Истрагата за Онишченко сега ќе треба да ја доврши новото раководство на Агенцијата за национална безбедност, да реферира пред Собранието и пред Владата на затворена седница и потоа да можат да се преземаат соодветни чекори согласно со наводите од таа истрага, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дали новопоставениот директор од Агенција за национална безбедност направил нова истрага во однос на случајот Онишченко, тој одговори дека истата ќе треба да ја доврши токму новото раководство.
– Собраниската комисија за надзор на безбедносните служби започна неславно со својата работа во однос на овој случај бидејќи затворена седница беше пренесувана во живо, за тоа имаше истрага од страна на МВР чии што резултати беа доставени од Собранието, бидејќи од таму беа побарани и после тоа, нормално, ќе продолжи расправата на таа седница во координација помеѓу претседателот на комисијата, претседателот на Собранието веројатно и директорот на Aгенцијата за национална безбедност – рече премиерот.
Ковачевски дополни дека таа истрага сега ќе треба да ја доврши новото раководство на Агенцијата за национална безбедност и да реферира пред Собранието и пред Владата на затворена седница и потоа, како што рече, „да можат да се преземаат соодветни чекори согласно со наводите од таа истрага“.