Пораките што доаѓаат и од едната и од другата страна упатуваат само на еден заклучок, дека какво било испраќање копнени сили во Украина ќе значи вовлекување на Европа во крвава војна од која Стариот Континент нема да може да закрепне во следните неколку децении. Доволно е само да се види економскиот колапс во кој се најде Европа од почетокот на војната во Украина, така што ако дојде до пошироки воени конфликти на европска територија, тогаш тоа би било класичен вовед во трета светска војна, имајќи предвид дека Блискиот Исток веќе е запален. Ваков конфликт за Балканот, вклучувајќи и за Македонија, во секаква смисла на зборот, ќе биде погубен
На повидок продлабочување на судирот во Украина: Францускиот претседател размислува за проширување и развивање на воената опција
Две години се навршија од војната во Украина, при што сигналите што доаѓаат од терен повеќе се во насока на продолжување на воените дејства отколку на изнаоѓање решение со кое ќе му се стави крај на крвавиот конфликт што се заканува да се прелее и пошироко.
Иако впечатокот што се добива во моментот е дека воените активности се исклучиво концентрирани на украинска територија и дека Европа ги помага украинските сили само финансиски и со достава на оружје, сепак се чини дека тоа не е доволно да се запре руското напредување, па сега францускиот претседател Емануел Макрон најавува нов план во кој не ја исклучува можноста да дозволи распоредување француски копнени трупи во Украина. Тој го соопштил ова по завршувањето на конференцијата за помош на Украина одржана завчера во Париз, посочувајќи дека сите опции се отворени, особено во насока на тоа дека сите треба да бидат сигурни, како што рече, дека Русија нема да победи во војната против Украина.
– Поразот на Русија е неопходен за европската безбедност – порача Макрон, јасно ставајќи до знаење дека украинските сили не можат сами да ја победат руската војска.
Повеќето европски земји, за среќа, против идејата на Макрон
На состанокот што бил одржан во Париз, под ознака итно, присуствувале и највисоките претставници на многу клучни европски земји и поддржувачи на официјален Киев, вклучувајќи ги и германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.
Макрон истакна дека засега нема консензус за употреба на копнени трупи во Украина, но дека ништо не може да се исклучи во иднина, особено зашто секоја земја може самостојно и суверено да одлучува за распоредување на своите копнени трупи.
Чешкиот премиер Петр Фијала истакна дека неговата земја нема намера да праќа сопствени сили што би учествувале во војната во Украина. Тој реагираше на коментарите на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој јасно стави до знаење дека Словачка нема намера да испраќа свои војници на украинска територија.
– Можам да потврдам дека има земји што се подготвени да испратат трупи во Украина, постојат земји што велат дека никогаш нема да го сторат тоа, меѓу кои е и Словачка, но има и земји што сметаат дека овој предлог треба да биде разгледан – истакна Фицо.
Денеска во Тирана ќе се одржи сличен самит на оној во Париз, насловен Украина – Југоисточна Европа, на кој е најавено учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и на 13 европски лидери, претставници на ЕУ, вклучувајќи ги и шестемина лидери од Западен Балкан, при што, меѓу другото, ќе стане збор за сите опции на кои би можело да ѝ се помогне на Украина во оваа клучна фаза на војната. Засега нема потврда дали на самитот во Тирана ќе стане збор за размислувањата на Макрон да ѝ се помага на Украина и со копнена сила, но едно е повеќе од сигурно, ако Франција го направи првиот чекор, многу веројатно истиот чекор ќе го следи и Велика Британија, со што ќе испратат јасна порака и за другите сојузници, вклучувајќи и кон Македонија како земја партнер во НАТО.
Русија со предупредување
Клучното прашање е како ваквиот потег ќе биде протолкуван од Русија, која едноставно може да го смета тоа за закана по сопствената безбедност и на тој начин да ги прошири воените дејства и врз земјите што со копнени сили ќе ги нападнат руските сили.
Официјална Москва веќе порача дека какво било распоредување на западни трупи во Украина ќе предизвика директен судир меѓу Русија и НАТО.
Пораките што доаѓаат и од едната и од другата страна упатуваат на само еден заклучок, дека какво било испраќање копнени сили во Украина ќе значи вовлекување на Европа во крвава војна од која Стариот Континент нема да може да закрепне во следните неколку децении. Доволно е само да се види економскиот колапс во кој се најде Европа од почетокот на војната во Украина, така што ако дојде до пошироки воени конфликти на европска територија, тогаш тоа би било класичен вовед во трета светска војна, имајќи предвид дека Блискиот Исток веќе е запален. Ваков конфликт за Балканот, вклучувајќи и за Македонија, ќе биде погубен.
Познавачите на состојбите сметаат дека доколку се случи некоја европска земја да испрати свои трупи во Украина, тоа дефинитивно ќе значи и вовлекување на Европа во војна.
– Ако Франција испрати копнени трупи во Украина, постои опасност да ја вовлече Европа во војна, тие се дел од ЕУ. И Велика Британија е блиска до француските ставови по ова прашање, така што заеднички би дејствувале. Ако се испратат трупи, тогаш не може да се исклучи и руска реакција врз француска или британска територија – вели Мирче Адамчевски, добар познавач на геостратегиските состојби.
Според него, на денешниот самит во Тирана ќе стане збор за тоа како земјите од Западен Балкан би можеле да ѝ помогнат на Украина.
– Не знам точно за што ќе стане збор на самитот во Тирана, но ако се дискутира и за идејата на Макрон за испраќање копнени сили, тоа значи дека би можеле да нѐ вовлечат и нас ако ние пратиме војници таму. Засега има голем отпор во Европа, но ако се разгори конфликтот, не е исклучено да се префрли и тука на Балканот – посочува Адамчевски.
Испраќањето копнени сили во Украина е вовед во трета светска војна
Универзитетскиот професор Жидас Даскаловски е на ставот дека ако дојде до испраќање копнени сили од некоја европска земја во Украина, тоа би довело до поширока безбедносна ескалација во Европа.
– Добро е што засега многу европски земји се против идејата на Макрон, но доколку тој би ја реализирал својата замисла да испрати копнени сили во Украина, драстично ги зголемува шансите не само за вовлекување на Европа во војна туку се зголемуваат и шансите за избивање на трета светска војна – нагласува Даскаловски.
Дел од аналитичари сметаат дека ова што сега Макрон го наметнува како опција, всушност е еден вид пробен балон за да се види како Русија ќе реагира на тоа.
– Повеќе од јасно е дека евентуалното испраќање копнени трупи од Франција, Велика Британија или од друга европска земја ќе значи вовед во трета светска војна. Засега повеќето европски земји одбиваат какво било учество со сопствени војски во руско-украинската војна оти знаат дека со тоа стануваат легитимни цели за напад – истакнуваат аналитичарите.
Според нив, не може да се исклучи ниту врската со засиленото вооружување на Балканот во последно време со потенцијалните сценарија околу Украина.
– Трупањето толку оружје на Балканот, најавите за враќање на задолжителниот воен рок за да се обучат младите за војување, говори само едно, дека „мечката штом игра во дворот на комшијата, може да заигра и кај нас“. Се надевам дека ќе надвладее разумот и дека ќе се најде решение за брзо завршување на војната во Украина бидејќи загинаа илјадници луѓе, земјата е целосно опустошена, а крајот на воените дејства не е ниту на повидок. Можеби европските лидери наместо да размислуваат за копнена интервенција, подобро е да размислуваат за ставање крај на конфликтот и седнување на зелена маса, за да се прекине агонијата на украинскиот народ – заклучуваат аналитичарите.