Фото: Игор Бансколиев

Повеќе од 20 години делови од Македонија функционираат како да се делови на друга држава, со истакнување на државното знаме на Албанија пред сите државни институции, како и на приватни објекти, на огромни јарболи покрај клучните сообраќајници, со поставување споменици исклучиво на луѓе што се бореле за албанската кауза, со преименување улици и училишта, со информативни табли на албански јазик, со разни манифестации што се дел од албанската историја, со еден збор во цела западна Македонија се воспоставува симболиката и се забележливи сите атрибути на друга држава

Првиот вицепремиер најави отстранување на границите со Албанија и Косово

Идеите за големи држави на Балканот ниту по сто и повеќе години не се напуштени, туку сега се наоѓаат нови форми како да се реализира тоа без да предизвика поголеми турбуленции во регионот, бидејќи во минатото сите обиди да се менуваат границите и да се создаваат големи држави резултираа со многу поголеми конфликти, кои излегуваа надвор од балканските рамки. Сега тоа доаѓа од највисоки државни институции и од носители на највисоки функции, кои таквите иницијативи ги пакуваат во обланда на регионално или евроинтегрирање, волја на граѓаните и мирољубива транзиција…

Артан Груби, првиот вицепремиер на Владата: Меѓу Македонија, Косово и Албанија не треба да
постои државна граница

Еклатантен пример дека овие идеи сè уште постојат и не само што постојат туку веќе се преминува и на нивна теренска реализација е неодамнешната изјава на првиот вицепремиер Артан Груби дадена во интервју за една косовска телевизија, во која јасно истакна дека меѓу Македонија, Косово и Албанија не треба да постои државна граница.
– Со премиерот (на Косово з.н.) Албин Курти и со Косово нè разделува во овој момент границата меѓу нас, која се стремиме да исчезне. Веќе сме разговарале со Курти најпрвин да ја обединиме границата, а потоа да ја отстраниме целосно, бидејќи не ни треба граница меѓу нас, бидејќи не ни треба ниту граница со Еди Рама. Сакаме да имаме многу почести контакти и разговори. Косово нас нè гледа како помал брат, кој стои до него и до народот на Косово. Косово е дел од нас. Ние сме еден ист народ – рече Груби во скандалозното интервју.
Колку некој да се обидува да релативизира и ваквите повици да ги објаснува со тежнеењето за обединување на Албанците во рамките на Европската Унија, сепак работите на терен го покажуваат сосема спротивното.

Делови на Македонија веќе личат на друга држава

Имено, повеќе од 20 години делови од Македонија функционираат како да се делови на друга држава, со истакнување на државното знаме на Албанија пред сите државни институции, како и на приватни објекти, на огромни јарболи покрај клучните сообраќајници, со поставување споменици исклучиво на луѓе што се бореле за албанската кауза, со преименување улици и училишта, со информативни табли на албански јазик, со разни манифестации што се дел од албанската историја, со еден збор во цела западна Македонија се воспоставува симболиката и се забележливи сите атрибути на друга држава.
Истовремено стана практика албанските партии од Македонија за секое важно државно прашање најпрво да се консултираат со албанскиот премиер Еди Рама, па потоа да влегуваат или излегуваат од македонската влада, да даваат или не поддршка за некои одлуки и закони, едноставно кажано политиките во земјава веќе директно ги диктира соседна земја.
Во таа насока се и последните нималку наивни најави за формирање заедница на албански општини, чија единствена цел е територијално поврзување со соседна Албанија, со што на сцена стапува првата фаза на бришење на границите преку таканаречената прекугранична соработка. Под превезот на истата таа прекугранична соработка, општините од западниот дел на Македонија ќе почнат да се поврзуваат со општините во соседна Албанија, но и со оние на Косово, со инфраструктура, со комунални проекти, со трговија, култура. На тој начин де факто нема да постои границата и прашање на време е кога ќе се побара и отстранување на пограничните објекти, а сето тоа зад параванот на поголема регионална соработка и отворени граници.
И досега се покажало дека албанските политичари во земјава секогаш кога им опаѓал рејтингот играле на картата на национализмот и на албанскиот романтизам, но факт е и дека сите национални изблици имаат заедничка константа, обединување на сите Албанци во земја без граници. Тоа не е ништо друго освен остварување на нивната мегалодржавна хегемона амбиција, чии контури беа исцртани уште со Призренската лига во 19 век.

Тивко регионално фузирање

За поранешниот дипломат Драган Јањатов нема никаква дилема дека вака како што се поставуваат работите од носители на највисоки државни функционери на Македонија, работите се одвиваат во несакана насока и за нашата држава, а и за сите граѓани на Македонија.
– Кога човек објективно ќе ги набљудува работите, ќе ги сложи коцките, сега и со оваа идеја за Албанец премиер, со заедница на албански општини, сè упатува на тоа дека во тек се процеси што неминовно водат кон конечна промена на карактерот на нашата држава, потоа нејзина дисолуција и на крајот создавање голема држава на Балканот. Тие соништа од минатото никогаш не престанаа да се сонуваат, бидејќи Илирида постои во нивните агенди и тие систематски работат на остварување на тој проект – вели Јањатов.
Според него, сите атрибути на една друга земја ги има во општините што ги раководат Албанците, така што апсурдно е да се очекува тие да бидат лојални кон Македонија и да се залагаат за зачувување на нејзиниот унитарен карактер кога размислуваат за нешто друго.
– Албанските политичари во земјава веќе се одметнаа, добија сила, ја запоседнаа власта, влегоа во институциите, дејствуваат и легално и полулегално, со други зборови прават сè што сакаат. Тоа им овозможува многу полесно да ја реализираат идејата за бришење на границите со Албанија и Косово и порано или подоцна да дојде до сеалбанско обединување на овие простори – анализира Јањатов.
Тој е зачуден од индолентноста на институциите, кои не постапуваат по Уставот и законот, па дозволуваат сето ова да се одвива на штета на државата.
– Македонија ништо не прави, а Бугарија многу им помага на Албанците така што дејствувајќи против земјава, ги зацврстува нивните позиции – заклучува Јањатов.
Ставот и на другите соговорници, познавачи на регионалните состојби, аналитичари, експерти по меѓународно право, е дека бришењето на границите ќе се случи со таканаречено „тивко фузирање“.
– Обединувањето секако нема да се случува со оружје, туку сè ќе оди под превезот на евроинтеграциите, па, еве, да ја додадеме и иницијативата „Отворен Балкан“, значи ќе се гради перцепција дека регионите ќе можат слободно да се поврзуваат, водени пред сè од економски интереси. Но зад таа „економска“ обланда ќе се крие нешто друго, а тоа е создавање еден нов државен и етнички ентитет (па било тој да се нарекува големо Косово или Албанија), токму преку тоа регионално поврзување, прво економско, па инфраструктурно, па образовно, па културно и на крајот политичко, бидејќи гледаме дека политичките партии и во Албанија и во Косово веќе најавуваат партиски клонови и во Македонија, што значи дека веќе се создава база за идна заедничка политичка сцена. Сите сигнали упатуваат на тоа, затоа и не треба да зачудува и агресивниот пристап на Бугарија, која сака да воспостави слична логистика врз териториите за кои на некои вжештени глави од Софија им се вртат идеите на Сан Стефано. Големи процеси се во игра и работата е далеку од некакво релативизирање – нагласуваат соговорниците.


Не постојат територијални решенија за етничките прашања

Во својата колумна за „Нова Македонија“, насловена „Албанци за поништување на рамковниот договор“, аналитичарот Сашо Клековски, осврнувајќи се на барањето на етнички Албанци од партијата Алтернатива за поништување на рамковниот договор, напиша:
– Историјата покажува дека ретко која граница е решена без војна, на мирен начин. Тоа е така зашто во перцепциите сите ја замислуваат границата многу поинаку. Кога албанските националисти ја замислуваат границата, таа безмалку е на реката Вардар. Од којзнае кој подрум излезе некоја изјава на албански радикали за „македонски енклави во албански простори“. Кога во 2001 година некои македонски националисти замислуваа размена на територија, границата ја замислуваа под Шара. Со толку голема разлика во замислените граници на националистите, решение може да има само со војна или предавство, кое, пак, ќе води во војна. И затоа повторно предлогот за асоцијација на албански општини не е антиамерикански, антиевропски, туку антимакедонски и антиалбански.
– Има етнички Албанци и нивни политичари што сѐ уште сонуваат територијални решенија. Не мислам на голема Албанија, која е повеќе фолклор, туку на федерализација на Македонија. Уште во раните 1990-ти, тогаш млад надежен политичар етнички Албанец, сега лидер приврзок на оваа власт, говореше за „независно Косово, федерација во Македонија“ како решение за албанското прашање.