Во мноштвото пораки и објави од нашите политичари, политички партии, амбасадори итн., по победата на Македонија над Италија, случајно или намерно, во комуникацијата на социјалните мрежи се испушта името на нашата држава. Не се споменува Македонија, туку е прикачено само знакче со знамето на државата. Меѓутоа, комуниколозите обрнуваат внимание дека избегнувањето, или можеби испуштањето на именувањето, е начин за релативизирање на идентитетот на оној за кој се пишува, во случајов за нашата држава Македонија. Суштински белези на нацијата и државата се името, знамето, грбот, химната, јазикот… Објавувањето само знакче со знамето на државата, без притоа да се спомене името на државата, не е полн израз на почит и патриотизам кон сопствената држава и народ. Посебно во услови на тешки оспорувања на нашиот македонски идентитет за кој темелен носител, всушност, е името! Граѓаните, а особено политичарите, мора да го знаат тоа
ЗНАКОВНОТО КОМУНИЦИРАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ КАКО ПОВОД
По победата на македонската фудбалска репрезентација во баражниот меч со европскиот првак Италија за пласман на Светското првенство и пред денешниот финален меч со Португалија, на социјалните мрежи „врие“ од честитки и од пораки за поддршка на македонските фудбалери. Честитките и пораките се поставени од индивидуалните официјални профили на политичари, амбасадори, но и на политички колективни субјекти, т.е. од партиите. И дотука сѐ би било во ред доколку во овие пораки и објави од политичарите, случајно или намерно, не е испуштено името на државата, односно не се споменува Македонија.
Во повеќе од тие објави е забележително дека во делот од реченицата кога треба да се нагласи субјектот и носителот на победата – Македонија и македонските фудбалери – зборовите се заменети со знакчето на македонското знаме. Секако и тоа не нова појава, а политичарите што го користат тој начин на комуникација би рекле дека е во духот на знаковното општење на социјалните мрежи. Но се чини дека таквото комуниколошко објаснување не минува ниту кај виртуелната заедница на социјалните мрежи, па таквите честитки и пораки со супституција (повеќе редукција) на државните белези, предизвикува реакции на негодување кај другите корисници, кои се прелеваат и на другите медиуми, па и општо во јавноста. Суштински белези на државата се името, знамето, грбот, химната, јазикот итн. Но тие одат заедно еден со друг и не може да се исклучуваат или заменуваат. Објавувањето само знакче со знамето на државата, без притоа да се спомене името на државата, не е израз на почит и патриотизам кон сопствената држава и народ, туку нешто сосема спротивно. Сите, особено политичарите, мора да го знаат тоа. Дека името е практично идентитетот. Името Македонија мора прво и гордо да се користи во секоја можна пригода, особено по еден ваков огромен успех на македонската фудбалска репрезентација. Нивната победа е и победа на Македонија.
– Македонија воопшто претставува пресложена општествена средина за лесно преземање на дел од спортските успеси од страна на политичарите. Постои една општествена енергија што вообичаено тлее додека доминира политиката, а нема друга сфера каде што може да биде испуштена, па најмногу доаѓа до израз во некои такви моменти на спортски успех. Во македонскиот спорт, пак, сѐ уште не се надминати наративите за национално-етничката димензија на репрезентацијата. На тоа сега е додадена и фрустрација од промената на уставното име на државата, со географска одредница пред традиционалното име Македонија и политичарите имаат сериозен предизвик да бидат политички коректни, а наедно да се претстават дека се дел од таа заедничка енергија на победа создадена во јавноста. Обидувајќи се да најдат рамнотежа, односно да го избегнат пренагласувањето на национално-етничкиот момент одат во друга крајност на релативизирање со замена на државно-националните симболи. Реакциите покажуваат дека таквата комуникациска стратегија не е успешна, туку повеќе ја иритира јавноста – вели универзитетскиот професор и социолог, Илија Ацески.
Обележјата, како грбот, знамето и химната се еден вид знаковен, симболичен приказ на одредена држава, но никако не е вообичаено во официјалната јавна комуникација тие да бидат супституција за името на државата од која произлегува и националниот идентитет. Одредени комуниколози толкуваат дека, сепак, не е задолжително комуникацијата на социјалните мрежи да ги содржи сите формални елементи на официјалните документи, зашто често е ограничена со бројноста на знаците што можат да бидат употребени во една порака. Но таквата практика на комуникација со симболи и знаци сѐ почесто се пренесува и на другите социјални мрежи и медиуми, каде што нема ограничувања во поглед на бројноста на знаците, т.н. карактери.
– Лоша е пораката што се испраќа во честитките и поддршката од политичарите за спортските победи на Македонија, а се избегнува да се користи името на државата и да се спомене македонската репрезентација, заменувајќи ја со знакчето на националното знаме. Дури и кога тоа се прави на социјални мрежи со ограничен број карактери. Јавноста го разбира тоа како признание од политичарите дека се срамат од промената на името на државата, особено што не се почувствуваа никакви бенефиции, на ниту еден план од таквата политичка одлука. Користењето неутрални изрази и знаци за да се избегне споменувањето на именката Македонија и придавката „македонско/а/и“ е меч со две сечила за македонските политичари – што и да користат – некому ќе му згрешат. Фудбалерите, а и другите спортисти на социјалните мрежи најчесто и понатаму го користат именувањето – Македонија. Неутралните изрази на политичарите само провоцираат негативна енергија во јавноста – вели политикологот и комуниколог Синиша Пекевски.