Дали е можно нашите внуци да живеат онолку добро како што се живее во некоја побогата и поразвиена држава од ЕУ? Што треба да направиме денес за нашите внуци (внуците на милениумската генерација) да останат да живеат во Македонија, а нивниот квалитет на животот да биде на исто или на слично рамниште со животот на нивните современици во развиените држави во Европа?
Денешниов есеј на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, има цел да понуди размисли за иднината на внуците на лицата што сега се приближно на возраст од дваесетина до четириесетина години…
Во денешниов текст терминот „нашите внуци“ ги означува внуците на милениумската генерација во Македонија, со други зборови, лицата родени дваесетина години пред новиот милениум, во период од раните 1980-ти до раните 2000-ти години (на англиски millennials). Денешниов есеј има цел да понуди размисли за иднината на внуците на лицата што сега се приближно на возраст од дваесетина до четириесетина години. Македонија географски се наоѓа во Европа, но не е дел од ЕУ, па затоа се наметнуваат две прашања. Дали е можно нашите внуци да живеат онолку добро како што се живее во некоја побогата и поразвиена држава од ЕУ? Што треба да направиме денес за нашите внуци (внуците на милениумската генерација) да останат да живеат во Македонија, а нивниот квалитет на животот да биде на исто или на слично рамниште со животот на нивните современици во развиените држави во Европа?
Во принцип, сè е можно, па така и Македонија да стане побогата и поразвиена држава. Тоа, според важечките и општоприфатени економски сфаќања и законитости, значи дека нашите внуци треба да остваруваат бруто-домашен производ по жител еднаков, на пример, со бруто-домашниот производ по жител на некоја поразвиена држава (или со просекот што го имаат земјите-членки на ЕУ). Но како да се дојде до тоа, ако се знае дека Македонија е сиромашна и демографски стара земја и со сѐ поизразена тенденција на иселување на младите генерации од неа, а со тоа и на одлив на млади високообразовани и талентирани луѓе, за што говорат и податоците, особено во последните неколку години, од соодветните светски институции и од реномирани светски портали. Оттука, за нашите внуци да живеат и да работат во Македонија, за да се соочиме со предизвиците на второто прашање, треба поскоро да пристапиме кон креирање и воведување мерки и политики што ќе доведат до зголемување на продуктивноста на младите, што значи, прво, да се инвестира многу повеќе во образованието и, второ, да се осмисли и овозможи нивна поголема вклученост, преку соодветни политики, во општествениот систем. Притоа, инвестирањето во образованието во Македонија треба да биде многу поголемо од инвестирањето во демографски помлади држави. За жал, во изминатите триесетина години образованието и науката во Македонија беа и се намерно и системски уништувани, па така, небулозните реформи во образованието беа и се иманентни за речиси сите влади во последните триесетина години.
Економската наука јасно укажува како да пристапиме кон справување со предизвиците што произлегуваат од двете прашања. Меѓутоа, Македонија се соочува со уште два предизвика: дали, воопшто, милениумската генерација сака да остане во Македонија и, без разлика дали одговорот на ова прашање е афирмативен или не, дали таа генерација воопшто сака да има внуци. Вториот предизвик заслужува подетален осврт, земајќи ги современите општествени, културни и демографски трендови во светот, што не е предмет на овој текст.
Останувањето на милениумската генерација во Македонија, иднината на нашите внуци, внуците на милениумската генерација, зависи барем од три фактори. Прво, таа зависи од успешно справување со основните негативни карактеристики на владеењето во Македонија: (1) отсуството на владеење на правото; (2) бескарактерноста, ароганцијата, алчноста, коруптивното однесување и криминалното поведение на политичарите; (3) безобѕирните манипулации и централното место на пропагандата и лагата, при што дури и вистината станува лага; и (4) бескрупулозноста и безобѕирноста на постапките и средствата, што се граничат со апсурд, за остварување и одржување на владеењето.
Второ, иднината на нашите внуци зависи од создавањето стратегија за национален развој, поддржана од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Но зафат од вакво значење не смее да се остави само на волјата на оние што имаат политичка моќ, туку е нужно не само да се консултира туку и да се вклучи академската и интелектуалната јавност. За жал, историјата на современата македонска држава нè учи дека исказот „поддржана од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција“ е флоскула, неостварена желба. Во Македонија, неговото „величество“ владетелот го прекинува континуитетот (со него почнува сè од почеток), а аргументите и критиките на добронамерните научни умови и познавачи што сакаат да помогнат воопшто не допираат до него. Па затоа, (1) владите не треба да изготвуваат стратегии за развој или да подготвуваат реформски документи за државата; (2) стратегиите и/или реформските документи треба да ги подготвуваат во синергија МАНУ, универзитетите и стопанските комори; и (3) владите треба да се обврзат, заради нашите внуци, да ги имплементираат така подготвените стратегии и реформи. Со други зборови, поучени од минатото, треба да се деполитизира изработката на стратегиите за развој и реформските документи, што ќе овозможи континуиран развој на Македонија.
Трето, иднината на нашите внуци зависи од Преспанската спогодба и од Договорот за добрососедство со Бугарија. Треба да ни биде јасно еднаш и засекогаш дека според ООН, термините „Македонија“ и сите нејзини деривати, што, впрочем, е предвидено со Преспанската спогодба, во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, па така, денес, за сите сме северномакедонци, а не Македонци. Меѓутоа, во секојдневна употреба, во научните дискусии, во уметничките творби, Преспанската спогодба не може да забрани и понатаму да продолжиме да зборуваме, пишуваме, пееме, цртаме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја, народ, за Македонците во Егеј и во Пирин. Но тоа конечно ќе се случи и никогаш нема да можеме да зборуваме, пишуваме, пееме, цртаме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја, народ, за Македонците во Егеј и во Пирин, или, со други зборови, Македонците ќе исчезнат засекогаш ако, само поради започнување на преговорите, се сложиме со бугарското небулозно, бесмислено, ирационално, ненаучно тврдење дека Македонците се народ без милениумски корен.
Да заклучам, иднината на нашите внуци зависи само од нас, не од ЕУ, а најмалку од датумот за почеток на пристапните преговори, па затоа треба еднаш и засекогаш да изградиме консензус околу прашањето дали сакаме нашите внуци, внуците на милениумската генерација, достоинствено да живеат и да работат во просперитетна и богата Македонија. Деновиве многу се зборува за започнување на пристапните преговори со ЕУ. Ако тоа денес или кога било во иднина се направи недостоинствено, понизно, снисходливо и Македонците исчезнат, тогаш тоа ќе значи дека нашите внуци немаат иднина. Па затоа, никогаш не заборавајте: „Вие ја држите иднината на нашите внуци во ваши раце. Тоа е вредна иднина, верувајте ми. Не уништувајте ја, заштитете ја, прегрнете ја. Еден ден ќе бидете горди на тоа, ви ветувам“. За мене и за многу други „до кај што сум ја пренесол својата љубов, / дотаму е мојата татковина. А вие, еј! / На што сте смислиле да ја сведете?!“ Ве повикувам да не ја сведете Македонија на ништовност, туку сите заедно да ја градиме иднината на нашите внуци.