Одговорот на МНР на новинарско прашање за изгубениот документ, имено за Протоколот од првиот состанок на меѓувладината комисија од 10 јуни 2019 година, на првата меѓувладина конференција на Македонија и Бугарија, отвора прашања за односот на државните институции во архивирањето и чувањето на документацијата, и тоа на документи што имаат влијание на процесите на дефинирање на државата
Регистрирана појава на исчезнување историски документи од архивите на државните институции
Во цунамито на аргументите и квазиаргументите, на фактите, полувистините и лагите, на пласираните во јавност информации и дезинформации што се содржат во вербалните пресметки на експонентите од македонскиот политички спектар, многу лесно може да се случи „една состојба да покрие друга“ за одредени ситуации, состојби и пропусти, кои се потенцијално штетни, па дури се и на „работ на законот“. И досега многу такви појави што имаат јавен интерес минале без да бидат забележани од будното око на јавноста. Таква една чудна појава предизвика одговорот на Министерство за надворешни работи (МНР) на новинарско прашање (за веродостојноста на одредени наводи од протоколот на првата меѓувладина седница меѓу Македонија и Бугарија), во кој се наведува дека оригиналниот документ од Протоколот од првиот состанок на меѓувладината комисија го нема во архивата на МНР.
Бујар Османи имплицираше одговорност за исчезнатиот документ кај неговиот претходник Никола Димитров
Од МНР велат дека не можат да дадат објаснување за тоа дали Македонија го признава државниот празник како Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј или Денот на бугарската азбука, бидејќи тој протокол веќе го немало во нивните архиви.
– Вашите забелешки се однесуваат на Протоколот од првиот состанок на меѓувладината комисија, потпишан на 10 јуни 2019 година, кој, како што веќе сме информирале, не можевме да го најдеме во архивата на МНР и, оттука, не можеме да дадеме објаснување. Во вториот протокол таква формулација нема – велат во одговорот од МНР.
Инаку, документот од протоколот е објавен на веб-страницата на МНР, па претпоставката на можноста за избегнување конкретен одговор(ност) на поставеното прашање за изгубениот документ отвора прашања за (не)сериозноста на државните институции во архивирањето и чувањето на документацијата, и тоа на документи што имаат влијание на процесите на дефинирање на државата, а имаат и потенцијал за кривично дело.
На прес-конференција, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи имплицираше одговорност за исчезнатиот документ кај неговиот претходник Никола Димитров.
– Накратко околу мотивите на мојот претходник, мислев дека ќе можам да ја задржам дипломатската пристојност и да не говорам за отстранувањето на документите од архивата на МНР пред моето доаѓање во куќата, но кога ќе се поминат црвените линии на пристојност, сите треба да ги отвориме картите докрај – изјави Османи, алудирајќи дека Димитров ја бара неговата оставка, пред потпишувањето на протоколот од втората меѓувладина конференција со Бугарија (кој стана и дел од францускиот предлог на преговарачката рамка), зашто неговиот претходник го потпишал првиот протокол со спорните формулации, чиј документ исчезнал од архивата на МНР.
Историски документи во изгубено-најдено
Изгубениот документ од протоколот во МНР не е некаков преседан во чувањето на оригиналната документација. Минатата година, на одбележувањето на 20-годишнината од рамковниот договор, беше пронајден само еден примерок од оригиналниот документ, и тоа кај Илир Лума од Тетово, поранешен член на ПДП, кој две децении во домашни услови чувал еден од примероците на договорот што во голема мера ја предефинира државноста на Македонија. За да се пронајде овој документ, претходно било контактирано со сите канцеларии на седумте потписници на Охридскиот рамковен договор, но никаде не бил зачуван оригиналниот документ.
Сепак, повеќе среќа имаше оригиналниот документ на Декларацијата за независност на Република Македонија, од 1991-та, кој по 20 години беше пронајден во архивата на Собранието.
(Не)возможност за губење архивски документи
Политизираниот контекст на аферата со „изгубени документи“, колку и да е искористен за персонална дискредитација, сепак ги доведува во прашање сериозноста, континуитетот на искуството и кредибилитетот на државните институции. Познавачите на процедурите во институциите сметаат дека таков случај на исчезнати документи од архиви е невозможно да се случи.
– Според моите сознанија и искуство, нема теорија да се случило такво нешто како исчезната документација од архива на државна институција. Без оглед на актуелното ниво на политичка комуникација во Македонија, сепак во поглед на организираноста во начинот на чување на документацијата и воопшто архивското работење, ние сме сериозна држава, во која се знае дека исчезнат документ повлекува обвинување на кривично дело. И тоа не од сега, туку од 1944 година, кога е создадена македонската држава. Сметам дека не е можно да исчезнал документ од Министерството за надворешни работи, зашто тоа е институција што има искуство како се постапува со документи со различен степен на доверливост. Исто така сметам дека и Никола Димитров е човек со професионален кредибилитет и искуство, кој не би си дозволил дискредитација на сопствената кариера со таков чекор. Постоењето на документот може да се провери во архивскиот деловодник на МНР. Конечно, и најмала фирма има обврска да води финансиска документација и да ја предаде во државниот архив, а не пак државна институција како МНР, во која сепак работат професионалци што ги познаваат и се придржуваат до традициите на професионалното работење – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
Адвокатот Александар Новаковски, поранешен генерален секретар на Собранието, наведува дека не е лесно, ниту наивно искажувањето дека „исчезнал документ“ од државна институција.
– Постои Закон за архивско работење, кој ги дефинира постапките, начините и задолженијата во работењето со документите. Кога одреден документ доаѓа или произлегува од одредена институција, задолжително треба да биде архивски заведен и никој не може да го (од)земе без да биде тоа и архивски регистрирано. Документите обично се класифицирани со одредени степени на доверливост и имаат посебен начин на дистрибуција, односно достапни им се на лица што имаат сертификат за безбедност и доверливост. Но документот секако мора да биде архивиран, заведен во деловодник, или посебна архивска книга за доверливи документи и не може да исчезне без трага. Во случај документот навистина да е исчезнат, се постапува и се бара одговорност според Законот за архивско работење – вели Александар Новаковски.
Ниту претседателот на САД не смее да изнесува документи од Белата куќа
Американското министерство за правда има поведено истрага против поранешниот претседател Доналд Трамп за земање владини документи од Белата куќа откако ја напуштил функцијата во јануари 2021 година и за чување на неговиот приватен имот во Мар-а-Лаго.
Федералниот суд на САД го одобри барањето на поранешниот американски претседател да назначи експерт за преглед на документите запленети од ФБИ за време на претресот на домот на Трамп во Флорида.
На Секретаријатот за правда му беше наредено и привремено да ја запре употребата на запленетите материјали во истрагата.
Според извештајот на „Вашингтон пост“, некои од запленетите документи ги прикажуваат строго доверливите операции на САД, за кои се потребни дополнителни посебни дозволи.
Некои од документите се толку заштитени што дури и некои од највисоките функционери за национална безбедност во администрацијата на претседателот Џозеф Бајден не се овластени да ги разгледуваат. Во претресот на домот на поранешниот американски претседател Трамп, во Флорида, минатиот месец, од страна на Федералното биро за истраги, пронајден е и документ што ја опишува воената одбрана на странска земја, вклучувајќи ги и нејзините нуклеарни капацитети.