По зачестените меѓусебни обвинувања за голем број дела со криминална и корупциска заднина, и на државно и на локално ниво, што претставниците на најдоминантните партии во земјава како афери ги обелоденуваат во јавноста преку десетици прес-конференции, со соопштенија и изјави на дневно ниво, упатените велат дека без конкретни пријави до надлежните институции или, пак, без поведување на механизмот во правосудството „екс официо“ по тие основи, тие обвинувања не би требало да имаат никаква тежина
Без конкретни пријави, политичките афери остануваат во доменот на озборувања
Многу мал процент, приближно само десет отсто, од обвинувањата за криминал и корупција што политичките партии ги изнесуваат на своите прес-конференции, преку соопштенија и изјави, завршуваат како кривични пријави во надлежните институции, тврдат упатените. Тие објаснуваат дека јавноста затоа престана премногу сериозно да ги сфаќа дневнополитичките препукувања со разни криминални и коруптивни афери, особено кога тие се одвиваат во периодите што се од суштинска важност за дефинирање некои национални и државни интереси.
Имаат ли правна тежина вешто спакуваните
информации од прес-конференциите
Ваквата оцена, за жал не за првпат, следува и по зачестените меѓусебни обвинувања за голем број дела со криминална и корупциска заднина, и на државно и на локално ниво, што претставниците на најдоминантните партии во земјава се обидуваат да ѝ ги „продадат“ на јавноста преку десетици прес-конференции, соопштенија и изјави на дневно ниво. А притоа, како што потенцираат упатените, многу ретко се случува истите тие, партиски „обвинители“, да ги поткрепат своите наводи со пријави за конкретни дела до надлежните институции, оставајќи ја јавноста да се задушува во амбиентот на постојаните сомнежи и недоверба.
Се разбира, никој систематски и стручно не ги евидентира и проценува вешто спакуваните наводи произлезени од политичките партии, но значителен дел од јавноста, како што може да се види од социјалните мрежи, крајно неселективно и некритички ги прифаќа истите тие како апсолутни вистини и врз основа на нив ги гради своите понатамошни ставови и постапувања, дури и кога треба да го даде својот глас за одредена политичка опција. Така, според упатените, ставовите на граѓаните се градат врз основа на принципот „ти реков – ми рече“.
– Кај нас не е проблем дали некој ќе се осмели да ги изнесе во јавност своите сомневања, наоди и докази за одредени коруптивни и криминални зделки на поединци или групи од политичките структури. Проблем е сето тоа да се аргументира и да се докаже и затоа само мал дел, можеби десет отсто од изнесените меѓупартиски обвинувања, резултира со пријави до надлежните институции. Другото, слободно може да се каже, од правен аспект, е политички маркетинг, но за дел од неупатените тоа останува како некаква вистина. Затоа, не е проблем дали некој ќе ги истражи или не сите тие обвинувања изнесени на партиските прес-конференции, туку колку тие се аргументирани. Се разбира, секогаш тој што во моментот е на власт располага со повеќе механизми за да ги докаже своите тврдења. Но имавме и ситуации кога од позицијата н опозиција се изнесуваат многу сериозни обвинувања, а потoа, кога истата структура ќе дојде на власт, тие не добиваат судска разврска. Затоа, јавноста не треба толку многу да се занимава со сите тие вербални обвинувања на политичките партии – објаснува еден од пореномираните адвокати во земјава, Еленко Миланов.
Партиски обвинувања за поени на партиското конто и „разонода“ за јавноста
Во однос на евентуалното санкционирање на тие што јавно ги изнесуваат наводите за криминални и корупциски активности на одредени лица, според Миланов, состојбата е уште побезнадежна.
– Јас досега, во мојата практика, не сум се сретнал со случај некој судски да одговара за изнесување лажни обвинувања во име на политичките партии. Притоа, мора да напоменам дека кај нас тоа е во доменот на граѓанска одговорност, што значи дека некој конкретно мора да ја иницира постапката – додава тој.
И во Јавното обвинителство се резервирани во однос на наводите изнесени на партиските прес-конференции.
– Обвинителството константно следи сѐ што во јавноста изнесуваат политичките партии и доколку во тоа што е изнесено утврди елементи на кривично дело, иницира соодветна постапка. Конкретно, за последните наводи за злоупотреби во скопски „Водовод“ чекаме информации од финансовата полиција, за да видиме дали ќе има постапка. Во принцип, ние постапуваме во зависност од сериозноста на изнесените обвинувања – информираат од Обвинителството, објаснувајќи дека тие немаат посебна евиденција за постапувањата врз основа на наводите изнесени од страна на политичките партии.
Токму тоа, според упатените, покрај веќе утврдените слабости на правосудството, претставува една од сивите зони за манипулација со јавноста и за собирање партиски поени, но засегнатите чинители мора да имаат предвид, според мислењето на одредени социолози, дека „сѐ почестите обвинувања, ако не се процесираат, ефективно докажат или отфрлат, создаваат чувство и амбиент на општа недоверба и чувство на несигурност во земјава“. Д.М.М.