Дали Халовин, или Ноќта на вештерките, е само уште еден празник што ни е наметнат и слепо го прифаќаме иако нема никаква врска со македонската традиција и дали треба да се практикува и во образовните установи и да се претставува како уште една забава за децата? Психолозите, социолозите и теолозите споделуваат интересни согледувања и препораки
Деца нашминкани со црвена боја што треба да личи на крв, обоени бели лица што личат на духови, облечени во маски на вештерки или вампири… Ова е сликата низ трговските центри и училиштата на секој 31 октомври, денот кога се слави Ноќта на вештерките, или Халовин. Изминатите недели големите маркети беа преплавени со страшни маски и реквизити наменети за славењето на овој ден.
Нашата сограѓанка Елена Т. изминатиот викенд купила костим-маска за да се маскира нејзиното дете на часот по англиски јазик.
– Не знам зошто толку значење ѝ се дава на традицијата, на тоа дека маските биле страшни итн. Па, ова е забава за децата. Исто како и за 1 Април. Важно е дека децата се забавуваат – вели таа.
Но забавата не е само кај децата. И младите генерации го прифатија трендот, па така во домашни услови или во кафулињата се прават забави со маски. Дали е ова уште еден празник што ни е наметнат и слепо го прифаќаме иако нема никаква врска со македонската традиција? Дали Халовин треба да се практикува во образовните установи и да се претставува како уште една забава за децата?
Експертите се децидни и велат дека ваквите прослави треба внимателно да се реализираат и дека треба да се размислува за последиците од нив.
Европа ги штити културните вредности, треба и ние
Зоран Матевски, професор по социологија на религијата на Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека секоја држава во светот, а особено во Европа, тежнее кон тоа да ги штити своите културни вредности и не дозволува влегување на други културни вредности, особено не во образовните институции, кои во својата основа се конзервативни институции, во позитивна смисла.
– Во таа насока, треба да се чуваат културните матрици од македонската култура, а не да се прифаќаат матрици од други култури. Со тоа се урива улогата на училиштата, кои треба да ја негуваат македонската традиција, и поради тоа не смее да се дозволи славење во градинка или во училиште. Ако децата сами се организираат и си слават, тогаш е во ред, но тоа никако не смее да се прави во градинка или во училиште – смета професорот Матевски.
Според него, славењето на Ноќта на вештерките е во насока на промоција на многубоштвото, политеизмот.
– Валентајн барем е поврзан со христијанството, ја слави љубовта. Халовин, од друга страна, е употребен од цела маркетиншка структура, важно е да се продадат тиквите и маските, се прави бизнис од сето тоа и се комерцијализира. Освен тоа, се промовираат хорор-филмови, а тоа носи штета и затоа мора да престане – дециден е Матевски.
На паганското празнување христијанството му го спротивставило празникот Ден на сите светии
Отец Бобан Митевски, свештеник од скопската епархија при Македонската православна црква-Охридска архиепископија, вели дека овој празник своите корени ги има уште во дохристијанската епоха, меѓу примитивните келтски пагани во регионите на Англија, Ирска и Северна Франција.
– Почетокот на „новата“ година, на новиот живот воопшто, тие го обележувале ноќта спроти 1 ноември, кога настанувал преминот од светлиот во темниот период. Тогаш го прославувале богот Самахин, кој, според нив, бил господар на смртта. Се верувало дека во таа ноќ душите на мртвите, кои пребиваат во светот на темнината, студот и смртта, ги посетуваат домовите на Земјата, претставувајќи се пред живите со ненаситен глад. И доколку душите на мртвите не биле смилостивени со приносите, тогаш гневот на богот Самахин ќе се излеел врз живите луѓе. Како атрибут на празникот се јавува светилник во вид на глава од тиква, со кој децата облечени во бело ги плашат возрасните, кои, пак, се искупуваат со своите подароци – објаснува отецот.
Тој посочува дека за да ја исправи ваквата погрешна есхатолошка перцепција, христијанството на паганското празнување му го спротивставило празникот Ден на сите светии.
– Во православниот свет тој се слави една недела по Педесетница, а во римокатоличкиот му претходи на Рождественскиот пост и се слави на 1 ноември. Инаку, празникот Ден на сите Светии се поврзува со зборот
Халовин, кој, пак, произлегува од зборовите Вечер на сите светии, или Вечер на сите свети души – објаснува отец Митевски.
Родителите да се спротивстават
Според него, самото празнување на Халовин е парадоксално.
– А парадоксот лежи и во неговото одобрување од страна на образовните институции, што му противречи на самиот морален и културен карактер на образованието. Ако некогаш во западната традиција старите христијански народи невино се забавуваа правејќи контраст помеѓу лицата на своите деца и тиквите, за да ја симболизираат Христовата победа над злото, денес често слушаме за секаков криминал, вандализам и неконтролиран терор што е извршуван од тинејџерските банди за време на празнувањето на Халовин. Се внесува и психолошко доживување на стравот и фобиите, да не заборавиме дека се мотивираат ноќните кошмари, се поставува основа за неконтролираната агресија, што може да заврши дури и со самоубиство. Да се сетиме и на филмот „Ноќта на вештерките“, во кој едно момче, во пресрет на празникот, ја убива својата шестгодишна сестра и, како резултат на тоа, станува крвав манијакален убиец. Ништо не е страшно, сѐ е смешно и весело и смртта не постои; таа е само едно преоблечено чудовиште, затоа продолжи да живееш според принципот: Собери од животот колку што е можно повеќе – објаснува отецот.
Тој апелира и до родителите да се спротивстават на ваквите појави, да ги одбиваат предлозите за „невините и весели детски забави“, па дури и тогаш кога тие се понудени од страна на образовните институции.
– Всушност, современиот Халовин е еден вид бизнис-проект, од најнизок вид, чија примарна цел е заработката – заклучува отец Митевски.
Што е Халовин?
Халовин е празник што се враќа на традициите на античките Келти во Ирска и Шкотска. Се слави секоја година на 31 октомври, во пресрет на Денот на сите светии. Ноќта на вештерките традиционално се слави во земјите каде што се зборува англиски, иако тоа не е државен празник. Од крајот на 20 век, за време на процесот на глобализација, модата за славење на Ноќта на вештерките исто така се појавила и во повеќето неанглиски земји од Европа. Потеклото на овој празник е келтскиот фестивал на Самаин. Овој ден често е поврзан со црната и портокаловата боја, а главен симбол е фенерот од тиква.