Министерството за надворешни работи го објави билатералниот протокол што во Софија го потпишаа шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска. Токму содржината на овој протокол изминатите денови беше предмет на мноштво негодувања и полемики во домашната јавност, а МНР до последен момент тактизираше и не го обелоденуваше пред јавноста. На тоа реагираа и народните избраници во Собранието, кои неколку дена дебатираа во однос на францускиот предлог, па дури мораа и да ги гласаат заклучоците без да ја знаат содржината на протоколот меѓу двете земји. Во интерес на јавноста, ги пренесуваме клучните точки од протоколот што Македонија се обврзува дека ќе ги исполни


Прво Бугарите во Уставот, па отворање на преговорите со ЕУ

Република Бугарија изјавува подготвеност да се согласи да се одржи првата политичка меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија, со разбирање дека следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ.
Мерки кои треба да бидат преземени пред Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори
Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Република Северна Македонија да се одржи откако во сила ќе влезe измената на Уставот на Република Северна Македонија за вклучување на оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување.
Владата на Македонија во согласност со чл. 11 ал. 5 од Договорот од 2017, потврдува дека ништо во нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статутот и правата на лица, кои не се граѓани на Република Северна Македонија.


Промена на содржини во македонските учебници

Двете држави да разменат, согласно член 12 од Програмата меѓу владата на Република Северна Македонија и владата на Република Бугарија за соработка во областа на образованието, науката, копии од сите образовни програми, учебници, учебни помагала и други релевантни учебни материјали во образовните програми на двете држави.
Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната година 2023-2024 да ја промени содржината на учебникот по географија за седмо одделение, заради неосновани етнички/територијални претензии.
Двете држави се согласија, при утврдување на други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала, тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета.
Двете страни се обврзуваат последователно меѓусебно да се информираат за сите промени во содржината на сите учебници, учебни помагала и методолошки поими во своите образовни програми и да достават копии од новите изданија.


И државното финансирање во Македонија по мера на Софија

Двете држави да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект.
Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенција на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе одвраќаат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности кои би ги повредиле нивните односи.


Мерки и санкции против секој вид говор на омраза

Државите ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.
Државите ќе создадат, без одложување, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи.
Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.


Отворање на архивите на безбедносните служби, полицијата и на военото разузнавање

Владата на Република Северна Македонија, во рок од една година, да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на бившите служби на државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 г. Оваа сеопфатна правна рамка ќе создава јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално складирање и заштита на соодветните документи.


Македонија треба да се извини за неправдите и репресиите во минатото?!

Владата на Република Северна Македонија, во согласност со „Декларацијата за извинување на жртвите од репресиите од режимот во периодот 1945-1990 година“ усвоена во 2006 год. од Собранието на тогашната Република Македонија и во духот на Резолуцијата на Европскиот парламент за Европската совест и тоталитаризмот од 2009 год., да ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етнополитичко самоопределување, вклучително и Бугарите.
Владата на Република Северна Македонија изјавува дека ќе ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година. Оваа сеопфатна правна рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално проучување и заштита на соодветните документи.


Максимални права и заштита на бугарите во Македонија

Република Северна Македонија ќе преземе мерки со кои ќе осигура ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во Република Северна Македонија:
Постигнување на одржливи резултати за превенција и реакција против појавите на јазик на омраза против Бугарите во Република Северна Македонија во јавниот простор во Република Северна Македонија.
Постигнување на одржливи резултати во превенцијата, истрагата и гонењето кај кривични дела од омраза, појава на јазик на омраза и дискриминација против Бугарите во Република Северна Македонија.
Преземање на ефективни мерки за подигнување на свеста, односно институционалните механизми за правата на човекот и подигнување на довербата на Бугарите во Република Северна Македонија кон тие механизми и националните институции.
Постигнување на одржливи резултати за гарантирање на слободното остварување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија за слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница, како и за слободно употребување на симболите на нивната заедница.


Тежиштето и одговорноста врз историската комисија

Двете држави, преку надлежните институции, да подготват и претстават предлог текстови за лекции врз основа на препораките на Комисијата во однос на настани и историски личности од заедничката историја, за кои Комисијата постигнала согласност – кои ќе бидат приложени кон Протоколот за следниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија по член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во иднина да ги вклучат во соодветните учебни програми, учебници и други релевантни учебни материјали, а истите да ги земат предвид и да се рефлектираат врз содржините на натписи на табли, историски споменици, споменици и информациски материјали во музеи и други објекти од образовно и културно значење, како и во информативни медиуми во јавна сопственост.
Двете држави ја охрабруваат Комисијата да го заврши прегледот на периодот на средниот век во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол.
На следниот состанок на Заедничката комисија по чл. 12 од Договорот, двете држави да ги одобрат препораките на Комисијата за целиот период кој го опфаќа средниот век.
Во согласност со заклучокот 3 од Точката 3 на Протоколот од првата Заедничка меѓувладина конференција од 2019, владите на двете држави да ја охрабрат Комисијата во рок од една година да подготви и да им предложи на двете влади препораки за заедничкото одбележување и чествување на заеднички личности и настани.
Двете држави, не подоцна од учебната 2024-2025 г., да ги усогласат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот.
Двете држави да продолжат да ја поддржуваат и охрабруваат работата на Комисијата, за да ги извршуваат започнатите ангажмани за да ги хармонизираат релевантните учебници и учебни програми, во согласност со резултатите од работата на Комисијата, одобрени од двете влади.
Двете држави ја поддржуваат и охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја, кои ги поврзува двете држави и нивните народи, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на тие нејзини препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ.


Заедничко чествување историски настани и личности

По потпишувањето на овој Протокол, државите ќе ги објават на интернет страните на двете влади сите веќе усвоени препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, во рок од еден месец.
Согласно чл. 8 ал. 3 од Договорот, двете држави прифаќаат во 2022 и 2023 да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Доколку има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности.
Владата на Република Северна Македонија ќе подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за седмо одделение од образовната програма на Република Северна Македонија на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот.