Идентитетскиот геноцид е чекор повеќе од културниот геноцид, тој подразбира целосно поништување на сите духовни, национални и културни атрибути на еден народ – бришење на еден народ. Ако терминот „колективен идентитет“ вклучува културен идентитет (јазик, литература, музика, уметност, фолклор), религиозен идентитет, национален идентитет – атрибутите на македонскиот наратив, тогаш, всушност, договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ се геноцидни: овозможуваат идентитетски геноцид на Македонците
Поимите битие и Битие одиграа клучна улога во дваесеттиот век, за што треба да му благодариме на Хајдегер. За Аристотел, онтологијата – науката што се занимава со проблемот на постоење, суштествување, е првата филозофија, првиот и најзначаен дел на метафизиката. Тргнувајќи од прашањето за значењето на зборот „да се биде“, филозофите и мислителите изградија онтолошки (филозофски) систем, кој служи како основа, во повеќе од 2.000 години, на метафизичката мисла. Во македонскиот јазик, зборовите со кои се опишуваат онтолошки термини се изведуваат од два глагола, суштествува и биде, па така, зборуваме за суштествување, суштина, суштински, сушт, суштост, суштество, суштествувачко, суштествен, суштественост и битие, бит, битност.
Низ вековите, филозофите се обидуваа да го толкуваат, подобрат или оспорат овој пристап во метафизиката. Тоа го направи и Хајдегер. Потпирајќи се на редица мислители (Аристотел, Декарт, Ниче, Кјеркегор, Хусерл), Хајдегер ја истражува фундаменталната перцепција на поимот битие. Според него постојат два термина: битие и Битие. Ако сакаме да знаеме што значи постоење и која е генералната перцепција за поимот битие, треба, според Хајдегер, да започнеме од себеси, од субјектот што ги поставува сите тие прашања. Во книгата „Битие и Време“ (на германски јазик „Sein und Zeit“, на англиски јазик „Being and Time“), тој зборува за онтолошката разлика помеѓу битието и Битието. Според Хајдегер, прашањето за значењето на Битието е заборавено од западната филозофија, при што западната мисла не успеа да ја забележи онтолошката разлика меѓу двата поима, и така да го артикулира Битието токму како фундаментално битие. Тој измисли посебен збор за ова Битие што прашува, бара и се грижи. Тоа е зборот битисување (на германски Dasein), и се однесува на суштества што можат да го постават прашањето за природата на Битието, што ги прави различни од што било друго во светот. Според него, битисување е начин на живот што го делат членовите на една заедница, слично на јазикот којшто претставува заедничка форма на комуникација. За македонскиот народ битисувањето е македонизмот, македонството.
Смртта е разделба. За верниците, физичката смрт е одвојување на душата од телото, додека, пак, духовната смрт – „втората смрт“, е одвојување на душата од Бога: „… и на сите што лажат, делот им е во езерото, што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт“ (Откровение 21:8). Бог го советува Адам: „… од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (Битие 2:17) – овие зборови не се однесуваат на физичката смрт, туку, всушност, Бог зборува за духовната смрт. Таа смрт или одвојувањето (криењето) од Бога е опишано со зборовите: „И го чуја гласот на Господа Бога, кога Он одеше низ рајот во приквечерината; и се сокрија Адам и жена му“ (Битие 3:8). Пред спасението верниците се духовни мртви, „но Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нè засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживеа со Христа“ (Ефесјаните 2:4,5). Во „Светото Евангелие според Јован“, Лазар е физички мртов – „Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб“ (Јован 11:17), меѓутоа физичката смрт не значи и духовна смрт: „Тогаш Марта Му рече на Исуса: Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми…“ А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11:21,25). Освен физичката и духовната смрт, во 21 век, во демократска и праведна Европа, светот се соочи со постоење и на идентитетска смрт, поточно, бидејќи не може да се зборува за идентитетска смрт на поединец, со постоење на идентитетски геноцид на еден народ. Ако за верниците физичката смрт е разделба на душата од телото, духовната смрт разделба на душата од Бога, а идентитетскиот геноцид е разделба на народот од неговиот идентитет, тогаш за атеистите и агностиците физичката смрт е разделба на телото од овоземниот свет, додека, пак, духовната смрт се поистоветува со идентитетскиот геноцид.
Што е идентитетски геноцид? Терминот „културен геноцид“ е опишан од полскиот адвокат Рафаел Лемкин во 1944 година во книгата „Владеење на оската во окупирана Европа“, во која тој го воведе терминот геноцид, меѓутоа, во „Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид“ на ОН од 1948 година тој термин не е вклучен. Музејот на ерменскиот геноцид го дефинира културниот геноцид како „акти и мерки преземени за уништување на културата на нациите или етничките групи преку духовно, национално и културно уништување“. Идентитетскиот геноцид е чекор повеќе од културниот геноцид, тој подразбира целосно поништување на сите духовни, национални и културни атрибути на еден народ – бришење на еден народ. Ако терминот „колективен идентитет“ вклучува културен идентитет (јазик, литература, музика, уметност, фолклор), религиозен идентитет, национален идентитет – атрибутите на македонскиот наратив, тогаш, всушност, договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ се геноцидни: овозможуваат идентитетски геноцид на Македонците.
Тргнувајќи од „Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид“ (1948 година), во која се наведуваат пет „дела извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“, повикувајќи се на второто дело „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“ (цитатите се преземени од Конвенцијата) и земајќи предвид дека договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ насилно ги ревидираат македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, притоа предизвикувајќи сериозни ментални повреди: „трансгенерациска колективна траума“ (Елеонора Серафимовска, Маријана Марковиќ) или „идентитетска траума“, за што ќе пишувам во наредниот саботен број на „Нова Македонија, а сите сериозни ментални повреди предизвикуваат и сериозни телесни повреди, прашањето дали во Македонија е извршен геноцид (културен, етнички, идентитетски или само геноцид) е излишно – ние ја знаеме вистината и бевме (и сѐ уште сме) сведоци на извршениот геноцид. Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ се дела што го прават токму тоа: целосно бришење на постоењето на македонскиот народ. Притоа би сакал да подвлечам една клучна карактеристика на идентитетскиот геноцид: голем број геноциди во 20 и 21 век – делата за кои пишував во повеќе наврати, на пример, геноцидот на Ерменците, холокаустот, геноцидот во Руанда, геноцидот во Сребреница и геноцидот на Палестинците – сите манифестираат делумно уништување на еден народ. За идентитетскиот геноцид тоа е невозможно: идентитетскиот геноцид подразбира целосно уништување на еден народ. Трагедијата на македонскиот народ, од една страна, е тоа што владите на Македонија упорно и здружно ја поддржуваат намерата за идентитетски геноцид на македонскиот народ, меѓутоа, од друга страна, и тоа треба да се каже јасно и отворено, започнувањето на преговорите со ЕУ без поништување на договорите со Грција и со Бугарија, всушност, значи започнување со реализирање на намерата за идентитетски геноцид на македонскиот народ.
Односот помеѓу свесноста за смртта и водењето исполнет живот е една од централните теми на многу мислители. Според Хајдегер, свесноста за нашата неизбежна смрт нè тера, за разлика од другите битија, да го направиме нашиот живот исполнет, да му припишеме значење и вредност.
Слично, за повеќето источни филозофски традиции, важноста на свеста за смртта е главен предуслов за исполнет живот. Последните зборови на еден од најголемите филозофи на Истокот, Сидарта Гаутама, познат и како Буда, според Томас Вилијам Рис Дејвис, еден од првите преведувачи на раните будистички текстови, се (во мој слободен превод): „Распаѓањето е својствено за сите нешта направени од делови (компоненти)! Изработете го вашето спасение со внимателност и трудољубивост“. Свеста за физичката смрт може да нè поттикне да го бараме значењето на нашето живеење. Свеста за идентитетскиот геноцид не треба да нè поттикне да го бараме значењето на нашето постоење: значењето на нашето постоење недвосмислено е македонството – заучување на македонскиот идентитет. Всушност, парафразирајќи го Блаже Конески, името Македонија е „нашата единствена татковина“. Оттука, првиот чекор во третирањето на колективната траума е поништување на Договорот со Бугарија, што ќе овозможи да почне процесот на заздравување, ќе овозможи ослободување на човечките потенцијали (заробени од траумата) и ќе предизвика научен, културен, политички и економски раст на Македонија.