Деновиве белгиското обвинителство експресно реагираше и спроведе серија апсења на највисоки европски функционери поради коруптивни поведенија. Токму тоа треба да претставува пример и импулс за македонските обвинители, кои не постапуваат ниту по предмети што се одамна доставени до Обвинителството за коруптивни активности на повеќе министри, директори и други државни функционери…
Јавноста беше шокирана од изјавата што имаше призвук на јавна осуда од страна на претседателката на Државната комисија за корупција, Билјана Ивановска, која беше децидна дека во Обвинителството се доставени повеќе предмети за коруптивни активности за многу министри, директори и други државни функционери, но по нив сѐ уште не било постапувано?!
Една од седумте глави на ламјата, наречена корупција, е во Обвинителството?!
Непостапувањето на институциите против случаите на висока корупција сите овие 30 и нешто години доведе до тоа граѓаните сериозно да се запрашаат дали во Македонија постои воопшто некаква волја за борба со ова општествено зло, дали има воопшто способни и компетентни непартиски личности, дали има одговорни и независни професионалци што се одговорни пред законот, а не на партиите, и дали во крајна сметка во истите тие институции има луѓе што со своето неработење директно ги мотивираат и овозможуваат коруптивните дејства, односно се соучесници во криминалот?! Досегашното децениско искуство покажува дека одговорите на сите овие прашања се онакви каков што ни е системот во целост, коруптивно загрозен до срцевината, и дека самите не може никако да излеземе накрај, а помошта понудена од САД ни е повеќе од потребна, сега и веднаш!
Претседателката на Државната комисија за корупција, Билјана Ивановска, неодамна изјави дека Антикорупциска има доставено до Обвинителството повеќе предмети за коруптивни активности за многу министри, директори и други државни функционери, но дека оттаму немаат повратен одговор.
– Имате повеќе случаи. Имате за поранешниот министер за култура што потпиша неовластени буџетски средства. Имате двајца генерални секретари од Владата што потпишаа договори за авторски права, имате директор на Агенцијата за филм, имате директор на јавно претпријатие за спортски објекти и мислам дека го имате ректорот на најголемиот универзитет во државата. Значи, имаме многу пријавени иницијативи, поконкретно за кривично гонење, кои ги доставивме до обвинителството, за кои сè уште чекаме и, не заборавајте, го имаме предметот што е од извонредно значење за јавниот интерес, а тоа е случајот „Холидеј ин“. Значи тој предмет сега ќе биде две години во Јавното обвинителство, со сите докази испратени таму, и сè уште чекаме одговор и веќе размислуваме да испратиме претставка до Советот на јавни обвинители да врши надзор над работата на обвинителот. Што го спречува обвинителот да излезе со одлука на Јавното обвинителство за сите што биле вклучени во процесот на одобрување на деталниот урбанистички план кој се реализира спротивно на генералниот урбанистички план и има негативно влијание врз животната средина – прашува Ивановска.
Непостапувањето по поведенија од висока корупција е хронична појава
Тврдењата дека Јавното обвинителство не постапува кога станува збор за корупција кај функционери од повисок калибар не се само од сега, туку од многу порано, со заедничка констатација дека се реагирало само кога ќе бил извршен силен притисок од јавноста, во спротивно предметите редовно завршувале во фиоки и таму останувале со години, додека не се заборават.
Таквото пасивно однесување на Обвинителството низ годините доведе до драстично намалување на довербата од страна на граѓаните, кои се убедени дека корумпираните политичари се заштитени и дека и самото Обвинителство со непостапувањето по коруптивни дејства на некој начин носи огромна вина за сегашниот степен на корупција во земјата. Сите овие примери на непостапување на ЈО ја наметнуваат и дилемата дали коруптивната ламја, всушност, се крие во Јавното обвинителство, чувствувајќи дека таму е најбезбедна.
– Лично не паметам нашево Јавно обвинителство со децении да земе да гони политичари. Колку афери имаше, коруптивни зделки колку што сакаш, ама вистинско гонење на корумпираните немаше. Своевремено, кога во Романија ја стави обвинителка да биде Моника Маковеј, таа ја расчисти корупцијата во државата за релативно кратко време. Таа, и покрај што имаше закани за ликвидација, работеше неселективно, па во затвор завршија и политичари, премиери, министри… Гледајте колку е понапред сега Романија. Кај нас со парите стекнати од корупција, корумпираните функционери си ја купуваат слободата, се пазарат и тука нема крај. Веќе не се знае кој кого корумпира – вели Никола Атанасовски, стопанственик, кој уште додава дека и оние осум отсто граѓанска доверба во судството се големи.
Потврда дека Обвинителството не си ја работи добро својата работа неодамна дојде и од вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, која изнесувајќи личен став рече дека обвинителот не покажал резултати и дека не треба да биде награден со функцијата уставен судија.
– Не сметам дека треба да биде уставен судија, затоа што она што требаше да го направи како републички јавен обвинител не го постигна на таа позиција и не гледам причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија – изјави Грковска.
Повеќе од јасно е дека степенот на корупција во Македонија ги проби сите прагови на толеранција, па затоа тука доаѓаат и американските тимови да се справуваат со оваа општествено зло, бидејќи овдешните надлежни институции не си ја вршат својата работа.
Најдобар пример како треба да се одвива борбата против високата корупција се неодамнешните случувања во Европскиот парламент, кога беше уапсена една од потпретседателите на оваа европска институција, Ева Каили, под сомнение за корупција. Белгиското обвинителство постапи по допрен глас, спроведувајќи истрага, која на крајот резултира со апсења.
Кај нас постапувањето по допрен глас, особено кога станува за висок профил на корупција, едноставно го нема, односно гласот одекнува во празно и не допира до никого.
Потребна е брза реакција
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев смета дека Јавното обвинителство мора да одговара на пријавите што до него ги упатува ДКСК, но и да ги испитува сите индиции за корупција по допрен глас, оти, во спротивно, нормално е да се јави перцепција во јавноста дека тоа намерно не постапува.
– Она што ДКСК го доставува до Обвинителство не мора секогаш да е потврдено со докази што се релевантни за водење некоја постапка за одговорност, но Обвинителството мора да го извести подносителот за пријавата и да го извести дали е преземено нешто, дали се води постапка, отворена ли е постапка, сè до моментот додека се отвори или затвори. Подносителот треба да биде известен во разумен рок што е со пријавата. Неизвестувањето создава сомнеж за непостапување, чување предмети во фиока итн. Сето тоа негативно влијае врз општиот впечаток за борбата против корупцијата во земјава, но и за ефикасноста и на ДКСК, како и на самото Обвинителство – вели Илиев.
Тој проблемот со непостапувањето на Обвинителството за многу случаи по допрен глас го лоцира во концепцијата по која функционира Јавното обвинителство.
– Мислам дека премногу брзо на Обвинителството му се дадоа големи компетенции во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Порано тоа го вршеше МВР, сега тоа е обичен набљудувач и подносител на пријави. Сето тоа мора да се среди со нов закон за кривична постапка, со нова концепција на самото Јавно обвинителство, кое, според сегашната концепција, не е независен орган. Тоа остана по стариот тек. Во таа концепција на овластувањата на јавниот обвинител и на МВР има голема празнина и тука можеби треба да се бараат причините зошто предметите стојат, бидејќи ЈО нема инструменти, нема истражители, нема органи да го спроведе она што во даден момент по некоја пријава е потребно – појаснува Илиев.
Според него, стариот систем по кој се работело, со стариот Закон за кривична постапка, каде што МВР имало надлежност да открива и поднесува пријави до истражен судија, бил поефикасен во однос на сегашниот систем.
– Сегашниот начин на функционирање овозможува да дојде на сцена неказнивоста, а тоа води кон корупција, која брзо се намножува. Поради таа неказнивост сега се давиме во корупција. Мора да ги оспособиме институциите да си ги вршат работите како што треба. Концентрацијата на сè во Скопје, со еден Кривичен суд, со едно Обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал, сето тоа е нефункционално во моментот – заклучува Илиев.
Според правните експерти, доаѓањето на специјалниот тим од САД, кој треба да помогне во сузбивањето на високата корупција, е добредојдено, бидејќи имаат големо искуство во таа област. Врз основа на Стратегиското партнерство со САД, како и меѓусебните протоколи и други стратегиски документи, може да се оформат заеднички тимови што брзо, ефикасно и енергично ќе се фатат во костец со ова зло и ќе испорачаат видливи резултати за сузбивање на високата корупција.
Акцијата во ЕП како пример за гонење корупција во Македонија
Адвокатот Звонко Давидовиќ се согласува дека молкот и непостапувањето на ЈО по пријави што се доставени до нив придонесуваат за креирањето перцепција во јавноста дека некој намерно ги штити функционерите.
– Јавното обвинителство поради непостапувањето по случаи на висока корупција има удел во перцепцијата и цутењето на корупцијата. Едноставно, лицата што ќе се затекнат на власт никогаш не се гонети, туку се чека да заврши нивниот мандат, па да останат без политичка поддршка и она што значи нивна заштита, па дури тогаш ако се преземе некаква постапка за нивно гонење. Впрочем, кај нас постојано бивши функционери се цел на Обвинителството. Секој што сторил кривично дело треба да одговара, но правда и бавна правда не е правда. Обвинителството е должно во мигот кога ќе има сознанија дека некој сторил кривично дело да го гони, а не да чека и да тактизира во зависност од политичката заштита што ја има или ја нема. Тоа покажува колку е кадарно Обвинителството и колку е зависно од политиката и од сето она што се случува денес – вели Давидовиќ.
Според него, не е толкав проблем кадровскиот потенцијал во ЈО, бидејќи и самото општество реагира на разни афери и буквално му ги доставува на обвинителот и тој има одврзани раце веднаш да постапува.
– Има ситуации кога во општеството се зборува, се пишува, се кажува за определени состојби каде што буквално можат да преземат дејства, но не се случува ништо. А имаме други ситуации во кои ако власта покаже со прст кон некого, веднаш имате преземање дејства и мерки. Сето тоа јавноста го гледа и затоа е таков впечатокот на недоверба кон Обвинителството – истакнува Давидовиќ.
Тој направи паралела со последните случувања и апсењата во Брисел на потпретседателката на Европскиот парламент и на други високи функционери со состојбите во Македонија.
– Тоа е она што недостига кај нас. Во мигот кога ќе се имаат индиции за некакви коруптивни дејства, тогаш треба да се постапи. Тоа не значи дека уапсените ќе одговараат или ќе биде поднесено обвинение против нив, но мора да се спроведат некои дејства за да се утврди дали има вина или не. Тоа треба да се направи во мигот кога ќе дојде таков глас, а не да се чека и тактизира, чекај ќе видиме, како да се бара амин за постапување од власта. Токму затоа функционерите што во одреден миг ќе се затечат на власт не се подложни на истраги за разни коруптивни дејства, туку можеби дури откако ќе ја напуштат функцијата, што можеби добива призвук на политички реваншизам или јавноста го гледа како одмазда или воспитување на оние што веќе не се на власт, што не е во ред. Така не се води борба против корупцијата и организираниот криминал – заклучува Давидовиќ.
Од Јавното обвинителство се категорични дека постапуваат по сите поднесени пријави и иницијативи, но дека им е потребно време за собирање на доказите и проверка на фактите.
– Јавното обвинителство постапува по сите поднесени пријави и иницијативи. Времетраењето на постапките зависи од доказите, кои треба да се соберат во секој предмет поединечно, со цел да се проверат фактите. Додека постапува по поднесените пријави и презема дејства, Јавното обвинителство ги споделува со јавноста и со други органи само оние детали што нема да ги нарушат постапката и пресумцијата на невиност – посочуваат од ЈО за „Нова Македонија“.