Во контекст на развојот на настаните во македонско-бугарските односи, кои одамна ја имаат надминато исклучиво политичкоправната димензија поврзана со членството на Македонија во ЕУ, е и ставот на преостанатите општествени чинители во државата. На пример, по низа прашања од поголем габарит, и претставниците на верските заедници во голема мера имаат свој став и влијание во јавноста. Тие, според нив, упатуваат и сигнификантна порака, која не треба да се запостави од политичките фактори вклучени во процесот на преговори. Во таков контекст, неодамна епископот Партениј, игуменот бигорски, како еден од високите достоинственици на МПЦ-ОА, во објава по повод Денот на мајчиниот јазик, јасно ги искажа позициите во однос на предизвиците и ризиците од актуелните македонско-бугарски односи
МПЦ-ОА за предизвиците што ги носат македонско-бугарските односи
Потребата за општествено единство во Македонија во однос на наметнатите предизвици од националноидентитетски карактер што ни се поставуваат во интензивираниот процес на релациите со Бугарија (заради ЕУ), според аналитичарите, недвосмислено се наметнува и како одговорност на сите општествени чинители, без разлика дали му припаѓаат на институционалниот или духовниот дел на државата. Според соговорниците, професори и аналитичари, изразувањето на таквата одговорност беше очекувано и од Македонската православна црква, со оглед на нејзината историска улога како „духовен стожер во развојот и изразувањето на посебноста и опстојувањето на македонскиот национален идентитет далеку низ историјата“. Според повеќето соговорници, со оглед на развојот на настаните во македонско-бугарските односи, кои одамна ја имаат надминато исклучиво правнополитичката димензија поврзана со членството на Македонија во ЕУ, ставот на претставниците на Македонската црква во голема мера има посебно влијание во јавноста.
Настап кон Македонија од позиција на сила, со уцени за европската интеграција
Во таков контекст, неодамна епископот Партениј, игуменот бигорски, како еден од високите достоинственици на МПЦ-ОА, во објава по повод Денот на мајчиниот јазик, јасно ги искажа позициите во однос на предизвиците и ризиците од актуелните македонско-бугарски односи.
– Да започнеме од насловот на Договорот. Во него се содржат три прекрасни и полни со христијански ентузијазам зборови: пријателство, добрососедство и соработка. Но, за жал, мораме веднаш отворено да предочиме дека одреден дел политичари воопшто не се придржуваат, па дури и ги злоупотребуваат овие христијански начела, често употребувајќи манипулации заради популистички цели, така што наместо напредок во зближувањето и пријателството, ние денес имаме нешто сосема спротивно: оддалечување и негативни чувства едни кон други, поголеми, би рекле, дури и од оние во времето по Информбирото од 1948 година. Навистина трагично – пишува епископот Партениј во статијата насловена „За нештата да бидат појасни“.
Тој констатира состојба во која „очигледно е дека некои политички и општествени структури заедничките нешта од минатото не ги восприемаат и ползуваат како една солидна подлошка врз којашто треба да се гради конструктивна и светла иднина, ами ги злоупотребуваат за зголемување на недовербата, на отуѓеноста, а не помалку и на омразата – што во никој случај не е добро ни за едната ни за другата држава, како ни за едниот ни за другиот народ“.
– Токму тоа во моментот се случува со одредени политички структури, коишто наместо од братољубие или од „пријателство, добрососедство и соработка“, настапуваат кон Македонија од позиција на сила, уценувајќи го нејзиниот развоен пат кон европската интеграција, под изговор дека „Северна Македонија никако не признава дека до 1945 година била бугарска земја, со бугарски народ и со бугарски јазик и дека денес во неа сè уште има репресии врз бугарското население“. Сметаме дека оние коишто толку упорно го тврдат ова и настојуваат на него, или немаат доволно познавање за создавањето на нациите и на јазиците, или, пак, се инструирани, како посредни или непосредни службеници, од некои моќни, тајни или јавни, геополитички структури коишто едноставно не сакаат и не дозволуваат братството и пријателството меѓу народите да преовладее. Работата е едноставна: разгорувај го крајниот, неиздржан и прост национализам и кај едните и кај другите и тие никогаш нема да постигнат согласност.
Креирањето бугарско малцинство и негово вметнување во Уставот ќе доведе до заострување на конфронтацијата во македонско-бугарските односи
Во оваа насока се движат некои назадни и деструктивни постапки и барања во однос на неприродното и изнасилено создавање бугарска национална свест во Македонија, преку одредени здруженија и лоби-групи. Ова, меѓу другото, се однесува и на злоупотребата на бугарските пасоши што ги поседуваат одреден број македонски граѓани, а кои во најголем дел, како што е општопознато, се извадени главно поради економски причини (што, секако, ние како манастир не го одобруваме и сметаме дека е на штета на македонската државност) и крајно незначителен е бројот на оние што меѓу нив навистина се чувствуваат како Бугари – се искажуваат гледиштата за „неприродното и изнасилено создавање на бугарска национална свест во Македонија, преку одредени здруженија и лоби-групи“.
На претходното сознание се надоврзуваат констатациите дека „денес, во 21 век, повеќе од анахроно е да се мисли дека историските настани можат да се вратат назад. Историјата го завршува своето движење и реалноста мора да се прифати“.
– Оттука сметаме дека очекувањето македонските граѓани по секоја цена и недвосмислено да декларираат бугарска национална свест и, последователно на тоа, негирањето на современиот македонски идентитет и литературниот македонски јазик предизвикуваат само негативни последици и силно влијаат во продлабочувањето на кризата во односите меѓу нашите две држави и народи, што, секако, не е добро за никого – се порачува во објавата на Бигорскиот манастир.
Согледувајќи ги намерите во одредени тенденции за креирање некакво бугарско малцинство во Македонија и негово вметнување во македонскиот устав, во објавата на Бигорскиот манастир се предупредува дека тоа ќе доведе до заострување на конфронтацијата во македонско-бугарските односи, бидејќи таквите активности во Македонија се сметаат за директно мешање и непријателска пропаганда од Софија.
– Нешто што, исто така, е особено важно и не смее никако да се занемари е фактот што во современата македонска нација се интегрирани голем број граѓани чиишто предци во минатото припаѓале на различни нации и етникуми и тоа, се разбира, нив не ги прави помали Македонци денес. Од оваа причина, евентуалното неприродно и од разни фактори потсилувано формирање бугарско малцинство и неговото вметнување во Уставот на нашата држава, со сигурност ќе доведе до заострување на конфронтацијата помеѓу, од една страна, огромното мнозинство во земјава – што веќе има изградено јасно македонско национално чувство (вклучувајќи и такви што добро ја знаат историјата и знаат дека имаме заеднички моменти од минатото со повеќе етникуми) – и бугарскиот народ и држава, од друга страна, бидејќи истото тоа ќе се смета за директно мешање и непријателска пропаганда од Софија.
Згора на сè што ваквата тенденција, ваквото барање до другиот, некој не е подготвен да го слушне и да го дозволи на својот терен. Се разбира, едно од основните човекови права е правото на национална самоопределба и ние во никој случај немаме ништо против тоа. Но, едноставно, не значи дека ако некој македонски граѓанин добро ја знае историјата и во некои сегменти се согласува со одредени тези што не се дел од официјалната државна историографија, по автоматизам тој е современ Бугарин, Србин или што-годе друго. Уште сега, од ситуацијата на терен знаеме дека здруженијата и групациите што се обидуваат да врбуваат следбеници и да наметнуваат бугарска, српска или каква било друга национална самосвест меѓу македонското население, а притоа самите се прикажуваат како жртви на некаковси притисок од страна на државните власти – воопшто не се прифатени од најширокиот дел на македонските граѓани и на нив се гледа како на ретроградни здруженија со несоодветни методи на дејствување, помагани од туѓи служби, за кои веќе рековме дека главната цел им е да предизвикуваат раздор – се наведува во текстот „За нештата да бидат појасни“, како обраќање на монашкото братство од Бигорскиот манастир, составен дел од Македонската православна црква-Охридска архиепископија.