Предизборието – поле за ширење и дефетистички пораки од разни групи во земјава
Одредени интелектуалци, поранешни носители на високи државни функции, неколкупрофесори и умислени општествени активисти, собрани во една поширока група, во последно време се ангажирани да шират наратив во јавноста дека уставните измени вакви какви што се испорачани се неопходни и дека која било следна влада мора веднаш да го затвори тоа прашање по секоја цена. Приказната што ја лиферува оваа лоби-група е дека Македонија нема капацитет сама да ги гради сопствените институции, туку се залага по линија на помал отпор, беспоговорно, да се прифати сѐ што веќе е на масата, односно целиот француски пакет спакуван вешто во Софија, без каков било обид да се издејствува некаков реципроцитет. Тие поентираат со едно апокалиптично тврдење, кое има и вкус на закана, имено дека сѐ што е различно од нивните проекции води кон т.н. „украинско сценарио“…
Како што наближуваат изборите, така сѐ повеќе се заострува наративот меѓу политичките опоненти, кои очигледно не избираат начини како да ги привлечат граѓаните кон својата политичка опција, притоа употребувајќи ги и најцрните можни сценарија за да ги заплашат граѓаните, говорејќи дури и за некакво украинско сценарио во Македонија и можна интервенција на НАТО-силите.
Одредени интелектуалци, поранешни носители на високи државни функции, неколку професори и умислени општествени активисти, собрани во една поширока група, во последно време се ангажирани да шират наратив во јавноста дека уставните измени вакви какви што се испорачани се неопходни и дека која било следна влада мора веднаш да го затвори тоа прашање по секоја цена.
Сервилен начин на размислување
Приказната што ја лиферува оваа лоби-група е дека Македонија нема капацитет сама да ги гради сопствените институции, туку се залага по линија на помал отпор, беспоговорно, да се прифати сѐ што веќе е на масата, односно целиот француски пакет спакуван вешто во Софија, без каков било обид да се издејствува некаков реципроцитет.
Секојдневните сцени пред шалтерите за замена на личните документи говорат што значи кога по линија на помал отпор се прифаќаат предлозите што ги нуди меѓународната заедница преку онаа фамозна Преспанска спогодба, ставајќи ги македонските граѓани во еден вид европски затвор по 12 февруари.
Одејќи по логиката на оваа влијателна група, Македонија де факто треба да го подари сопствениот суверенитет, да се откаже од националните интереси, да го занемари идентитетот, да не плаче постојано над својата историја, туку да ја прифати суровата реалност доколку сака да чекори по патот на евроинтеграциите ако сака да биде дел од западниот свет. Сѐ што е различно од нивните проекции води кон некакво „украинско сценарио“ според кое населението во земјава ќе се подели, при што не се исклучуваат и можни насилства, а во неможност државата сама да превенира внатрешни судири, ќе доведе до интервенција на НАТО и стабилизирање на внатрешната состојба на земјата, со единствен изговор да се спречи пробив на влијанијата од Истокот.
За дел од политичките аналитичари и добри познавачи на внатрешнополитичките односи, ваквите тези и црни сценарија имаат само една цел, да се заплашат граѓаните во пресрет на изборите, но, што е уште пострашно, преку заплашување се загрозува и слободната волја на граѓаните да го избираат она што сметаат дека е најдобро за нив.
– Несомнено во државата постои наратив дека ние самите ништо не можеме, дека ни е потребен камшикар од ЕУ и дека она што од нас го бараат Брисел и Вашингтон мора да се прифаќа, оти, како што велат, било за наше добро. Понатаму овие луѓе ги шират и тезите дека во главите на македонските граѓани постои погрешна перцепција дека Македонија е постојано обесправена, наведувајќи дека сите земји имаат свои проблеми, заборавајќи притоа да споменат дека ниту една земја не се соочува со идентитетски и негаторски закани. Едно е да имаш нерешен граничен спор, или проблеми со нечии малцински права, но друго е некој да ти каже дека не си Македонец, дека не постоиш пред 1944 година, дека немаш свој јазик, свој корен и дека си украл нечија историја. Истите тие релативизатори одработуваат така што ги плашат граѓаните, ако му се спротивставите на Западот, ќе ве нема, ќе има војна, НАТО-интервенција и слично. Тоа се опасни тези – велат соговорниците.
Западот сака кредибилен партнер, а не понизни слуги
Според нив, со ширењето на ваквото малодушно, дефетистичко сценарио, всушност намерно се предизвикуваат страв и паника меѓу граѓаните ако се одлучат за опција што е поинаква од онаа што тие ја заговараат.
– Сите македонски граѓани, или најголем дел, се за членство на земјава во НАТО и во ЕУ. Разликата е во тоа што некој сака да го изоди тој пат гордо и достоинствено, а некој сака по линија на помал отпор да прифаќа сѐ што ќе му се диктира, небаре побрзо ќе се зачлениме во ЕУ. Разликата е во тоа што сервилниот однос ја става државата во уште поподредена улога, никој да не ја цени, туку постојано да испорачува нови и нови барања, бидејќи сите знаат дека попуштаме за сѐ. Нашиот пристап треба да биде прагматичен, да ги изградиме институциите што веќе се разградени, да воспоставиме владеење на правото, да удриме по корупцијата, да поставиме добар здравствен и образовен систем. Брисел веднаш ќе ни помогне ако почнеме да го правиме тоа, наместо да кукаме дека не можеме сами. Ако некој не може сам, нека не се плетка, нека ги остави тие што можат да работат. А има многу што можат, ама од балансери и бадентери не можат да дојдат на ред – истакнуваат соговорниците.
За нив клучно е да се направи внатрешна општествена кохезија, а ваквите пропагаторски групи само дополнително ја поткопуваат шансата за обединување и заштита на националните интереси.
– Нема празник или настан на кој функционерите не повикуваат на обединување. Обединување може да се случи ако сите се согласиме дека сакаме да си ја спасиме државата така што повторно ќе ги изградиме нејзините институции, но врз здрава основа. Треба да побараме помош од ЕУ и од САД за таа работа, но за да ни помогнат, треба да почнеме нешто и сами да работиме. Повеќето европски и американски претставници постојано ни кажуваат дека тука истуриле еден куп пари, а резултати во делот на реформите нема. Значи, не е добро да се шири демагогија од типот дека ако малку повеќе инсистираме на изградба на својата држава и ако малку повеќе се бориме за националните интереси, тогаш сме националисти и му се противиме на Западот. Западот сака карактерни партнери, а не безрбетници. Ако јасно кажеме што сакаме, а дома работиме на реформите, тогаш за сѐ ќе се најде решение, било да станува збор за уставните измени или за некои други прашања. Никој никого не треба да заплашува и да му говори дека историјата не е важна, да заборавиме на неа и да гледаме напред. Историјата е важна за да креираме подобра иднина, но и да не заборавиме кои сме и од каде сме. Тоа на многумина овде очигледно не им е свето, посвети им се некои други, минливи работи – заклучуваат соговорниците.