејот „Лувр“. Според формата на плочката се гледа дека таа е скршенo парче од поголема керамичка плоча, на која со хиероглифско писмо се забележани неколку пораки од луѓето што живееле пред две илјади години, пред нашата ера, во некоја од египетските династии.
Смислата на пораката, ако ги поставиш сите работи на нивното вистинско место, ќе бидеш силен, е во работата на една личност или на група луѓе да воспостават ред и само така ќе бидат силни.
Кога го прочитав ова во „Лувр“, бев eден oд многуте што тргнале да ги бараат среќата и професионалните потреби надвор од земјава, полн со надеж и верба во себе, убеден дека работите ќе ги најдам веднаш и по итна постапка ќе ги поставам на нивното вистинско место.
Како минуваше времето, како полека се таложеше тежината на товарот од новата средина, во такви состојби, се прашував дали постои решение, или кој е начинот што ќе ми помогне да осознаам кои работи од мојот нов свет ќе треба да ги одберам за работа, дури потоа и според препораките што ни ги испратија египетските мислители да почнам да размислувам како и на кој начин да ги поставам сите работи на нивното вистинско место, за потоа да бидам силен? И не мора да бидам силен. Искрено, во тоа време, во ниту еден момент не ми паѓаше на памет да трагам да бидам силен, моќен или богат!
Си мислев, во новата средина како да дојдам по пристојна опстојба, често се прашував каде да ги најдам работите, ако тие воопшто постојат за потоа да ги поставам на нивното вистинско место. За потоа, потоа што? Да бидам силен? Не, не дека не сакав да бидам силен и моќен, кој сите работи ги решава веднаш и по брза постапка, како во филмовите со Ерол Флин, кој во улога на Робин Худ брзо и на свој начин ги сместуваше работите на нивното вистинско место, со тоа стануваше силен, моќен и посакувана историска личност!
Во целиот период од мојот престој во Франција и Париз, според некое мое убедување, некои работи ги сместив на нивното вистинско место, други не.
По десетина години дејствување во Франција, дојде времето да се донесе конечна одлука, да се остане во Франција, а одвреме-навреме да се прават туристички променади во татковината, или да се вратам дома во Македонија, а одвреме-навреме да се прошетувам до Париз и Франција? Бидејќи Французите си ја сакаат својата држава, бидејќи и јас ја сакам Франција, нормално би било да се вратам дома и да ја сакам својата држава Македонија исто како што Французите ја сакаат својата Франција. Тоа беше клучната причина за враќање дома.
Како што споменав, мислата или пораката испратена пред четириесет века, ако сите работи ги поставиш на нивното вистинско место, ќе бидеш силен, цврсто сум убеден дека не се однесува само на една личност, туку е насочена и кон група луѓе или држава. Оттука може да си го поставиме прашањето дали во нашава држава работите се или ги имаме поставено на нивното вистинско место со тоа да бидеме силни, зошто не и среќни?
Далеку сме од силни, далеку сме и од моќни, богати и среќни. Тоа е така бидејќи голем дел од работите ги имаме поставено на погрешно место и затоа сме поделени во блокови, живееме под анахрона иконографија. Со руинирано здравство, исто такво образование, со силно присуство на криминал и корупција, се губи надежта за подобро утре.
Во такви заматени услови се продаваат под маса планини, реки, се празнат езера, се занемаруваат ветерот и топлото сонце, односно се раскрчмува сѐ што претставува наше национално и културно богатство. И овде, дома, често се прашувам, како е можно пораки испратени пред многу столетија, да ги пронајдеме, прочитаме и денес во дваесет и првиот век да не сме кадарни да ги примениме во нашето секојдневно живеење? Зошто и тие работи што можеме да ги поставиме на нивното вистинско место, упорно ги ставаме на погрешен начин и на погрешно место?
За општа утеха и да не дејствуваме препотентно ќе го кажам и ова размислување.
Пред да го напишам текстот за ова писание или колумна, бев силно убеден дека сите работи ќе ги поставам на нивното вистинско место, со тоа текстот ќе биде силен, а јас радосен. Ама по сѐ изгледа дека во тоа не сум успеал, нешто што се случува често, се разбира со уверување, и не губење надеж дека во некое идно, друго писание, зборовите ќе бидат поставени на нивното пристојно место и пораките што ќе произлезат од нив, ќе бидат силни и мисловно богати. Во таа насока и писарот од петтата династија од волшебниот Египет ќе може да ми помогне.