Исходот од декемврискиот самит е јасен каков ќе биде, со оглед дека предусловот го имаме во европската преговарачка рамка, не можеме да го исполниме, тоа е очигледно. Во меѓувреме, за жал, поради тврдиот став на опозицијата, ништо не се промени во таа насока. И јасно дека во декемврискиот самит не може да има позитивна одлука за нас. Ова го изјави денеска претседателот на државата, Стево Пендаровски, во одговор на новинарско прашање во врска со очекувањата од самитот на лидерите на Европската Унија за Западен Балкан што ќе се одржи во декември.
Пендаровски, кој се обрати на Годишниот самит на Глобалниот парламент на градоначалници 2023 на тема „Моќни, ангажирани и хумани градови: Обезбедување демократија и развој за идните генерации“, смета дека условот не се исполнува, а овој месец завршува скринингот, и, како што истакна, тоа беше главниот предуслов да продолжи земјава со втората конференција.
Прашан дали смета дека власта и опозицијата ќе се договорат околу датумот на изборите и дали споредно него претседателските и парламентарните избори ќе бидат заедно или одвоено, претседателот Пендаровски изрази мислење дека ставовите на власта и на опозицијата се приближуваат и оти можно е наскоро да се договорат за одржување на изборите во ист временски период.
– Мислам дека ставовите на власта и на опозицијата се приближуваат и веројатно наредните денови ќе имаме и официјална објава дека е постигнат договор за одржување на парламентарните и на претседателските избори во ист временски период – изјави претседателот Пендаровски.
На прашањето за наводното „подгревање“ на меѓуетнички тензии со крстот на Шапка, Сопот итн., Пендаровски рече дека меѓуетничките тензии може да се поткреваат само ако политичките актери на идните избори имаат интерес да ги поткреваат тие тензии за добивање политички поени.
-Тоа е апсолутно непотребна авантура за кој било во Македонија, бидејќи знаеме како сме поминувале во минатото кога сме имале меѓуетнички тензии и меѓуетнички конфликти. Сакам сето тоа, сите тие обиди од која било страна да доаѓаат да ги сместам во тој контекст; предизборието, пар месеци пред избори ако бидат на пролет и опасен начин да дојдете до политички рејтинг и политички поени кои инаку не би ги добиле – рече Пендаровски.
Додаде дека тоа е крајно опасно и дека нема да биде дестабилизирана државата, меѓутоа можат да се влошат меѓуетничките односи меѓу етничките заедници во земјава и тоа е, како што рече, последната работа која ни треба покрај сите проблеми.
Според него, ниту една политичка тензија во рамки на меѓуетничките односи не може да ја дестабилизира земјава, со причина што рамка која функционира веќе 22 години во тој дел, но, како што рече, лошо е како политичка пракса и како обиди на поединци или политички субјекти на тоа да ќаруваат поени.
За неговото кандидирање за втор мандат на идните претседателски избори, Пендаровски рече дека премногу е рано да каже нешто околу тоа и дека за тоа ќе размислува после нова година.