Фото: Архива

Иако пред почетокот на пописот Владата и Државниот завод за статистика јасно ставија до знаење дека дијаспората нема да влезе во резидентното население, очигледно дека по неполна година од одржувањето на пописот ставовите и калкулациите се променија. Така, сега бројката на иселени од државата се користи како аргумент да се зголеми квотата на рамковно вработени во државната администрација. Такво нешто нема никаде во светот и тоа е во спротивност со сите општоприфатени меѓународни стандарди и критериуми

ПРЕСЕДАНИ ШТО СКАПО НЀ ЧИНАТ И НЀ ОДДАЛЕЧУВААТ ОД ЕУ

И покрај сите убедувања дека пописот е исклучиво статистичка операција што е клучна заради креирање идни развојни политики за земјава, сè повеќе се потврдува дека најголемата статистичка операција во земјава, всушност, имала политичка заднина.
Најдобра потврда дека за тоа е неодамнешното владино појаснување со кое де факто се потврди веселата математика на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, кој веќе изработил нов балансер врз основа на податоците од пописот и, според кого, од наредната година во државната администрација треба да се вработат 31,54 отсто Албанци. Колку за потсетување, Алити до оваа бројка дојде така што на процентот на Албанци што живеат во земјава (24,3 отсто) го додал процентот на оние што се запишале како Албанци во дијаспората, односно 5,2 отсто или вкупно 29,54 отсто, а на сето тоа додал и паушално плус два процента од лицата што не можеа да се најдат или го бојкотираа пописот, па беа административно попишани со вкрстување на податоците и во согласност со пописните резултати нивниот процент изнесува 7,2 отсто.
Иако пред почетокот на пописот Владата и Државниот завод за статистика јасно ставија до знаење дека дијаспората нема да влезе во резидентното население, очигледно дека по неполна година од одржувањето на пописот ставовите се променија. Никаде во светот, според сите статистички параметри и стандарди, дијаспората не се вбројува во резидентното население. Македонија е исклучок во светски рамки.

– Владата преку Министерство за информатичко општество и администрација е во комуникација и координација со сите инволвирани страни. Се работи на реформи за балансерот. Во врска со балансерот, важно е да се знае дека станува збор за алатка што не е нова, таа е направена за време на претходната власт, во согласност со пописот во 2002 година. Она што сега е случај е што балансерот е коригиран во согласност со пописот во 2021 година. Она што треба да се направи како дополнителна корекција е да се извадат од балансер оние што не изразиле етничка припадност, односно 7,2 отсто од граѓаните во С. Македонија – велат од Владата, без да објаснат зошто во балансерот останува процентот на нерезидентно население.
Згора на тоа, ваквата пресметка, која делумно ја прифаќа и Владата, е спротивна на Законот за вработените во јавниот сектор, според кој, распределбата на бројот на новите вработувања по припадност на заедница се прави според податоците од последниот попис на населението на територијата на Република Македонија, а не на она што е во странство.
Пред неколку дена и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во рамките на објаснувачкиот скрининг за поглавјето статистика, кој се одржува во Луксембург, рече дека статистичките податоци ќе бидат важен дел од преговарачкиот процес и дека пописот е спроведен според методологијата и стандардите на Евростат, но прашање е дали Македонија со ваквата експериментална статистика, всушност, нема да падне уште на почетокот на ова европско поглавје.
– Ние во петокот во Луксембург се фалевме пред ЕУ за спроведениот попис во согласност со критериумите на Обединетите нации и Евростат, а веќе следниот ден не се почитува статистиката. Очигледно, за Владата не важат статистичките методологии и стандарди. Ако не ги почитуваме ОН и Евростат, како бараме пат за Европа – прашува Дончо Герасимовски, поранешен прв човек на Државниот завод за статистика и добар познавач на статистичките состојби.
Тој смета дека целата работа е промашена уште од самиот почеток, со носењето на Законот за попис.
– Целата работа беше замрсена уште на почетокот при носењето на Законот за попис, каде што требаше да има подобро методолошко објаснување на целиот процес. Што сега има да одлучува Владата за процентот во балансерот ако постои пропис и стандарди. Нека посочат една земја во светот каде што е вклучено нерезидентното население при креирањето развојни политики на земјата. Попишувањето на дијаспората требаше да биде само заради евиденција колку се надвор, но и тоа не го добивме бидејќи сегашните податоци се нерелевантни. Не треба да нè чуди зошто толку функционери од една етничка заедница беа растрчани низ светот и агитираа нивната дијаспора да се попишува. Одговорот го добивме сега – истакнува Герасимовски.
Според него, овој попис покажа дека станува збор за исклучиво политичка, наместо статистичка операција како што требаше да биде.

– Чиста политика, нема никаква статистика тука. Ако по стандардите на ОН и Евростат оние што се надвор спаѓаат во категоријата нерезидентно население, како ние ќе го ставаме во резидентно? Кој тоа сега ќе кажува кого однадвор да вработиме? Како некој ќе те прими на работа ако не си пријавен во земјава, ако те нема во евиденцијата на Агенцијата за вработување? Кога ќе вработуваат, не 31, не 29, туку 24,3 отсто. Не може некој да биде во Швајцарија, Италија, Германија, а истовремено да го бројат дека е во земјава, односно да му бараат работа. Тие и натаму ќе продолжат да престојуваат во странство, ќе си работат таму, а тука ќе земаат плата плус, исто како што се случуваше изминативе 10 години – нагласува Герасимовски.
Тој уште додава дека не може ниту една етничка заедница да си прави самата проценти од непопишаното население.

– По кои стандарди некој може сам, паушално, да си креира проценти од непопишаното население, од оние над 130 илјади. Ако е така, тогаш нема потреба од попис и статистика. Тие нека си прават самите процени колку се и како мислат да работат понатаму – категоричен е Герасимовски.
За универзитетската професорка Билјана Ванковска пописот бил обична фарса и дека тоа сега само се потврдува.
– Балансер на лудилото… Гледате сега дека пописот беше фарса, исто како изборите, демократијата? Овде владеат етнократија, кронизам, непотизам и идиократија. Додека нè пропаднеме сите заедно – прокоментира Ванковска на својот фејсбук-профил.
Актуелниот директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, и натаму останува на ставот дека нерезидентното население не може да се вклучува во никакви комбинации и дека ако нешто се носи политички, тогаш тие што го прават тоа треба да коментираат.
– Јас немам официјални информации за вакво нешто, а за политичките одлуки ако се донесат, тогаш тие што ги носат треба да коментираат. Лично и натаму останувам на својот став дека единствена валидна категорија е резидентното население и тоа е во согласност со сите стандарди на ОН, кои важат за сите земји во светот и е прифатено и од Евростат – кратко појасни Симовски.