Во потрага по објаснување зошто толку драстично е намалено производството на сончоглед во Македонија, тргнавме низ сончевото Повардарие. А таму, како што се сугерира во претходната реченица, би требало да има и сонце и вода, потребни за одгледување на земјоделската култура од чие семе се цеди масло, кое во последно време, поради проблемите предизвикани од пандемијата и од војната во Украина, луѓето почнаа да го нарекуваат и течно злато. Но од земјоделската идила што ја очекувавме, излезе едно силно разочарување. Од она што го видовме, единствено остана надежта дека, каде и да е, токму птицата феникс ќе се вивне од пеплосаните ниви и токму таа ќе ни даде нова верба и нов мотив за очекувања и верувања дека ќе ни се случи нешто подобро и ќе се исполнат нашите очекувања за бериќет и благосостојба…
ЛОКАЛНИТЕ ПРОБЛЕМИ ИМ НАТЕЖНАА НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ПОВЕЌЕ ОД ГЛОБАЛНИТЕ
За некои можеби во сегашниве услови по малку нереалната, но сепак сосема автентична глетка на цели полиња со исушени, неожнеани сончогледови стебла со повеќе или помалку оформени глави, на само десетина метри од исто така сувите канали за наводнување во Повардарието, нуди јасен одговор на едно од можеби во моментов најпоставуваните прашања – што се случува со производството на оваа маслодајна култура во Македонија. Жедно чека милост од Господ или од надлежните, би можел да гласи најкраткиот одговор. Но кога ќе се најдете помеѓу ваквите и полињата со штотуку никнатите стебленца од пролетната сеидба, со луѓето што ги вложиле своите труд, средства и надежи во одгледувањето сончоглед, полека ќе почнете да сфаќате дека, освен најголемиот, проблемот со наводнувањето, тука има и уште многу други ризици и тешкотии.
Но да почнеме по ред. Во потрага по објаснување зошто толку драстично, според некои, вистина не баш прецизни статистики, е намалено производството на сончоглед во Македонија, тргнавме низ сончевото Повардарие. Таму каде што, како што се сугерира во претходната реченица, би требало да има и сонце и вода потребни за одгледување на културата од чие семе се цеди масло, кое поради нарушените производство и синџири на снабдување со репроматеријалите и со финалниот продукт предизвикани од пандемијата и од војната во Украина, во последно време почнаа да го нарекуваат и течно злато.
– Гледате, сега сме крај на април, а каналите за наводнување се суви. Исто така беше и лани и затоа овие посеви ни пропаднаа. Стеблата се исушија пред да се оформат главите и не ни се исплатеше да пуштаме комбајн за да ги ожнее. Ако наскоро пуштат вода, веднаш ќе ги расчистиме полињата и повторно ќе ги засееме – ни ја објаснува оваа фрапантна ситуација локалниот агроном Сашо Аџиов.
Истата глетка неколкупати ни се повторуваше при обиколката на посевите помеѓу Градско и Неготино, а станува збор за парцели со големина од по околу пет-шест хектари.
– Кога ќе се пресметаат трошоците за обработката на почвата, семето, пестицидите, комбајните…, штетата е помеѓу 500 и 600 илјади денари – грубо пресметува Аџиов.
Дали истата судбина ги чека и новозасеаните полиња, тешко е да се каже во ситуацијата кога водата низ каналите, како што нѐ информираа, требало да потече уште пред 15 април.
– Ако за неколку дена не заврне или не ја пуштат водата, ќе имаме проблем, зошто овие млади растенија сега се во фаза кога влагата им е неопходна – констатира тој.
А дури и ако биде пуштена водата, прашање е колку од неа ќе стигне до полињата што цели се премрежени со канали, кои се оштетени, обраснати со трева и грмушки, а хидрантите веќе долго време не се во функција. Поради тоа, водата мора да се црпи од каналите и да се распрснува по полињата со топови, за кои велат дека се од најсовремените, но неупотребливи кога нема вода.
А зошто нема вода? И одговорот на ова прашање е комплексен.
– Од Тиквешко Езеро ја чуваат водата за производство на струја, а многу често имаат и дефекти во застарениот систем, за чие отстранување, исто така често, немаат ни средства ни луѓе. Нема кој и со што да го одржува системот, така што и ние некојпат им помагаме – раскажуваат.
Друг начин е да се носи вода од Вардар, но ресурсите сега се користат за да се обезбеди наводнување на пченицата, која сега е во најкритичната фаза на вегетација.
– Во земјоделството клучен фактор е времето. Мора се навреме да се направи. А мерките на Владата се задоцнети и тешко дека ќе можат веднаш да се применат, да се планираат и организираат обработката на земјиштето, набавката на семињата, обезбедувањето работници, механизацијата… Тие требаше да бидат донесени уште пред Нова година. И секако, навреме да биде пуштена вода во каналите – вели агрономот.
Утешително во целата приказна е тоа што нема проблем со откупот, бидејќи маслодајните фабрики во земјава имаат капацитет за многу повеќе од производството на сегашните 20-30 отсто потребни за намирување на домашните потреби.
Но за да се стигне дотаму, треба да се истера цело лето и ако низ каналите не потече вода, таа да се носи од Вардар, што е преголем зафат за сите засеани површини, или да се чекаат врнежи, кои во овој регион се потпросечни.
Во меѓувреме, очекувањата се насочени кон прекрасните веќе жолто расцветани полиња на маслодајна репка од есенската сеидба, чие одгледување, како што велат, е помалку ризично и поисплатливо, а и откупот е обезбеден. И неа сега ѝ треба влага заради зголемување на вегетативната маса и подобар квалитет на зрното.
Токму во тоа и експертите ја гледаат шансата за подобрување на состојбата во обезбедувањето суровини за производство на масло за јадење.
– Репката не може да го супституира сончогледот, но нејзиното производство треба да се форсира, бидејќи, според квалитетот, маслото добиено од репка по ништо не заостанува зад сончогледовото масло, само кај нас луѓето не се навикнати да го користат. Доколку сѐ се испланира и организира добро и навреме, со одгледување на двете маслодајни култури, сончогледот како доминантна и репката како дополнителна, во Македонија може да се обезбедат суровини за производството на масло за јадење во количества со кои ќе се задоволи околу 50 отсто од домашните потреби, состојба што ја имавме некаде околу 1990 година. И тоа е она кон кое треба да се стремиме – објаснува Зоран Димов од Катедрата за специјално полјоделство на Земјоделскиот факултет во Скопје.
Според неговата процена, сега, од домашното семе се произведува масло за покривање на пет до десет проценти од потребите, додека преостанатите 90 проценти се покриваат со преработката на увезеното нерафинирано и готово масло.
– Клучно е од нашето семе да произведеме што повеќе масло – констатира тој.
Најавените субвенции, како што вели, се добра, но, сепак, задоцнета мерка.
– Требаше да се случат сите овие кризи за да се отвори темата за маслодајниот сектор и да се преземат сите овие акции, кои сега веќе се задоцнети. Не дека тоа нема да значи одреден исчекор, но суштински, сега, не може ништо да се смени. Тој што сега, по последната најава на владините мерки, ќе влезе во оваа приказна, треба добро да процени и, пред сѐ, да обезбеди семе со пократка вегетација за да може навреме да го ожнее сончогледот, а тука се и сите оние попатни ризици, како што е обезбедувањето минимум две наводнувања и слично. Современото земјоделство веќе не работи со импровизации. Тоа се темели на навремени и прецизни агрохемиски анализи на почвата, проверки на семињата, стабилно наводнување, современа механизација… – наведува професорот, оценувајќи дека и со сите тие напори, за Македонија идеално би било да го достигне нивото на производството од 1990 година.
Инаку, Владата неодамна најави дека, за првпат по многу години, се фокусира на домашно производство на стратегиските земјоделски производи, за намалување на увозната зависност од храна.
– Во државата беше воведен концепт на субвенционирање со кој годишно се инвестираа кај земјоделците и по 8-9 милијарди денари, но производството на храна 15 години се намалува, и тоа во стратегиските култури. Порастот на цените на овие стратегиски култури на светските берзи, како резултат на војната, на вештачките ѓубрива за 300 проценти, со оглед дека нивното производство е најголемо во завојуваните земји, ја исправи Владата пред одговорноста да обезбеди, прво, непречено снабдување со храна, со основни продукти и, второ, максимално да го зголеми производството на храна во државата. За таа цел е донесен план за производство на храна со интервентен фонд, 400 милиони денари годишно за земјоделците при набавка на ѓубриво, за започнување на производството со намалени трошоци, и дополнителни субвенции за остварен принос, за зголемено домашно производство – посочи пред некој ден премиерот Димитар Ковачевски.
Тој објасни дека, меѓу другите, и одгледувачите на сончоглед ќе добиваат 2.500 денари по хектар за вештачко ѓубриво и 5.700 денари дополнителна субвенција, доколку остварат принос од 1,5 тон по хектар и истиот тој го предадат во преработувачките капацитети.
Дали и колку ќе помогне тоа, уште ова лето, сончогледовите цветови да ги украсат полињата низ Македонија или стеблата ќе им овенат и ќе се исушат пред времето за жетва, тешко е да се прогнозира, но одгледувачите велат дека немаат друг избор освен да се обидат. Д.М.М.