Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Размислувањата за воведување нова авиолинија меѓу Македонија и Бугарија ги отвораат и дилемите за меѓусебната инфраструктурна поврзаност на земјите од регионот. Експертите се недвосмислени во ставовите дека со овие решенија на поврзаност на сообраќајните системи меѓу земјите, секако, би се зголемила и интензивирала соработката на сите полиња, како и економската бенефиција

„Не е добро за луѓето од соседни земји да патуваат со авион преку Виена, иако Скопје и Софија се оддалечени двесте километри“. Вака некако гласеше изјавата на новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков, со која најави нова клима во приближувањето на односите меѓу Бугарија и Македонија. Сосема е извесно дека темата за директното авионско поврзување ќе биде дел од разговорите при посетата на Петков и неговата средба со новоименуваат премиер на Македонија, Димитар Ковачевски. За сериозноста на Софија да го реализира планот за авионско поврзување со Скопје говори и изјавата на министерот за транспорт на Бугарија, Николај Субев, кој веќе доби и насоки да ги преиспита можностите за воведување лет Софија – Скопје. Според него, тоа ќе биде манифестација на добра волја. За да се оствари оваа идеја, се преговара со конкретни авиокомпании што би биле заинтересирани да вршат летови од Софија до Скопје и обратно.
На авиосообраќајот секогаш се гледало како на скап, но брз начин на транспорт на луѓе и стоки. Воспоставувањето директни авиолинии, во досегашната меѓународни дипломатски односи, се толкува и како испраќање сигнали за воспоставување пријателски односи меѓу две земји што претходно имале затегнати политички односи. Во овој контекст е и примерот со постигнувањето на Вашингтонскиот договор меѓу властите во Србија и Косово, што предвидуваше и воспоставување редовен авионски и железнички сообраќај меѓу двете земји. Засега не е познато колку компаниите што одржуваат комерцијални летови од Скопје за другите европски и балкански дестинации ќе пројават економски интерес за одржување на идната авиолинија Скопје – Софија. Моментално од скопскиот аеродром, според објавениот ред на летови, редовен авионски сообраќај од Скопје се одвива со Белград, Атина и Загреб, како и со Истанбул. Но каков е ставот на експертите во однос на одржливоста и конекциите на ваквите авиолинии помеѓу балканските метрополи.

– Воведувањето редовна авионска линија меѓу Скопје и Софија, која е на воздушна линија од околу 175 километри, според мене, е многу добар предлог. Покрај директните патувања, кои би се користеле за бизнис и други рекреативни цели, би се зголемила и можноста за транзитни патувања на подалечни дестинации. Со овие решенија на поврзаност на сообраќајните системи меѓу двете земји, секако, би се зголемила и интензивирала соработката на сите полиња, економската бенефиција би била двострана, а тоа би довело до надминување на негативните влијанија, кои многу често се случуваат во сообраќајот и транспортот – ни изјави Верица Данчевска, експертка по сообраќајна политика и транспортна економика.
Сообраќајната инфраструктура е предуслов за економски развој на секоја држава, но сообраќајот и транспортот не би имале толкава важност доколку не се одвиваат и надвор од границите на земјата. Особено од голема важност е сообраќајната поврзаност со соседните држави заради олеснување на прекуграничните процедури.
Иницијативата на новиот бугарски премиер Кирил Петков за зголемување на сообраќајната и транспортната поврзаност помеѓу нашата земја и Република Бугарија секако дека е за поздравување и таа треба да биде позитивно прифатена од наша страна, во согласност со принципите и стандардите во преговарачкиот процес меѓу двете земји – нагласува Данчевска, која е професорка на Техничкиот факултет на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Во последната деценија, со појавата на нискобуџетните компании, за граѓаните станаа лесно достапни и повеќе европски дестинации, а кои беа искористувани главно од иселениците од Балканот. Поради ниските цени на билетите, тие влијаеја и на економичноста на големите авиокомпании, кои бараа заострување на регулативата во авиосообраќајот. Европската Унија воведе и забрани за директни финансиски буџетски издвојувања за компаниите, но остави простор за финансирање некои нерентабилни линии што се од јавно значење, како што е поврзувањето со некои острови или оддалечени и изолирани краеви во некоја земја. Многу земји од ЕУ тоа го прават во голем обем, поради појавата на пандемијата со коронавирусот, што влијаеше и на намалување на обемот на авионскиот сообраќај.

– Сите држави во регионот вложуваат во авиосообраќајот, било за своите национални авиокомпании или за дотации на странските авиокомпании, најчесто на нискобуџетните. Хрватска и Србија издвојуваат доста финансиски средства за своите национални превозници, преку форма на субвенционирање или гаранции за кредит. Ова се огромни суми, ако се знае големината на националните компании, кои неколкупати се реструктурирани со намера да се намалат трошоците, но тоа не им успева – вели Лука Поповиќ, познавач на авиобизнисот, во изјава за „Ал џезира“.
Финансирањето на сообраќајните проекти е една од задачите на сообраќајната политика, кој е составен дел на економската политика на една земја. Сообраќајот треба да ги задоволи потребите на стопанството и да го поттикне економскиот развој.
– Државите треба да се поврзуваат со земјите што се важни за економската соработка и кои генерираат подобрена меѓудржавна комуникација. Тоа е многу потешко да се направи ако се потпираат на странските превозници. Во фокусот на комерцијалните компании е профитот, а не државниот интерес и просперитет. Многупати се случувало некои линии да се закажат, а потоа брзо и да се откажат, затоа што немало адекватна пополнетост со патници, што би обезбедило и профитабилност – вели Едвин Шимиќ од Факултетот за сообраќај и комуникации на Универзитетот во Сараево.


Потребно е целосно автопатско и железничко поврзување на Коридорот 8

Македонија и Бугарија ги поврзува Паневропскиот коридор 8, кој уште го нарекуваме и коридор Исток – Запад, кој се протега од Бургас – Пловдив – Софија – Скопје – Драч, односно ги поврзува Бугарија, Македонија и Албанија.
– Според принципите и препораките на сообраќајната политика на Европската Унија, сите правци на кои се протегаат паневропски коридори е пожелно да се изградени на автопатски решенија, кои ќе понудат повисоко ниво на квалитет на превозната услуга и поголема безбедност во сообраќајот. Во нашиов случај тоа не е докрај спроведено, односно немаме изградено автопат по целата должина на патниот правец на Паневропскиот коридор 8. Исто така, во развиените земји, освен автопатско решение, секој коридор го следи и современо сообраќајно решение на железничка инфраструктура, која, пак, овозможува поголемо превезено количество стоки и патници, пониски поединечни транспортни трошоци, поголема безбедност во сообраќајот и помали негативни влијанија од сообраќајот врз животната средина. Повторно ,во нашиов случај со Република Бугарија тоа не е така, затоа што немаме добра железничка поврзаност и на ова поглавје треба многу да се работи – вели Верица Данчевска, професорка по сообраќајна политика и транспортна економика.