Европа е во трка за претстојната енергетска криза

Трката за обезбедување енергенти за претстојната зима продолжува со несмалено темпо. Германија вршеше притисок во понеделникот да обезбеди договори за течен природен гас со производителите на Заливот, а другите европски држави презентираа мерки за штедење енергија, бидејќи руските испораки се на сериозно намалени нивоа како што се приближува зимата. Официјален Берлин објави дека има намера да потпише договори за ЛНГ со Обединетите Арапски Емирати за снабдување на терминалот што го гради во време кога виталниот гасовод „Северен тек 1“ од Русија е затворен, додека Шпанија, Франција и други ги открија плановите за вонредни ситуации во обид да се избегнат прекини на струја.
– Ако сè оди добро, заштедите во Германија се големи и имаме среќа со времето… имаме шанса комотно да ја поминеме зимата – рече министерот за економија Роберт Хабек по обиколката на идниот терминал за ЛНГ во северниот дел на Германија.
Пред планираната посета на канцеларот Олаф Шолц на Заливот, германската компанија РВЕ објави дека е „во добри и конструктивни разговори“ со Катар за испораките на ЛНГ. Увозникот „Унипер“, кој се соочува со проблеми, објави дека сè уште не постигнал договор. Германија ќе може да смета на гасот што ќе протече од Франција околу 10 октомври, рече шефот на францускиот енергетски регулатор ЦРЕ, по најавата на претседателот Емануел Макрон дека меѓусебно ќе си помагаат во снабдувањето со енергија. Иако испораките преку „Северен тек 1“ се прекинати, протокот на руски гас во Европа преку Украина продолжи, но со многу помал капацитет.
Во Франција, шефот на ЦРЕ, Емануел Варгон, рече дека доколку се одложат поправките на кородираните нуклеарни реактори, „исклучителните“ мерки оваа зима би можеле да вклучуваат локализирани прекини на струја. „Но нема да има ограничувања за гасот за домаќинствата. Никогаш“, изјави таа за медиумите.

Државна помош за непречено снабдување

Од другата страна на Пиринеите, шпанската министерка за индустрија, трговија и туризам Рејес Марото рече дека затворањето на енергетски интензивни компании за време на врвната потрошувачка е можна опција оваа зима. Компаниите ќе добијат финансиски надомест, рече таа во интервју за шпанската новинска агенција „Европа прес“, додавајќи дека сега нема потреба да се наметнуваат такви затворања.
Националниот мрежен оператор „Фингрид“ ги предупреди Финците дека треба да бидат подготвени за прекини на електрична енергија. Покрај тоа, финскиот трговец со електрична енергија Карху Воима Ој објави дека поднел барање за стечај поради наглото поскапување на електричната енергија.
Германскиот министер за економија рече дека Берлин нема да дозволи големите увозници на гас како ВНГ да станат несолвентни, додека портпаролот на Министерството за економија рече дека се водат „фокусирани“ разговори за помош со увозникот „Унипер“, кој се соочува со проблеми. Централната банка во понеделникот соопшти дека германската економија веќе бележи благ пат и веројатно ќе се влоши во текот на зимските месеци бидејќи потрошувачката на гас е намалена или рационализирана.
Во Португалија, Владата е свесна за своите грижи. „Од ден на ден може да имаме проблеми, како што е неиспорачувањето на планираното количество гас“, рече министерот за животна средина и енергија Дуарте Кордеиро, додавајќи дека Португалија работи на диверзификација на снабдувањето за да ја зголеми енергетската безбедност. „Португалија се подготвуваше, како и цела Европа, за зима што ќе биде тешка“, рече тој, повикувајќи ја Европската комисија да продолжи со плановите за заедничка платформа на ЕУ за купување гас и дефинирање на увозните цени.

Европа ги реактивира термоцентралите за нормално снабдување со енергија

Русија, која испорачуваше околу 40 отсто од гасот на Европската Унија пред нејзината воена операција во Украина во февруари, рече дека го затворила „Северен тек 1“ бидејќи западните санкции ги попречувале операциите. Европските политичари велат дека ова е изговор и ја обвинуваат Москва дека ја користи енергијата како оружје. Германските купувачи во понеделникот накратко резервираа капацитет за да добијат руски гас преку гасоводот „Северен тек 1“, некогаш една од главните маршрути за снабдување со гас во Европа, за првпат откако линијата беше затворена пред три недели. Но набрзо се откажале од барањето. Не беше јасно зошто купувачите поднесоа барања за капацитет кога Русија не даде никакви индикации дека затворениот гасовод наскоро ќе биде рестартиран.
Европските складишта за гас сега се полни 85,6 отсто, а резервите во Германија се близу 90 отсто, покажуваат податоците на здружението „Гас инфраструктура Европа“.
– Резервите ќе продолжат да се зголемуваат, поддржани од завршувањето на планираните работи за одржување и зголемувањето на норвешките текови од оваа недела – велат аналитичарите на „Енерџи Денмарк“.
Аналитичарите тврдат дека увозот на термички јаглен во Европа во 2022 година би можел да биде на највисоко нив во последниве четири години. „Европа се враќа назад во времето“, рече на конференцијата Родриго Ечевери, раководител на истражување во компанијата „Нобел ресурсис“.