Фото: Маја Јаневска - Илиева

Интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус и сите пратеници во Собранието да ја надминат партиската политика и да размислуваат за европската иднина на државата. Колку побрзо се донесат уставните измени толку побрзо Македонија ќе стигне до ЕУ, додека предвремени избори ќе бидат контрапродуктивни. Ова го порачаа на денешната заедничка прес-конференција министрите за надворешни работи на на Австрија, на Чешка и на Словачка.

Сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Австрија, Александер Шаленберг, денешната посета ја оцени како важна, посочувајќи дека имале успешни состаноци со целиот политички спектар во земјава, во Собранието и во Владата.

– Со сите коишто разговаравме, со сите коишто имаат политичка одговорност се сретнавме и тие покажаа дека се проевропски, дека сакаат да ја одржат земјата на патот за целосно членство во ЕУ. Имаме чувство дека сите се свесни за одговорноста дека ова е моментот, ова е посебен момент во развојот на патот кон ЕУ, изјави Шаленберг.

Верувам, нагласи Шаленберг, дека патот вреди да се изоди.

– Навистина едвај го чекаме моментот кога македонскиот јазик, култура и историја ќе бидат дел од јазикот, културата, историјата на ЕУ во целата разновидност. И сите сме свесни за прашањето што е пред нас, измени и дополнување на Уставот, амандманите, и нема начин тоа да се избегне и постои свесност за работата што треба да се сработи, и ова е нешто на што можеме да работиме, изјави Шаленбер.

Министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, посочи дека руската агресија врз Украина навистина ја променила динамиката на процесот на проширување на ЕУ и дека земјава има голема можност да ја искористи оваа зголемена динамика, дури и оваа година под услов да ги усвои дополнувањата на уставот во однос на бугарското малцинство.

– Свесни сме за чувствителноста на ова прашање, и навистина јасни ни се ставовите и на опозиција и на позицијата. Ги слушнавме нивните коментари и грижи, меѓутоа убедени сме дека никојпат нема да има поповолна ситуација и поповолна состојба за интеграција на Северна Македонија во ЕУ отколку што е сега моментот – изјави Липавски.

Колку побрзо се донесат овие амандмани, според Липавски, толку побрзо Македонија ќе стигне до ЕУ.

– На нашиот пат ќе направиме се што можеме да спречиме дополнителни барања во однос на отворените билатерални прашања – изјави Липавски, и ги повика сите пратеници во Собранието да ја надминат партиската политика и да размислуваат за европската иднина на државата и за придобивките за граѓаните.

Министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Мирослав Влаховски, посочи дека интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус

– Северна Македонија има единствена можност, ова да го покаже сега и треба да го искористи овој момент. Дефинитивно не треба да се пропушти, особено бидејќи нема друга алтернатива за да се напредува понатаму во однос на интеграцијата на ЕУ, истакна Влаховски.

Во текот на состаноците, Влаховски рече, дека нагласиле дека предвремените избори се контрапродуктивни.

– Ги истакнавме овие моменти поврзани со внатрешната политика и дека ако се закажат рани избори тоа би било многу контрапродуктивно и дека сите лидери треба да постигнат консензус по однос на овие прашања, изјави Влаховски.

Прашан за денешните средби со опозицијата, Шаленберг, повторно посочи дека нивната посета нема да цел мешање во внатрешните работи.

– Ако сега го кажеме секој детал за што зборувавме, мислам дека ќе биде контрапродуктивно, бидејќи ќе станеме дела од дебатата, а сакаме да бидеме дел од решението, изјави Шаленберг.

Во однос на можните нови блокади од Бугарија Липавски, рече дека процесот на проширување на ЕУ бара консензус од сите земји членки на ЕУ, така што никој не може да го исклучи влијанието од домашната политика.

– Ова е реалноста и како функционираат работите. Мора да разбереме дека постои многу наклонета атмосфера во ЕУ кон проширувањето. Тоа е единствена можност. Пред две години не постоеше таква атмосфера и не знаеме што ќе донесе иднината, рече Липавски, нагласувајќи дека ќе направи се да се спречат барања на билатерална основа, но дека не може да се дадат гаранции.