Она што навидум е нелогично во темата за една изборна единица, извлечено како заклучок од дебатите и изјавите низ годиниве, е впечатокот дека политичарите декларативно имаат консензус за имплементирање на тој изборен модел, а кога треба таквите декларации да се процесираат собраниски, почнуваат „калкулациските застои“
Колку партиски консензуси се потребни за една изборна единица
По едногодишно чекање на собранискиот дневен ред, предлог-законот за измена на Изборниот законик за менување на изборниот модел, од шест во една изборна единица, ја започна процедурата за усвојување од пратениците. Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во првата фаза го поддржа предлогот на помалите партии за избор на пратеници според пропорционален модел, без изборен праг, со Донтов метод на распределба на мандатите, при што целата држава би била една изборна единица.
Ред оптимизам, ред калкулации…
И покрај оптимистичкиот почеток на предлог-законот, предложен од пет помали партии во владејачката коалиција (ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО-НП и ДПТ), расположението и изјавите на претставниците од другите парламентарни партии навестуваат дека иницијативата за една изборна единица нема да мине лесно низ собраниските процедури. Таквиот амбиент во извесна мера се креира и од условите на предлагачите што од јануари годинава, за премиерот Ковачевски и неговата влада наметнуваат условена динамика „во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик“. Во спротивно, според предлагачите, „политичка последица од неуспех на иницијативата за една изборна единица би можела да биде откажување на поддршката за владејачката коалиција, што би предизвикало ситуација за вонредни избори“. Но и таквата „закана“ беше помалку или повеќе релативизирана поради потенцијалните безбедносни импликации „додека трае кризата во Украина“…
Но она што навидум е нелогично во темата за една изборна единица, извлечено како заклучок од дебатите и изјавите низ годиниве, е впечатокот дека политичарите декларативно имаат консензус за имплементирање на тој изборен модел, а кога треба таквите декларации собраниски да се процесираат, почнуваат „калкулациските застои“!
Имено, кога темата за измена на изборниот модел се дебатира на теоретско ниво, речиси сите се согласни дека тоа е во интерес на граѓаните и за унапредување на демократијата. Но кога наближува мигот за конкретна политичка одлука, тогаш се бара некаков друг, обично партиски консензус и се создава „застој“. Од таквата нелогичност произлегува дилемата – зошто ако има согласност во јавноста дека една изборна единица е добра за граѓаните и демократијата, мора да се минува низ мачни искушенија и конфронтации што „би се совладале со постигнување партиски консензус“?
Интересот на партиите треба да е, всушност, израз на граѓанскиот интерес
– Секој изборен систем (како и многу други работи во животот) си има свои предности и мани. Мнозинскиот систем (како во Велика Британија и САД) го поврзува пратеникот директно со гласачите (конституентите) и со тоа ја зголемува нивната лична одговорност. Пропорционалниот, со една изборна единица (а дополнително и со отворени листи, каде што може да се изгласа кој било од предложената листа, а не нужно првите на листа – кои се преферирани од партијата предлагач) е поправеден, бидејќи алокацијата на гласови поблиску одговара на волјата на гласачите и овозможува и помалите партии да добијат понекое пратеничко место (но, од друга страна, тоа би направило поголема фрагментација во парламентот и со тоа поголеми можности за блокади и потешко функционирање на Собранието и консеквентно Владата). Но сегашниот систем (пропорционален со шест изборни единици и без отворени листи на кандидати) најмногу им одговара на големите партии и сметам дека поради тоа ни досега немаше некоја поголема желба да се промени. Со овој систем победничката партија добива 4-6 (а во некои, повеќе теоретски, случаи и до 10) пратеници плус, отколку што би требало да имаат според процентот на освоени гласови. И вториот и третиот (секогаш некоја од овие три партии) исто така добиваат некој пратеник плус, на сметка на малите партии, чии гласови „се губат“ во расцепканите изборни единици. Па, така, иако имаше голем притисок од повеќе страни (особено малите партии членки на владејачката коалиција), како и повеќегодишни дебати (вклучувајќи ги ОБСЕ и локалните граѓански организации, активни на таа тема), па, еве, се дојде до расправа, јас лично не верувам дека ќе има промена на изборниот модел. Односно во расправата големите партии ќе се обидат да нѐ убедат сите дека, како и да се промени изборниот систем, пак ќе има проблеми, па затоа најдобро ништо да не се менува или можеби ќе „глумат“ дебата (една партија жестоко ќе се залага за едно решение, ама другата „ќе запне“ за друго, третата за трето…) и по исцрпувачката дебата, сите ќе се изморат (вклучувајќи ги и тие што ја бараат промената) и ќе констатираат дека „нема консензус“. Но, да видиме, можеби грешам – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.
Веднаш штом помина предлог-законот на собраниската комисија, реакциите на претставниците од другите парламентарни партии беа дека промената на изборниот модел мора да се случи со партиски, па и општествен консензус, а не со надгласување.
– Секоја промена на изборниот систем мора да биде со консензус. Никому нема да му служи ако оди по принципот на надгласување или условување. Тоа е ултиматум. Собранието не смее да работи под ултиматум, мора да има консензус – изјави во интервју претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Но и покрај политички мотивираните барања за консензус, стручните експерти за теоријата и практиката на изборите проценуваат дека промена на изборниот систем е премногу сериозна работа за да се спроведе само заради одреден политички интерес, без споредбени анализи и вклучување на стручната јавност, па и организирање јавна дебата.
– Ако се размислува политички опортуно, без оглед на јавно изразената поддршка, измената на Изборниот законик, односно на изборниот систем, нема да помине. Иако предлог-законот поминал на собраниската комисија, ценам дека понатаму тешко ќе ги минува собраниските процедури. Промената на изборниот модел е пресериозна работа, за да се остави само на политички калкулации, туку во процесот треба да биде вклучена и стручната јавност и да се оди на јавна дебата. Потребно е да се видат одредени компаративни искуства, да се слушне стручната јавност, да се разгледаат различни методи на пресметка за еднакво вреднување на гласот… за да се дојде до најсоодветниот модел за нашите услови. Секако, добро е да има консензус, а мојот став е дека моделот со една изборна единица треба да биде со изборен праг (макар тој да е и мал) и со отворени листи – вели адвокатот Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК, чија правна професионална надградба е токму на темите на изборната демократија.