Во денешниот текст нема да понудам конкретна расправа по одредени членови од договорите со Грција и со Бугарија, туку, потсетувајќи на односот на власта кон интелектуалците низ примерите што сите ги знаеме, ќе понудам лично согледување за нашата улога и одговорност во решавањето на современите проблеми и на предизвиците исправени пред нашето општество. Во античка Грција, против Сократ имало две обвиненија: првото обвинение било за ерес — неверување во боговите, иако, всушност, тој ја почитувал религијата во неговото време, а второто обвинение било дека ја расипал младината со своите учења. Пресудата била смртна казна, а нему му било наредено да испие чаша отров. Во 19 век, поимот „интелектуалец“ е поврзан со аферата Драјфус, а Емил Зола, кој, по написот „Обвинувам“, поттикнато од гневот на бесмртните од Француската академија, бил обвинет за навреда на армијата и осуден на затворска казна во траење од една година, но по наговор од пријателите, заминал во Англија, каде што останал 11 месеци. Гневот и омразата, искажани во кулоарите, но и на официјални состаноци во и надвор од Академијата, на дел од академиците во однос на моето водење на Академијата во, можеби, најкритичните моменти за опстојувањето на државата, на Македонија, иако очекувани, имајќи го предвид печатат што денес Академијата го втиснува во македонското општество, за мене се, во извесна мера, разочарувачки – зошто, воопшто, гнев и омраза? Впрочем, немаме ли право сите на сопствено мислење, на сопствен став и на начин на раководење, а сѐ во интерес на македонското општество и на просперитетот на граѓаните на Македонија?
Антонио Грамши истакнува дека „секоја општествена група… создава во себе, органски, еден или повеќе слоеви на интелектуалци, кои ѝ даваат хомогеност и свест за сопствената функција, не само во економската туку и во социјалната и политичката сфера“. Авторот на „Затворските тетратки“ го заокружува својот став со зборовите: „Сите луѓе се интелектуалци… но не сите луѓе во општеството имаат функција на интелектуалци“. Претседател на МАНУ е општествена функција, чест укажана од членството на Академијата, но и обврска кон општеството да се говори за клучните прашања, особено кога тоа се соочува со голем број предизвици, па оттука, водејќи се од максимата „Вистината што не е изречена во вистинско време е полоша од лагата“, пишував и ќе пишувам за општествените предизвици во и за Македонија, бидејќи позицијата ми налага да предупредувам на внимателност во постапувањето по клучни државнички прашања и да повикувам, пред сѐ, на научна анализа за секој преземен чекор што би влијаел врз опстојувањето и развојот на државата.
Денес ќе проговорам на две теми, опстојувањето на државата и работата на Академијата, кои, според моето мислење, се втиснати во срцевината на денешните општествени проблеми. Во овој контекст, во разгледувањето на првата тема се навраќам на односот на Академијата и на политичарите кон македонскиот јазик и кон македонскиот идентитет, а во втората тема зборувам за меѓусебниот однос на МАНУ и партиските и владејачките моќници. Во однос на двете теми треба да се разгледуваат два периода, до 1991 и по 1991 година. За периодот до 1991 година, ставовите на Академијата и политичарите се единствени – политичарите ги бранат научните ставови на Академијата. За жал, односот на политичарите во независна Македонија, по 1991 година, кон македонскиот јазик и кон македонскиот народ се карактеризира со водење неконзистентна државна и партиска политика и се сведува, главно, на мислењата на определени политичари, кои се карактеризираат со неконзистентност, субјективност, неизверзираност во политичкиот настап и ненаучност, заради постигнување определени „повисоки цели“, што доведува до парадоксални состојби.
Таа состојба вознемирува, но уште повеќе вознемирува односот на дел од академиците кон македонскиот јазик и кон македонскиот народ, кој, инициран од желбата за полноправно членство во ЕУ, за жал, во минатите неколку години резултира со неконзистентен и, во голем обем, неук и наивен пристап, целосно различен од јасните ставови на Академијата во периодот од нејзиното основање до 2018 година, а тоа ќе го поткрепам со два документа, иако, се разбира, нивниот број е многу поголем. Во првиот, објавен во 2002 година и поставен на веб-страницата на МАНУ, со наслов „Промеморија на МАНУ во врска со спорот за името на Република Македонија“, пишува: „МАНУ ги смета за сосема основани и ги поддржува предлозите… за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Бугарија и Албанија,…, но и во Република Грција, каде што живее бројно македонско национално малцинство“. Вториот документ, што претставува реакција на МАНУ „на писмото потпишано од повеќе професори од разни универзитети во САД, Канада и во Европа…, упатен до претседателот на САД, Барак Обама“, објавен во Билтенот на МАНУ во 2009 година и достапен на веб-страницата на МАНУ, завршува со следниот повик: „Затоа и ние, луѓето од науката и уметноста, се залагаме за што побрзо надминување на атавизмите од минатото на патот кон обединета и просперитетна Европа. Апсурдно е на тој заеднички пат да се бара од нас да се откажеме од сопственото многувековно име и од самите себе. Името на Македонија е стварноста на Македонија“.
Зошто, како и кога, од научна институција што, од една страна, ги поддржува напорите „за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Грција, Бугарија и Албанија“ и, од друга страна, изјавуваа: „Името на Македонија е стварноста на Македонија“, МАНУ се трансформира во институција што ги поддржува договорите со Грција и со Бугарија, со кои се негира постоењето на македонскиот народ и јазик, не само во Грција и Бугарија туку и во Македонија – да нема забуна: негирањето на македонскиот јазик и народ во соседните држави е, всушност, негирање на јазикот и народот во сопствената држава, занемарувајќи го педесетгодишниот изграден институционален став на Академијата во врска со ова прашање, не претставува воопшто загатка, бидејќи одговорите на прашањата што почнуваат со „зошто, како и кога“ ни се познати на сите во и надвор од Академијата, и, оттука, прашањата се реторички.
Втората тема – меѓусебниот однос на МАНУ и партиските и владејачките моќници, треба да се анализира сеопфатно, одговорно и отворено. Педесет и пет (или сто и дваесет) години постоење е доволно време за да се напише историјата на МАНУ, и тука, би требало, според моето мислење, меѓу другите анализи, да се направи и анализа за поврзаноста на членовите на Академијата со владејачките и со партиските моќници и влијанието на таа поврзаност врз Академијата и нејзиниот општествен статус. Повторно, треба да се разгледуваат два периода, до 1991 и по 1991 година. Така, на пример, интересни и упатни се прашањата: Дали МАНУ треба да биде независна научна и уметничка институција или продолжена рака на политиките на партиските или владејачките моќници? Дали, всушност, постои граница на независноста во работата на МАНУ и, ако постои, како треба да се дефинира таа граница? Дали членовите на МАНУ, на чело со претседателот, прв меѓу еднаквите, во секоја доба од егзистирањето на оваа круцијална институција за македонското општество, треба да бидат слуги на партиските и владејачките моќници под привидното мото „обединети за општо добро“, или промотори на научната вистина, водејќи сметка за моралните и општествените вредности?
Посебно прашање, пак, е како МАНУ се соочува со отворените и срамни манипулации на политичарите и како треба да ги надминува? Многубројни примери од минатото, но, за жал, и од сегашноста, покажуваат дека Академијата била, е и ќе биде искористувана од владејачките моќници. Постојат методи и алатки од бихејвиоралните науки, за коишто, можеби, треба некогаш да проговорам подетално, кои, од една страна, овозможуваат неосетно нарушување на автономијата, „мек“ патернализам и поттикнување кон определено посакувано однесување на институциите, граѓаните, интелектуалците, а притоа, од друга страна, тие да имаат чувство дека нивните одлуки се независни и нема ограничување во одлучувањето.
Многу често, настани што се организирани од МАНУ или од нејзините истражувачки центри, особено во присуство на владејачките моќници, на кои критички се изнесуваат ставовите на членовите на МАНУ по одредени прашања (реформи, закони, документи), всушност, власта ги претставува во јавноста како поддршка од Академијата (зборот „критички“ магично исчезнува, па така ставовите се толкуваат како поддршка), додека, пак, во јавноста се перципираат како сервилност на МАНУ кон власта, иако, во суштина, и едното и другото не е вистина. Вистината е поинаква. За жал, во минатото, ако сме искрени кон себе, Академијата често беше изманипулирана институција, а нејзината основна советодавна улога за изнесување критички ставови, како борец за вистината и правдата и поддржувач на владеењето на правото, се распрсна како меур од сапуница.
Моите досегашни и идни текстови, бидејќи не сомневајте се дека ќе продолжам да пишувам, а ги повикувам сите јавно да ги изнесат ставовите за македонските предизвици, се сведоштва за моите лични согледувања и ставови, изградени врз научно поткрепена анализа. Во суштина, сите мои јавни излагања може да се сумираат во еден параграф. Ако зборот „македонизам“ подразбира просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ, чиј национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството (вклучувајќи ги тука и Грција, Бугарија и Албанија) и низ целиот свет – факти што се верификувани од светската наука и поддржани од МАНУ, во периодот од 1967 до 2018 година, тогаш дали документите што ги негираат тие факти и промовираат невистини, лаги и манипулации, а тоа се договорите со Грција и со Бугарија, Македонците и македонската научна јавност треба да ги отфрлат и да ги осудат? Или, којзнае по кој пат, ќе молчиме со наведнати глави!? Дали претседателот на највисоката научна и уметничка институција во државата треба да молчи за документи што промовираат невистини, иако јавноста сѐ погласно го бара токму спротивното? Дали моите написи, денес од едни, а утре од други политички партии, ќе бидат искористени и во позитивен и во негативен контекст не се сомневам, но, искрено, тоа не е причина што ќе ме замолчи и ветувам дека ќе продолжам да пишувам за сите предизвици пред кои е исправена Македонија.
Геополитичката слика на светот се менува, а Македонија е поставена пред сериозни предизвици. Во 2009 година, на патот кон обединета и просперитетна Европа, Академијата побара да не „се откажеме од сопственото многувековно име и од самите себе“, порачувајќи „името на Македонија е стварноста на Македонија“. Денес, ние го правиме токму тоа – се откажуваме од самите себе, а тоа го прават, за жал, и некои членови во Храмот на науката, поддржувајќи и застапувајќи лаги, невистини и манипулации. До крајот на годината, во САД се очекува да биде усвоен Законот за демократија и просперитет на Западен Балкан (Western Balkans Democracy and Prosperity Act), кој како предлог на група американски сенатори беше пуштен во постапка во институциите во Вашингтон на 2 август 2022 година. Законот се однесува за државите Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. За мене нема дилема дека Македонија треба да биде дел од ЕУ, меѓутоа заради стратегиски придобивки, САД ќе извршат дополнителен притисок врз Македонија, додека Бугарија нема ни за педа да отстапи од своите уцени, што ќе биде погубно за македонскиот народ, за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. И досегашниот контекст на настаните беше и е застрашувачки, но тоа што нѐ очекува, изразено со зборовите на Орвел, ќе подразбира: „секој запис да е уништен или фалсификуван, секоја книга одново напишана, секоја слика префарбана, секоја статуа и улица и зграда преименувани, секој датум променет. И тој процес продолжува од ден на ден и од минута во минута. Историјата запре. Ништо не постои, освен бескрајната сегашност во која Партијата е секогаш во право“.
Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, па оттука може да се зборува за „споделени места на меморијата“ на балканските народи, но не и за „заедничка историја“. За досега утврдените „историски вистини“, содржани во првиот протокол, што ги определува светите Кирил и Методиј, Климент и Наум исклучиво за „бугарски“ просветители, а целосно се негира нивната поврзаност со Македонија и тенденциозно се бришат фактите дека токму на македонските простори продолжиле да се негуваат традициите, што не било случај со Османлиска Бугарија, доволно е повторно да ги прочитаме текстовите на голем број македонски дејци и академци за да се потсетиме на научната историска вистина и да бидеме свесни за историскиот инженеринг што се одвива врз Македонија. Иако сум пишувал за ова, за да го илустрирам последното тврдење, уште еднаш ќе укажам на повеќедецениските истражувања на академикот Цветан Грозданов и дописниот член Сашо Цветковски, според кои најголемиот број икони и фрески со портретите на Св. Климент и Св. Наум се наоѓаат во Македонија, помал број во Грција, Костур и Верија, во Албанија, околу Корча и Москополе, како и во Србија, во деловите што низ историјата влегувале во границите на Охридската архиепископија. Од друга страна, во Бугарија не се откриени сликани претстави на Св. Климент, Св. Наум и Св. Јован Владимир, од средновековниот период (X – XV век) и од периодот на доцниот среден век (XVI – XVIII век). Сè до 19 век, во Бугарија, Св. Климент и Св. Наум, авторите на кирилицата, не се славени, ниту сликани во црквите, тие не биле земани за патрони и заштитници, па апсурдно е тоа што официјалната бугарска политика во изминатиов период ја присвојува традицијата што воопшто не била негувана и прифатена кај нив. Тука, би сакал уште еднаш да потсетам дека најстариот универзитет во Бугарија, формиран во 1888 година, го добил називот Софиски универзитет „Св. Климент Охридски“ во 1905 година. Не негирајќи го правото секој да ги именува своите институции, ако се има предвид дека на денешната ситуација ѝ претходат вековни осмислени дејства, не очекувам дека воопшто во следните неколку децении ќе се смени односот на Бугарија кон македонскиот јазик и кон македонскиот народ.
И досега беше застрашувачко, но тоа што ѝ претстои на Македонија во следните десетина години, може да се рече дека ќе претставува дно на сите дна. А, што е тоа? Најцрното сценарио, според моето мислење, подразбира дека не само до 1945 година туку и периодот од 1945 до 1991 година ќе биде ревидиран. Така, на пример, сите наши писатели што твореле до 1991 година ќе се изучуваат на катедрите по бугарска или српска книжевност. Пред нашите очи се одвива процес со кој се создава нова нација: северномакедонци, се трансформира во вистина лагата дека македонски јазик е дијалект на бугарскиот јазик и постои од 1945 година, се менува целосно историјата на Македонија и се брише сѐ што е македонско. Не треба да нѐ залажува последната манипулација: „Историски исчекор направивме, го потпишавме договорот со Фронтекс, првиот документ со Европската Унија на официјален македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички и додавки и без никакви други појаснувања“. Всушност, иронијата да биде поголема, во изјавата, во делот „без фусноти, без ѕвездички и додавки и без никакви други појаснувања“, е скриена застрашувачката вистина – изјавата покажува дека досега, до октомври 2022 година, само за Бугарија македонскиот јазик бил бугарски дијалект, меѓутоа, отсега, македонскиот јазик веќе стана бугарски дијалект за сите држави во ЕУ. Реков: „стана“ – употребив минато свршено време, а тоа го знаат дел од владејачките елити, другите само слепо веруваат на искажаните невистини.
Македонија може да се сака на различни начини. Не го оспорувам пристапот на неистомислениците – под изговор на привидна мудрост и стратегиска одговорност, иако тој пристап, според моето длабоко убедување, е нетранспарентен, погрешен, сервилен и манипулативен, но не треба и вие да го оспорувате мојот пристап. Сократ можел да избега, но не избегал, а и јас нема да бегам и ќе се соочам со одговорноста за водење на оваа институција. Кога му се судело, Сократ одржал долг говор за да се одбрани од тврдењата изнесени од атинската влада, говор што се наоѓа во „Апологија“ и почнува со следниве зборови: „Не знам каков ефект имаа моите обвинувачи врз вас, господа, но од моја страна бев занесен од нив – нивните аргументи беа толку убедливи. Од друга страна, аргументите беа толку оскудни, што одвај еден збор од она што го рекоа беше вистина“. И аргументите против мене и моите дејства се токму такви – манипулативни, сервилни и невистинити, меѓутоа, ако треба, отровот, ако ми биде понуден, во фигуративна смисла, ќе го испијам, но од мојата заложба за македонизмот и за неговото опстојување преку активната улога на Академијата, како еден од столбовите на идентитетот и на државноста, не се откажувам – сите општествени функции се минливи, сите ќе заминеме од земниот свет, само се надевам дека вистината и Македонија ќе опстојат: дали тоа некој го сака и го поддржува или не, за мене, во овој контекст на континуирано негирање на македонскиот јазик и на македонскиот народ, е беспредметно прашање.
Во еден од моите омилени филмови, главниот јунак извикува: „Она што го правиме во животот, одекнува во вечноста!“ Тоа важи и за сите нас!