Насловната страна на весникот „Le Petit Journal“во кој станува збор за атентатот врз Стамболова

Убиството на Стефан Стамболов како реакција на бугарската хегемонија, задушувањето на македонизмот и киднапирањето на сонот на Македонците за своја македонска самостојност (3)

Многубројна историска литература, документација и сведоштва го потврдуваат ставот на припадниците на македонскиот народ, токму како реакција на бугарските обиди да ја задушат македонската национална ренесанса и да ја негираат посебноста на македонскиот народ, од кој се родиле различните форми на отпор од минорни до најрадикални. Токму во Бугарија историските факти сведочат дека Македонците се организираа или активно ѝ се спротивставуваа на власта, јавно демонстрирајќи на европската политичка сцена дека нема никојпат да се согласат со деноминаторските нихилистички бугарски политики кон македонскиот народ. Една од таквите форми на отпор и демонстрација на отворено крајно радикално спротивставување на политиките на Софија спрема Македонците биле и – атентатите.
Најпознати такви форми на отпор се атентатите на двајца бугарски премиери, Стефан Стамболов и Александар Стамболијски, како и на неколку бугарски министри и дипломатски претставници, како што се атентатите на Христо Белчев или на Александар Димитров. Но за обележување е дека ваквите македонски пројави во бугарската држава биле мотивирани од македонските интереси и најчесто Македонците дејствувале против оние бугарски фактори што биле лидери во негативната настроеност кон Македонците и нивните политички слободарски стремежи.

Самото убиство се случило вечерта на 15 јули. Во 19.50 часот Стамболов излегува од клубот „Унион“ и се качува во кочија, заедно со неговиот пријател и политички соработник Димитар Петков и неговиот личен телохранител Гунчо. Во заговорот е вклучен и пајтонџијата Мирче Ацев-Оровчанецот (македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација; народниот херој од НОВ Мирче Ацев бил внук на војводата Мирче Ацев, чие име и го носел; негова внука била и Вера Ацева, која исто така учествувала во НОВ), кој специјално чека пред клубот. Набрзо по тргнувањето, пред кочијата се појавуваат Боне Георгиев и Хаљо, а малку подоцна и Таљо, додека Георгиев пука во кочијата, а Хаљо вади јатаган и брзо се упатува кон неа. Пајтонџијата ја запира кочијата, а полицаецот што се наоѓал пред клубот „Унион“ се оддалечува од местото. Стамболов скока од пајтонот, а Мирче Ацев-Оровчанецот заминува со кочијата, носејќи ги Димитар Петков и телохранителот до соседната улица Стефан Караџа.
– Стефан Стамболов бегал низ улицата Георги Раковски кон клубот „Унион“, но Хаљо го стигнал. Кога Стамболов се обидел да стрела кон својот напаѓач, Хаљо му ја исекол раката, потоа го соборил на земја и заедно со другите заговорници почнал да го удира по главата, бидејќи знаеле дека Стамболов најчесто носел панцир под облеката. Кога Гунчо и Димитар Петков се вратиле на улицата Георги Раковски, атентаторите почнале да бегаат. Гунчо започнал да го гони Хаљо, ранувајќи го со револвер во вратот, но бил спречен од двајца полицајци што му помагале на атентаторот да избега. Хаљо и Таљо трчале низ улиците и исчезнале во Перловец, а Боне Георгиев избегал со кочијата на Мирче Ацев-Оровчанецот – вели Душко Апостолоски, кој подолго време ги истражува бугарските архиви за овој настан.
Во меѓувреме Димитар Петков со пајтон го носи Стамболов во својот дом. Целото лице на Стамболов било исечено, двете раце му биле речиси целосно отсечени, а десното око му било извадено. Но Стамболов бил свесен и ги обвинувал Хаљо, Наум Туфекчиев и кнезот Фердинанд за нападот. Раните му биле тешки, а состојбата дополнително му се влошила поради дијабетесот. Стефан Стамболов починал во 3.35 часот на 18 јули 1895 година.

Во близината на местото на нападот било пронајдено оружјето на атентаторите, а истрагата ги поврзала со трговецот со оружје Наум Туфекчиев. Туфекчиев, Мирче Ацев-Оровчанецот, Боне Георгиев и двајцата полицајци што го обезбедувале клубот „Унион“ биле приведени, Хаљо успеал да побегне, а подоцна Наум Туфекчиев бил ослободен со кауција. Во меѓувреме кнезот Фердинанд и бугарската влада објавиле дека убиството на Стамболов е лична одмазда и нема политички карактер.
Судскиот процес се води во Софискиот окружен суд, под претседателство на Георги Пасаров, а започнува во декември 1896 година. Обвинети се Боне Георгиев, Михаил Ставрев (Хаљо) и Атанас Цветанов (Таљо) како сторители, Наум Туфекчиев како поттикнувач и Мирче Ацев-Оровчанецот како соучесник. На Хаљо и Таљо им се суди во отсуство, бидејќи успеваат да ја напуштат Бугарија. Казните биле изречени на 13 февруари 1897 година. Наум Туфекчиев и Мирче Ацев-Оровчанецот биле осудени на по три години затвор за помагање, Боне Георгиев бил ослободен, а казни против Хаљо и Таљо не биле изречени, под изговор дека нивното отсуство ја попречувало истрагата. На 24 март 1898 година, Апелацискиот суд во Софија му ја укинал казната на Наум Туфекчиев. Во 1900 година Хаљо се вратил во Бугарија, а кон крајот на 1902 година бил осуден на смрт. Казната била обжалена до Апелацискиот суд во Софија, кој на 14 април 1914 година ја заменил со 15 години затвор.

Наум Туфекчиев -Ресенчанецот што ги произведуваше фамозните гранати „македонки“

Туфекчиев е роден на 29 јуни 1864 година во Ресен. Изучувал пиротехника во Белгија и отворил фабрика за производство на експлозивни материјали и оружје во Софија. Туфекчиев се враќа во Кнежеството Бугарија и се вклучува во активностите на Младата македонска книжевна дружина во периодот 1892-1894 година. На 27 декември 1894 година Туфекчиев заедно со Димитар Ризов, Андреј Љапчев, Тома Карајовов, Никола Наумов и Трајко Китанчев го основал Братскиот сојуз, една година подоцна тој се приклучил на Македонскиот комитет (подоцна Врховен македонски комитет). На првиот конгрес на Македонскиот комитет, Туфекчиев е избран за потпретседател. Во Софија основал фабрика за бомби, каде што ги произведувал фамозните гранати „македонки“, а Дончо Штипјанчето бил користен како главен курир за испораките во Македонија. Туфекчиев дошол во судир со Гоце Делчев и Ѓорче Петров, а Македонската револуционерна организација (МРО) ги одбила неговите услуги.
Преку Димитар Љапов, Туфекчиев стапил во контакт со ерменските револуционери и со неговото оружје била заземена Отоманската банка во Цариград (Истанбул), а набрзо потоа се нашол во немилост на бугарските власти. Во 1900 година заедно со Стојан Шангов го издава весникот „Вечерна пошта“. Од 1905 година стапил во контакт со болшевичките револуционери и им препродавал бомби. Во 1906 година Туфекчиев бил вмешан во меѓународен скандал при транспорт на оружје во Русија.
Во 1908 година Наум Туфекчиев се враќа во Македонија и се зближува со водачите на Младотурската револуција Нијази-бег и Енвер-бег. Во 1915 година турската тајна полиција стапила во контакт со Наум Туфекчиев, со цел да организира обид за атентат во Бугарија, што би ја турнало кон сојуз со Централните сили. Така, тој го организирал обидот за атентат врз Градското казино, извршен од страна на „Црвените браќа“ на 31 јануари 1915 година. Во нападот загинаа Никола Бојаџиев, син на началникот на Генералштабот, генерал Климент Бојаџиев, ќерката на министерот за одбрана, генерал Иван Фичев, Мара, Цветана Христова и уметникот Петар Милев, а беа повредени осум лица. По влегувањето на Бугарија во Првата светска војна, тој во име на својот покоен син Александар дал донација од над 5.000 златни лева за обнова на црквите во Македонија. На 25 февруари 1916 година, по наредба на Тодор Александров, со шест куршуми во градите бил убиен на улицата Георги Раковски од Туше Скачков.

(продолжува)