Се чини дека хаосот што го создава со своите „француски предлози“ на европски план, како бумеранг се враќа во внатрешната политика на Франција, каде што за да се опстане на власт стануваат неважни вредностите на демократијата со која се гордеат Французите, а се прогледува низ прсти за корупцијата и непотизмот
Концептите на Елисејската палата наместо да ги решаваат, дополнително ги компликуваат состојбите
Контроверзниот „француски предлог“ за нестандардна преговарачка рамка на Македонија со ЕУ, наместо да ги забрза евроинтеграциите на земјава, се покажа како итра стратегија на Франција преку Бугарија да го блокира всушност целиот процес на проширувањето на Европската Унија. Последниот самит на ЕУ, на кој Украина и Молдавија добија покана за почеток на преговорите со Унијата, и тоа без преговарачка рамка, а земјите од Западен Балкан (во кој е категоризирана и Македонија) беа оставени на маргините на самитот, јасно ги покажа ефектите од француската стратегија за поставување невозможни услови на земјите кандидати, за тие да мораат да се самоблокираат во процесот на проширување на Унијата.
Францускиот предлог, кој всушност ги дава конците на македонскиот преговарачки процес со ЕУ во рацете на Бугарија, веќе две години е генератор на поделби во македонскиот политички амбиент, но и во граѓанската јавност. Бараните уставни измени за нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот устав, како клучен услов на т.н. француски предлог, беа издејствувани од француските дипломати, кои за тоа дури беа наградени и со ордени од бугарскиот претседател.
Развојот на настаните во ЕУ покажува дека сета таа дипломатска „поддршка“ всушност е во координација со визијата на францускиот претседател Макрон за реформирање на Европската Унија, на која практично прва жртва беше токму Македонија, која си доби француско вето во 2019 година, и тоа кога го смени името по имплементацијата на Преспанскиот договор со Грција. Деновиве, пак, се покажува во полн налет непринципиелното сплеткарење на француската политика во ЕУ (рефлектирана и како „француски предлог“ за Македонија) и на внатрешнополитички план во Франција, при реконструкција на Владата.
Додека француската, па и европската јавност, се свести за промената на поранешната премиерка Елизабет Борн, на чие место дојде 34-годишниот Габриел Атал (како најмлад премиер во француската историја), младиот Атал веднаш повлече контроверзен потег. Имено, за министер за надворешни работи Атал го назначи својот партнер Стефан Сежурн, а за министерка за култура – Рашида Дати, министерка за правда во времето на претседателствувањето на Никола Саркози (обременета со низа обвинувања за тешки коруптивни поведенија).
Значи, за две клучни високи државни функции, новиот француски премиер назначи лица обременети со елементи што ја ставаат под знак прашалник објективноста на именувањето: непотизам (за Стефан Сежурн) и истрага за криминал и корупција (за Рашида Дати).
Најпрво, врската на премиерот Габриел Атал со својот партнер што е министер во неговата влада има силни референци за непотизам и конфликт на интерес (за потсетување, непотизмот претставува фаворизирање роднини или пријатели при доделување функции и почести).
Иако еден дел од јавноста тврди дека гореспоменатите индивидуи немаат формално заснована заедница за да има елементи на непотизам, во медиумите излегоа сведочења дека премиерот Атал и министерот Сежурн ја официјализирале својата врска како граѓанска заедница во 2017 година и ја објавиле во следната година. Во октомври минатата година, Атал во официјална изјава за конфликт на интереси до Високото тело за транспарентност во јавниот живот тврдеше дека нема официјална граѓански и законски регистрирана врска со партнерот. Сежурн, кој инсистира на дискреција за својот приватен живот, за весникот „Либерасион“ одби да го коментира статусот на нивната врска, така што јавноста сѐ уште нема изјави од прва рака дали лицата се сопружници и, следствено на тоа, дали постојат елементи на непотизам и недозволен конфликт на интерес.
Второ, за поранешната европратеничка од конзервативната партија Републиканци, Рашида Дати, која сега е министерка за култура на Франција, се знае дека е под официјална истрага за корупција од 2021 година, иако негира дека сторила нешто противправно. Имено, Дати е обвинета дека добила 900.000 евра за лобирање во Европскиот парламент од производителот на автомобили „Рено“ во период од три години, додека сè уште служела како европратеничка. Во последниве години Дати стана клучна фигура на десницата во Париз и гласна критичарка на социјалистичката градоначалничка на Париз, Ана Идалго. Ерик Чиоти, шефот на Републиканците, веднаш објави дека Дати ќе биде исклученa од партијата.
Од друга страна, според „Асошиејтед прес“ писмото за оставка на поранешната премиерка Борн сугерираше дека таа не се повлече по своја волја, повикувајќи се на „волјата“ на Макрон да „назначи нов премиер“. Нејзиното заминување дојде неколку недели откако Макрон го усвои контроверзниот предлог-закон за имиграција со кој се зајакнува способноста на Владата да депортира странци. Откако го загуби мнозинството во Парламентот минатата година, центристичката партија на Макрон беше принудена да се здружи со Републиканците за да ја усвои мерката, потег што уште повеќе го смени јавното мислење против Владата, која веќе беше многу непопуларна откако минатогодишната пензиска реформа ја зголеми старосната граница за пензионирање на начин што мнозинството француски гласачи го сметаат за недемократски, што предизвика повеќенеделни протести.
Реконструкцијата на кабинетот минатата недела нашироко беше објавена како обид на претседателот да го спаси намалениот кредибилитет на неговата влада. Иако уставно му е забрането да се кандидира за трет мандат во 2027 година, изборите за Европскиот парламент се закажани за годинава, а Ренесанса се очекува да изгуби неколку места доколку јавното мислење дотогаш не се насочи позитивно кон неа.
Се чини дека хаосот што го создава со своите „француски предлози“ на европски план, како бумеранг ѝ се враќа во внатрешната политика на Франција, каде што за да се опстане на власт стануваат неважни вредностите на демократијата со која се гордеат Французите, а се прогледува низ прсти за корупцијата и непотизмот.