Фото: Игор Бансколиев

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА-ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА И ПРИЗНАВАЊЕТО ОД ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА ВО ЧЕШКА
И СЛОВАЧКА И ОД РОМАНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Изминативе денови се случија неколку настани во врска со автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Имено, минатата недела, заседаваа Светиот синод на Православната црква во Чешка и Словачка, како и Светиот синод на Романската православна црква. Од двете редовни заседанија произлегоа соопштенија што директно го засегаат статусот на нашата МПЦ-ОА.

Признавање на автокефалноста од страна на Православната црква во Чешка и Словачка

Во вторникот, на 7 февруари 2023 година, во салата на Прешовската православна епархија во Прешов, се одржа редовна седница на Светиот синод на Православната црква во Чешка и Словачка. На седницата, Синодот на Православната црква на чешките земји и на Словачка ги разгледа и ги прифати одлуките на Вселенската патријаршија за враќање на нашата црква во евхаристиско општење со сеправославната екумена и на Српската патријаршија, за доделување автокефален статус на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Имено, Светиот синод на Православната црква во Чешка и Словачка ги прифати барањата на вселенскиот патријарх Вартоломеј и српскиот патријарх Порфириј за возобновувањето на евхаристиската заедница со епархиите во Македонија, како и за доделувањето автокефалност на Православната црква во Северна Македонија со патријаршиски и синодален томос од 20 мај 2022 година. Во официјалното соопштение на Светиот синод на Православната црква во Чешка и Словачка се вели: „Светиот синод ги разгледа и писмата на вселенскиот патријарх Вартоломеј за возобновувањето на евхаристиската заедница со епархиите во Северна Македонија, како и писмата на српскиот патријарх Порфириј за реинтеграцијата на црквата во Северна Македонија во канонската структура на СПЦ и за доделувањето автокефалност на Православната црква во Северна Македонија со патријаршиски и синодален томос од 20 мај 2022 година. Овие канонски одлуки на сестринските православни цркви беа прифатени со благодарност на бога за надминување на долгогодишниот раскол“.

Романската црква ретерира?

Официјалната електронска страница за комуникација со јавноста на Романската православна црква (Basilica.ro) ја објави одлуката на Светиот архијерејски синод од седницата одржана на 9.2.2023 година, а со која се прифаќа признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Во официјалното соопштение се вели дека тие го „прифаќаат признавањето на автокефалноста доделена на црквата од Република Северна Македонија под името ’Охридска архиепископија и на Северна Македонија, со седиште во Скопје’, од страна на Српската патријаршија преку синодалниот томос издаден на 5 јуни 2022 година. Нејзиниот претстојател ќе биде споменуван со титулата ’блажениот отец Стефан, архиепископ на Охрид, на Скопје и на Северна Македонија’“.
Меѓутоа, во дополнителното, појаснувачко соопштение на Светиот синод на Романската православна црква има елементи што наместо јасно и педантно да придонесат во јавноста и кај православните верници со прецизно образложение за односот на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија и воопшто во православната екумена, тие како да ретерираат од ставот што го имаа до скоро, имено за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Во продолжение го пренесуваме во целост појаснувачкото соопштение на Светиот синод на Романската православна црква.
„На 9 февруари 2023 година, Светиот синод на Романската православна црква го одобри признавањето на автокефалијата доделена на Православната црква во Република Северна Македонија од Патријаршијата на Србија преку нејзиниот синодален томос издаден на 5 јуни 2022 година.
За време на синодското заседание, одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година, за востановување на канонското и евхаристиско општење со Православната црква во Република Северна Македонија, водена од архиепископот Стефан, беше земена предвид. Понатаму, Вселенската патријаршија ѝ го довери на црквата на Србија регулирањето на административните аспекти што се однесуваат на организирањето на новата црква во Северна Македонија.
Друга тема што беше земена предвид од романските јерарси беше прашањето на автокефалијата и средствата преку кои се доделува и признава, што беше анализирано во текот на неколку работни состаноци на Меѓуправославниот комитет за подготовка на светиот и велик собор на Православната црква.
Гледиштето на Романската православна црква по однос на автокефалијата, кое беше исто така претставено и на средбата на подготвителниот комитет за светиот и велик собор во Шамбези (2011), е следново:
Светиот синод на мајката црква е канонскиот авторитет што може да додели автокефалија на ќерка црква преку синодален томос потпишан од претстојателот на мајката црква, заедно со сите епископи од тој Свет синод. Признавањето на новата автокефалија ѝ припаѓа на целата Православна црква, а се остварува преку томос за признавање на автокефалијата, потпишан без никаква дистинкција, од сите претстојатели на автокефалните православни цркви, по редот на диптисите, во склоп на Синаксисот на претстојателите на православните цркви.
Имајќи ја предвид оваа информација, Светиот синод на Романската православна црква ги почитува одлуките на Вселенската патријаршија да ги прими во евхаристиско општење јерарсите, клириците, монасите и верните под архиепископот Стефан и да остави на Патријаршијата на Србија да ги регулира административните аспекти помеѓу двете цркви.
По признавањето на првичниот синодален томос издаден на 5 јуни 2022 од Патријаршијата на Србија, кој ѝ доделува автокефалија на Православната црква во Република Северна Македонија, Светиот синод на Романската православна црква очекува Вселенската патријаршија да започне (консултации) и издаде конечен томос за автокефалија, за да изрази сеправославен консензус по ова прашање на признавање на автокефалијата“.