Такви чинови на искрено извинување имаше многу, но највпечатливо остана она кога пред нешто помалку од 53 години поранешниот германски канцелар Вили Брант, за време на посетата на Полска, во Варшава падна на колена барајќи прошка пред споменикот за бунтот во варшавското гето, подигнат во спомен на Евреите што биле заробени таму и со очајна храброст се бореле против германските мачители и за сопственото достоинство.
– Во бездната на германската историја и под тежината од милиони убиени го сторив тоа што луѓето го прават кога зборовите ќе потфрлат – пишува Брант подоцна во своите мемоари, додавајќи дека се молел да им биде простено на Германците
Сите држави се извинија за постапките за време на Втората светска војна, остана уште нашиот источен сосед
Професионалниот принцип на објективност присутен кај дел од историската фела од Бугарија недвосмислено ја препознава и признава улогата на бугарската влада за време на Втората светска војна, имено, дека била соработник со нацистичка Германија, при што смета дека Бугарија како држава треба да се извини за сите злосторства направени на териториите што биле под нејзина окупација, исто како што тоа го направија сите европски држави.
На извинување повика и македонскиот претседател Стево Пендаровски на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на повеќе од 7.000 македонски Евреи во логорите на смртта во Треблинка, направена токму од страна на бугарската окупациска управа врз Македонија.
– Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи – порача претседателот Пендаровски.
И Брисел да ја охрабри Софија за чинот на извинувањето, а тоа да биде нова страница во добрососедските односи
И додека поголем дел од луѓето на бугарската политичка сцена жестоко реагираа на изјавите на македонскиот претседател со барање Бугарија да испрати протестна нота, оние за кои историските факти и документи се основите врз кои треба да почива секоја здраворазумна историска наука, сметаат дека единствениот вистински пат Бугарија да се ослободи од багажот од Втората светска војна е да се извини за сите злосторства направени во подрачјата каде што таа управувала.
– Се приклучувам на повикот на македонскиот претседател – напиша на својот фејсбук-профил Михаил Иванов, бугарски професор и поранешен советник на бугарскиот претседател Жељу Желев, пренесувајќи ја изјавата на македонскиот претседател во која повикува на извинување.
Професорот Иванов на својот фејсбук-профил исто така напиша дека се согласува со изјавите на Горан Садикарио, директорот на Музејот на холокаустот во Скопје.
– Го слушам Горан Садикарио и ме боли. Затоа што тој е апсолутно во право. Зошто не слушам од демократските политички партии за срамната ситуација во која генералот Радев и неговата придружба ја ставија Бугарија – пишува Иванов.
Неодамна и група бугарски интелектуалци по повод 80 години од прогонот на македонските Евреи во логорот Треблинка од страна на бугарскиот фашистичкиот окупатор ја повикаа „бугарската држава јавно, искрено и безусловно да ја признае својата одговорност и да понуди извинување за прогонот и депортацијата на Евреите во текот на годините на Втората светска војна. Нешто што го направи не само Германија туку и земји како Франција или Романија, кои поминаа низ слично контроверзно минато“.
– Овој морален гест во никој случај не би поставил колективна вина на целата воена генерација, а уште помалку на следната. Напротив, тоа би било знак на зрелост и учтивост, заслужен поклон кон невините жртви и израз на почит кон оние што, всушност, придонеле за спасување многу човечки животи – се наведува во документот подготвен од историчарите Александар Везенков, Стефан Дечев и Румен Аврамов (кој наедно е и економист), како и Лилијана Дејанова, социолог, и Стилијан Јотов, кој е филозоф. Нивниот повик досега е поддржан од десетици научници, новинари, активисти за човекови права, јавни личности.
Прошката ќе проговори за големината на еден народ
Токму чинот на извинување претставува чин на преземање одговорност, но и на затворање на вратата за лошите епизоди од минатото и отворање нова врата, на соработка и зближување.
Такви чинови на искрено извинување имаше многу, но највпечатливо остана она кога пред нешто помалку од 53 години поранешниот германски канцелар Вили Брант, за време на посетата на Полска, во Варшава падна на колена барајќи прошка пред споменикот за бунтот во варшавското гето, подигнат во спомен на Евреите што биле заробени таму и со очајна храброст се бореле против германските мачители и за сопственото достоинство.
– Во бездната на германската историја и под тежината од милиони убиени го сторив тоа што луѓето го прават кога зборовите ќе потфрлат – пишува Брант подоцна во своите мемоари, додавајќи дека се молел да им биде простено на Германците.
На балканските простори сè уште се свежи сеќавањата од крвавите војни во поранешна Југославија. Пред нешто помалку од десетина години, Владата на Холандија им се извини на семејствата на настраданите во масакрот во Сребреница.
Без оглед на ваквите високи цивилизациски чинови, повеќе од очигледно е дека официјална Софија нема никаква намера да се извини за улогата на бугарската фашистичка влада во периодот на Втората светска војна, туку се обидува со извртување на историјата да ја исчисти сопствената темна историска дамка и вината да ја префрли врз некој друг.
Очигледно ќе помине подолго време додека да се појави некој бугарски Вили Брант, кој пред спомен-плочата во кругот на скопскиот Монопол ќе клекне на колена и ќе побара прошка за депортираните 7.114 Евреи, но и за стреланите 12 младинци во Ваташа, за ликвидациите на Невена Георгиева-Дуња, Кузман Јосифовски-Питу и уште редица Македонци, за тепањето и ограбувањето на населението што ќе се изјаснело за македонско, како и за репресиите врз сите оние што на кој било начин ѝ се спротивставиле на бугарската фашистичка управа.
– Треба да се најде политичар во Бугарија што ќе смогне сили да го направи тој чин на извинување бидејќи со тоа ќе ја покаже и големината на бугарскиот народ, дека знаат да оценат што е зло, што е добро. Македонскиот народ може да им прости на Бугарите ако се извинат, меѓутоа не може да заборави затоа што заборавот води кон повторување на злото што го направиле. Се поставува прашањето зошто им треба толку многу време за таков чин. Поминаа 80 години од холокаустот и вие да не смогнете сили да дојдете да се извините и да кажете дека тоа го направила една генерација што била заблудена од нацифашизмот, навистина е несфатливо. Никој нема да рече дека денешните Бугари се фашисти, никој не го тврди тоа, туку дека во тоа време имале влада што соработувала со нацистичка Германија – вели Тодор Чепреганов, историчар.
Според него, Бугарите мора да се соочат со фактот дека биле соучесници во едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото и тука нема бегање од тој факт.
– Тој чин на извинување е голем цивилизациски чин што треба Бугарите да го направат. Сите се извинија, се соочија со одговорноста од минатото. Се извини Германија, се извинија Франција, Австрија, Финска, Романија, остана уште Бугарија. Со самото тоа што не се извинуваат, само покажуваат дека се соучесници во тоа дело. Ако се извиниш се прифаќа дека една нивна генерација направила грешка и дека тоа нема да се повтори, но ако не се извинуваш, тоа значи дека може да го повториш делото. Се надевам дека во иднина и таму ќе се најде човек што ќе се извини за тоа што го направиле – заклучува Чепреганов, притоа додавајќи дека и во Бугарија има струи што се свесни за улогата на нивната држава за време на Втората светска војна и кои повикуваат на извинување и прифаќање на одговорноста поради постапките на една заблудена генерација.