Иницијативата за една изборна единица се пренесува во Собранието во неколку пратенички состави. Иако оваа иницијатива има декларативна поддршка и од страна на поголемите партии, при што и тие се согласни дека со менување на изборниот модел во таа насока тоа би значело демократизација на изборниот процес, за таквата иницијатива сѐ уште нема суштинско поместување во собраниските процедури
Промената на изборниот модел услов на малите партии при формирањето на
новата влада
Во списокот на политички мерила (главно од коалициските партнери) што би требало да ги оствари мандатарот при составувањето на новата влада, принципиелно фигурира барањето на помалите партии за измена на Изборниот законик, за воведување една изборна единица и создавање политички амбиент за модел со отворени изборни листи. Иницијативата за една изборна единица се пренесува во Собранието во неколку пратенички состави. Иако оваа иницијатива има декларативна поддршка и од страна на поголемите партии, при што и тие се согласни дека со менување на изборниот модел во таа насока тоа би значело демократизација на изборниот процес, за таквата иницијатива сѐ уште нема суштинско поместување во собраниските процедури.
Услов за поддршка на новата влада е конкретизирање на иницијативата
за една изборна единица?
Во актуелниот процес на креирање на новата влада, пратеникот Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз, повторно истакна дека иако се коалициски партнери со партијата СДСМ, која ја предводи мандатарот Димитар Ковачевски, важен услов за поддршка е ставот што ќе го заземе мандатарот за конкретизирање на иницијативата за една изборна единица.
– Демократскиот сојуз (ДС) подготви измени во Изборниот законик. Таму дефинираме Македонија да биде една изборна единица. Повеќе политички партии се исто така предлагачи, освен ДС. Има поддршка од околу 20 пратеници и имаме начелен договор со ВМРО-НП, со ЛДП, со ДОМ и другите партии, партиите на турската етничка заедница и другите партии, и Левица е исто тука – потпишана е таа иницијатива. Имаме договор кога ќе се создадат услови во парламентот, веднаш да започне парламентарната расправа – и тоа е еден од условите дали ќе ја поддржуваме новата влада или нема да ја поддржуваме. Така што, ако и натаму има развлекување или очекување сите партии да се согласат, никогаш нема да имаме консензус по ова прашање, бидејќи постојано една од партиите е против, тие меѓусебно се договараат – во една пригода ВМРО-ДПМНЕ е против, во друга СДСМ е против, во трета ДУИ… и го развлекуваат тоа – вели Павле Трајанов.
Лидерот на ДС укажува дека сега, кога парламентарното мнозинство е поголемо, можно е неговата партија да го изрази своето незадоволство со негласање поддршка на владата доколку не добијат позитивни сигнали за нивната иницијатива.
Една изборна единица – почеток на покоренити измени на Изборниот законик
Универзитетската професорка Солза Грчева, активна и како лидерка на политичкиот субјект Глас за Македонија, е силен поддржувач на идејата за една изборна единица и отворени листи и смета дека тоа би било пресвртен момент на подобро за демократскиот амбиент во земјава.
– Со сегашниот изборен концепт на шест изборни единици и изборни листи што ги креираат лидерите на партиите (и го поддржуваат феноменот „султан-партии“), Македонија му припаѓа на корпусот од најзатворените држави, со депласиран изборен модел, кој продуцира едноумие. Големите партии се претворија во гиганти и агенции за вработување. Гласовите на помалите партии се раштркани по повеќе изборни единици и може да се случи за стотина гласа да не се освои мандат. Кога би се собрале гласовите во една изборна единица, секако дека ефектот би бил порепрезентативно одразување на волјата на граѓаните. Македонската политика со овој изборен модел стана заробеник на политиките и интересите на големите партии. Со моделот една изборна единица нема да има пајтон-партии, ќе се појават други луѓе во политиката, со поинакви идеи, ќе се креираат други закони… Но едната изборна единица треба да биде само почеток на покоренити измени на Изборниот законик. Потребна е промена и на моделот на финансирање на партиите, како и на начинот на медиумско претставување, кои и понатаму се во интерес на големите партии. Воопшто, многу голем дел од буџетот на сиромашна држава како Македонија оди на финансирање на партиите. Потребен ни е порепрезентативен изборен модел, по европски терк – вели професорката Солза Грчева.
На тапет и други елементи од изборниот систем
Расположението во македонската јавност за идејата една изборна единица и отворени изборни листи, генерално, е позитивно. Но ред е и да се издвојат различните видувања на некои политички чинители и експерти, и тоа за одредени поттеми (на пример, цензусот), како и фазите во процесот на спроведување на иницијативата.
– Нивото на политичката култура во Македонија, сепак, не е доволно изградено за веднаш да се воведат отворени изборни листи, но ова е моментот во кој треба да се истурка идејата за демократизација на земјата, преку модернизација и европеизација на изборната регулатива. Во овој момент многу позначајна е измената на изборната регулатива во насока на воведување една изборна единица со природен изборен праг, кој ќе биде одреден со одзивот на граѓаните и политичката понуда, а не со партиско-политички притисок. Во наредната фаза, по еден или два изборни циклуси со една изборна единица, веќе може да се премине и на отворени изборни листи, кои, секако, првично ќе придонесат за унапредување на внатрепартиската демократија и ќе го подигнат квалитетот на избраните пратеници – смета Петар Богојевски од Македонски концепт.
Покрај овие измени на Изборниот законик, во смисла на воведување една изборна единица и отворени изборни листи, Богојевски смета дека не треба да се застане таму. За него најважно е да се намали бројот на пратениците во македонското собрание, од 120 барем на 80. Според бројот на население и во услови на висок тренд на иселување, тој проценува дека бројката од 120 парламентарци за Македонија е преголема и прескапа за одржување.
– Секако, за намалување на бројот на пратениците во Собранието е потребна промена на Уставот. Но евентуалното отворање на Уставот за намалување на бројот на пратеници може да се искористи за засилување на неговата граѓанска димензија, односно бришење на етничките заедници од Уставот, да се забранат етничките партии и конечно да почнеме да функционираме како граѓанско општество – заклучува Петар Богојевски.