Независните тела, како МАНУ, различните научни институти, па и универзитетите, имаат огромно значење во процесот на демократска консолидација на една земја бидејќи со својот научноистражувачки авторитет и капацитет како „труст на мозоци“ влијаат врз зголемувањето на одговорноста на носителите на власта, почитувањето на човековите права и слободи и на превенирањето и сузбивањето на дегенеративните општествени процеси, а со својата работа не само што дијагностицираат и превенираат општествени аномалии туку тие даваат и една визија за општествен просперитет и развој, во еден сеопшт поширок интерес
Институции надвор од власта – значаен импулс за контролно-надзорниот механизам во општеството
Држава во која не функционира или значајно потфрла работењето на контролно-надзорниот механизам над државната управа или над носителите на јавните функции лесно застранува од демократските принципи и влегува во сферата на корупцијата и криминалот.
Затоа, токму улогата на контролните механизми, предвидени во Уставот и законите на едно демократско општество, и нивната ефикасна примена создаваат амбиент на општествена „контрола и баланс“, во насока на еден одржлив севкупен развој, за општествените аномалии бргу да бидат дијагностицирани и соодветно процесирани и решени. Токму улогата на таквите надзорно-корективни тела е „будно следење на сите случувања и да бидат навремен коректор на работата на сите функционери, јасно посочувајќи ја нивната улога – да работат исклучиво во интерес на и за граѓаните“!
Но повеќе наши соговорници и овој пат, како и во повеќе наврати досега, алармираат дека институционалните надзорни механизми над државната управа „од осамостојувањето потфрлуваат бидејќи се закржлавени од партиско-клиентелистички влијанија“. Според мислењето на соговорниците, „надзорот, посебно собраниските комисии, сега се претворени во обична алатка на секоја власт за затскривање на коруптивните дејства и претставуваат дополнителен стимул за неодговорното работење што директно се одразува врз севкупните општествени состојби“.
Токму во ваквиот општествен амбиент, кога е повеќе од јасно дека потфрлаат базичните институционални контролни механизми и не си ја вршат својата функција како општествен коректор, нашите соговорници ја ставаат на пиедестал општествената улога на други институции надвор од власта, кои со своите ресурси и стручни капацитети, високоинтелектуални кадри, независни научници и професори, со својата објективност и визија можат значајно да придонесат за изострување на општествената диоптрија, помагајќи при превенирање општествено-дегенеративни процеси. Иако далеку дека нивната улога е примарна во делот од општествената корекција, нивната улога, исто така, не е минорна. Напротив.
МАНУ е најстручниот корективен механизам
Според добрите познавачи на политичките системи, Собранието треба да биде главното контролно тело на однесувањето на секоја власт и нејзините функционери, но кога законодавниот дом ќе ја загуби функцијата на контролен механизам на власта, тој се претвора во нејзин сервилен извршител на наредби, што е системски преседан сам по себе. А кога ќе дојде до таков преседан, според нашите соговорници, се креваат крутите лостови во општеството како чувари на државата и нејзините интереси.
Во тој контекст, најстручниот механизам на опсервација на севкупните политички и општествени случувања е Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), највисоката научна институција во земјава во која се собрани најумните луѓе од сите области, кои во од можат да препознаат општествени застранувања, аномалии или, пак, нечие неодговорно или лошо работење и да предупредат на тоа.
Од оваа улога на коректор, МАНУ во блиското минато апстинираше, но од скоро, почна решително и непоколебливо да ја демонстрира. Нашите академици откако почувствуваа дека многу работи излегоа од колосек, дека се напуштени сите претходни стратегии за решавање на клучните надворешнополитички прашања, особено со соседите, дека правосудниот систем не си ја врши улогата да постапува и да ги санкционира сите оние што работат против законот и против интересите на државата, поточно во оној момент кога почувствува дека работите тргнаа во несакан правец, укажуваат дека имаат и визија и мисија за македонската држава и народ да тргнат по вистинскиот пат.
– Македонија е во агонија веќе подолго време, а евроинтеграциите процеси сѐ повеќе се претвораат во непредвидлива авантура. Нам, Македонците, реалноста полека ни се лизга низ прсти – уценети, и однадвор и однатре, животот на сите нас, освен на дел од владејачката елита, сенишно ни поминува покрај нас: ние сме само неми, безлични и бесцелни набљудувачи на нашиот живот што не го живееме, а истовремено се чувствуваме беспомошно гледајќи како Македонија се расчеречува, се раздробува, се распарчува и се разнебитува – предупредува првиот човек на МАНУ, Љупчо Коцарев, јасно посочувајќи дека нивната опсервација и контрола покажале дека државата се движи кон амбис, а тоа треба да се спречи.
Како и да е, во оваа највисока научна институција се наоѓаат најголемите умови што можат и ги препознаваат и најситните аномалии во сферата во која академиците истражуваат и работат, било да станува збор за политиката, за економијата, за јазичните, историските, образовните, здравствените, еколошките и редица други прашања. Нивната улога е, како што од скоро тоа го прават, низ стручна призма да укажуваат, да дијагностицираат, да понудат решенија, да реагираат и да ја алармираат јавноста секогаш кога ќе забележат дека оние што ја предводат државата излегуваат надвор од рамките на нивните овластувања и со политиките што ги креираат предизвикуваат несогледливи штети за државата и граѓаните.
Колку за потсетување, академиците жестоко реагираа на погубноста на Преспанската спогодба по македонскиот идентитет поради промената на уставното име на државата, бидејќи навреме знаеја какви консеквенции по идентитетот ќе предизвика промената на името. Истото тоа го направија и за време на преговорите со Бугарија, кога МАНУ, во соработка со други институции и контролни тела надвор од рамките на власта, изготви текст на резолуција за заштита на македонските национални интереси. Сето тоа се случи во момент кога дипломатијата се оттргна од секаква контрола во рамките на Собранието и ги игнорираше сите повици да реферира пред надлежните собраниски тела за текот на преговорите со Софија, така што мораше да следи реакција од другите контролни механизми што се активираа во оној момент кога стана очигледно дека отстапките што се прават во полза на Софија можат да предизвикаат несогледливи последици за државата.
Ова само покажува дека МАНУ е исклучително моќен и кредибилен заштитен механизам што треба да служи како коректив, насочувач и катализатор на одредени состојби, со цел да ги превенира доколку се движат во несакан правец, но истовремено и да ги охрабрува и дополнува ако имаат некаков позитивен тренд. Неоспорен факт е дека во оваа највисока научна институција седат врвни интелекти, меѓународно етаблирани, кои точно знаат каде чкрипи, но што е уште поважно, знаат да понудат решенија. Во таа насока, државата многу повеќе треба да го искористи интелектуалниот капацитет на академиците и во корелација со нив, како и со стратегиите што ги има, заеднички да гради модерна, развиена, демократска држава.
МАНУ токму сега покажува дека е исклучително моќен и кредибилен заштитен механизам што треба да служи како коректив, насочувач и катализатор на одредени состојби, со цел да ги превенира доколку се движат во несакан правец, но истовремено и да ги охрабрува и дополнува ако имаат некаков позитивен тренд. Неоспорен факт е дека во оваа највисока научна институција седат врвни интелекти, меѓународно етаблирани, кои точно знаат каде се генерираат општествените недоследности, но што е уште поважно, знаат да понудат решенија
Интелектуално-академска опсервација, па и контрола
Нашите соговорници, повикувајќи се на правно-политичките практики во САД и повеќето европски земји, истакнуваат дека контролните механизми мора да претставуваат систем на сврзани садови, односно да се надоврзуваат еден на друг во секој момент за да спречат неодговорно однесување на функционерите. Како и МАНУ, уште еден независен филтер и индиректен (корективен) механизам на политиките на секоја власт, секако, се и научните институти и универзитетите, преку претставниците на научната фела што ги предводи овие високообразовни институции. Слободата на мислата на универзитетите е универзално право, нивната автономија е загарантирана, така што професорите и студентите се тие што треба да реагираат секогаш кога станува очигледно дека функционерите не ја практикуваат власта во согласност со потребите на граѓаните и интересите на државата.
Македонија повеќе од 30 години е во некакви реформски процеси за кои токму универзитетскиот кадар, како посебен надзорен механизам, јавно истапува и реагира на фиктивните реформи, кои ниту го подобруваат животот на граѓаните, ниту пак влијаат врз напредокот на земјата. И тоа го прават во континуитет.
Видни универзитетски професори од различни области изготвија стотици и стотици стратегии за различни области и ги доставија до државните институции, со единствена цел, да се одреди вистинската насока во која треба да се движи секоја гранка во државата. Но наместо доследно следење на овие стратегии и развојни политики, политичарите суптилно се оддалечија од нив само за да можат да излезат од зоната на контрола и да почнат да ја практикуваат власта на начин за кој не добиле мандат од граѓаните. Тоа влијаеше врз драстичниот раст на степенот на корупција во земјата, што придонесе да се вклучи дури и меѓународен контролен механизам (од САД) поради девастирачките коруптивни состојби во државата.
Затоа улогата на универзитетот како контролен механизам надвор од рамките на власта е огромна, бидејќи најголемите општествени промени секогаш потекнувале од оние што размислуваат со своја глава и кои не се обременети од партиските агенди.
Тоа подразбира подигање на нивото на контрола на работењето на секоја власт и непотпаѓање под никакви политички притисоци и обиди на политичките партии да го контролираат академскиот свет, бидејќи основната интенција на оние што владеат секогаш е да закочат уште еден независен корективен механизам, кој со својата гласност им го нарушува комодитетот во владеењето.
Во истата академско-универзитетска контролна рамка своја улога како контролор на државните политики имаат и сите институти, било да станува збор за историјата, јазикот, фолклорот, здравјето, економијата, земјоделството и многу други области. Голем број професори во рамките на овие институти работеле во интерес на македонската кауза, промовирајќи ги македонскиот идентитет, јазик, историја, култура и наука во светски рамки. Поткрепени од искуствата на институтите низ светот, но и со воспоставената меѓусебна соработка во меѓународни рамки, тие можат да бидат исклучително ефикасен контролен механизам на овдешните собитија во сите сфери каде што државната политика има ингеренции и да реагираат во оној момент кога ќе забележат дека политичарите ги влечат потезите на своја рака, а на штета на државата.
Добар пример за активирање на контролната функција беа реакциите на Институтот за македонски јазик, кој отворено се спротивстави на бугарските обиди за негирање на јазикот, но и на потезите на шефот на дипломатијата самиот да креира дефиниции за македонскиот јазик што влегоа во официјален европски документ, без консултации со стручната фела. Слично реагираше и Институтот за национална историја, кој предупреди дека во тек е процес на редефинирање на македонската историја и дека тој процес мора да запре, алудирајќи на политичките влијанија врз мешаната македонско-бугарска комисија и одлуките што таму се носат врз основа на политичка, а не научна основа.
Овој контролен механизам на работата на функционерите продолжува и натаму да ја врши својата функција бидејќи повеќе од јасно е дека во тек се ретроградни процеси што трајно можат да ги оштетат македонската држава и идентитетот на народот во неа, па затоа континуумот во контролирањето на работата на функционерите мора да продолжи со полна пареа.
Независните контролно-корективни тела се важни за демократската
консолидација на земјата
Несомнено овие независни контролни механизми ја имаат улогата да бидат браник што ќе го запре неодговорното и коруптивно дејствување на функционерите, ќе овозможи поголеми граѓански слободи и ќе понуди соодветни решенија за наталожените проблеми, пред сè во делот на борбата со корупцијата, владеењето на правото, а посебно во делот на одговорното однесување на функционерите.
Експертите со кои се консултиравме истакнуваат дека овие независни контролни механизми, кои имаат висок степен на интелектуален капацитет, ја уживаат довербата на граѓаните како непристрасни и кредибилни контролни тела што настапуваат од позиција на заштита на граѓанските и државните интереси и затоа овие тела треба да бидат многу повеќе гласни.
– Независните контролни тела се партнери едни на други и со заеднички акции и дејствување доаѓа до ефект на синергија. Со цел за поуспешно дејствување мораат да бидат отворени кон медиумите, граѓаните и здруженијата на граѓани, односно кон сите актери на граѓанското општество. Се разбира, на различните независни тела им стојат на располагање и различни механизми и инструменти. Независните контролни тела имаат огромно значење во процесот на демократска консолидација на една земја бидејќи влијаат врз зголемувањето на одговорноста на носителите на власта, почитувањето на човековите права и слободи и на сузбивањето на корупцијата – заклучуваат нашите соговорници.