Фото: Архива

Првиот неуспешен обид за договор на цената за увоз на електрична енергија од Бугарија отвора низа прашања за бенефициите од добрососедските договори, но и за заднината на политичките мотиви што се кријат зад таквата економска соработка. Бугарија би се согласила и бесплатно да испорачува струја за Македонија ако ѝ се дозволи да го прави тоа што веќе го прави како пропагандно-политичка активност, со цел негација и асимилација на сѐ што е македонско, тврдат аналитичарите

Економската соработка, која е спомената во втората половина на (добро)соседските договори што Македонија ги потпиша со Бугарија во 2017 и со Грција во 2018 година, засега не дава никакви опипливи резултати и покрај најавите и очекувањата дека токму економијата и економската соработка треба да бидат двигатели во меѓусебните односи.
Во изминативе четири-пет години постои голема противречност на гледиштата во македонската јавност за политичките „придобивки“ на Македонија од Договорот за добрососедство со Бугарија и од Преспанскиот договор со Грција, но речиси никој не се осврнуваше и не им придаваше значење на економските аспекти од договорите, кои вообичаено беа оценувани како формална содржинска неизбежност на билатерално-политички договори, кои во суштина не обврзуваат. Но, освен празни зборови на хартија, Македонија не доби речиси ништо ниту на економски план.
Справувањето со економската и енергетската криза, кои се најголемиот предизвик воопшто на земјите од Европа, предизвика иницијативност во македонската влада да договара солидарна поддршка во соседство за увоз на електрична енергија и храна од регионалното соседство. Во рамките на иницијативата Отворен Балкан таква соработка е договорена со Србија и со Албанија, а за некаква симетрија во економските соседски односи македонскиот премиер Димитар Ковачевски договараше енергетска соработка со Бугарија и со Грција, со кои веќе Македонија има добрососедски договори. Идејата на ваквите енергетски договори е водена повеќе од принципот на солидарност, наспроти инсистирањето на некаков економски профит во услови на економска и енергетска криза. Поедноставно кажано, договорите би требало да обезбедат поповолна цена за увоз на енергентите меѓу соседите.

Неодамна премиерите на Бугарија и на Македонија – Галаб Донев и Димитар Ковачевски, се договорија да бидат извезени околу 200 мегават-часа електрична енергија од Бугарија во Македонија, од почетокот на октомври 2022 до крајот на март 2023 година, со тоа што цената на испораките треба да ја договорат подоцна работните групи. Но по првиот состанок на работните групи, одржан изминатиот викенд, Бугарија и Македонија не успеаја да постигнат договор за цената на струјата што бугарските производители треба да ја извезат во Македонија. Работна група од Македонија престојуваше во Софија, а на состанокот учествуваа директорите на македонските енергетски компании – Васко Ковачевски од АД ЕСМ и Орхан Муртезани од МЕПСО, како и Виктор Андонов – советник на премиерот Димитар Ковачевски. На средбата не е постигнат договор за цената и трошоците за транспорт на електрична енергија. Во текот на оваа седмица повторно треба да има состанок на работните групи за втор обид да се постигне договор за снабдување со електрична енергија во Македонија од Бугарија. Очигледно добрососедската солидарност затаи од страна на Бугарија.
Првиот неуспешен обид за договор на цената за увоз на електрична енергија од Бугарија отвора низа прашања за подготвеноста и одржливоста на енергетските капацитети во Македонија за предизвиците на кризата, но и за заднината на политичките мотиви во економско-енергетската соработка со соседите.
– Договорот за добрососедство со Бугарија е генерален во однос на економската соработка и повеќе е афирмација на политичката волја за развој на односите и во таа насока. Но конкретните соработки на економски план, сепак, се прашање на трговски зделки, кои се водат од принципите на пазарната економија. Секоја зделка се спроведува според посебни договори, кои ги регулираат заедничките обврски и условите за договорните страни, од кои, секако, најважно е одредувањето на цената за трговијата со одреден производ. Почетната позиција во трговијата е кој го има производот, тој продава, а цените се на слободен пазар. Ако не си договорил цена, значи немаш никаков договор! Гледано од таа базична позиција на економските договори се покажува како политички манипулативна информацијата од пред две седмици дека македонскиот и бугарскиот премиер договориле испорака на струга од Бугарија за Македонија, без договор за цената на таквата зделка – вели поранешниот гувернер на НБРМ и економски експерт, Петар Гошев.

Сепак, поголемиот проблем во пресрет на енергетската криза во Македонија, Петар Гошев смета дека е лоциран во прашањата зошто нашето производство на електрична енергија не ги задоволува потребите на потрошувачката, зошто не се водело сметка за одржувањето на постојните капацитети за производство на струја, за ископите на јаглен… и, конечно, зошто договори за увоз на енергенти се прават дваесетина дена пред почетокот на грејната сезона.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии од почетокот на македонската независност, со претходно долгогодишно работно искуство во електроенергетскиот сектор, ја поддржува констатацијата дека најголемиот дел од проблемот во соочувањето со предизвиците на најавуваната енергетска криза е во тоа што 50 години во Македонија не се вложувало во енергетски капацитети, неодржувањето на постојните и тоа што сѐ уште се избегнува да се направат анализи за вистинските капацитети со јаглен со кои располага земјата. За енергетско-економската соработка со соседите, врз принцип на солидарност, Хајредини оценува дека и на тој план не може да се избегне политичка мотивираност за спроведување влијание.
– Да се очекува придобивка на економски од политички договори, во суштина е наивно. Сите договори што во периодов се направија во регионов, од видот на Отворен Балкан за меѓусебна солидарност и поддршка на економски-енергетски план, неоспорно влијаат на релаксирање на политичките односи во регионот.

Но во градењето на економските односи, дури и кога се солидарни, сепак во основата е економскиот интерес. Но кога станува збор за економско-енергетска солидарност и соработка со Бугарија, нереално е од македонска страна да се очекува дека оваа соседна земја безусловно би се согласила на таква зделка и да пропушти да издејствува нешто за своите политички аспирации спрема Македонија. Верувам дека Бугарија би се согласила и бесплатно да испорачува струја за Македонија ако ѝ се дозволи да го прави тоа што веќе го прави како пропагандно-политичка активност, меѓу другото и со настојувањата за креирање бугарско малцинство во Албанија, со „прелет“ преку македонската територија. Нетранспарентните преговори за цената на струјата што треба да се испорачува од Бугарија одат во прилог на постоењето политичка мотивираност и условување со енергентите за Македонија – вели аналитичарот на економско-политичките состојби Џевдет Хајредини.