Најавеното пензионирање на голем број вработени сериозно ќе ја погоди Клиничката болница во Битола, која поради наглото заминување на речиси една цела генерација квалитетни и искусни лекари и медицински работници што во изминатите децении се потврдиле со своето работење и знаење, останува буквално без медицински кадар. Ова е своевиден болен феномен, за кој констатиравме дека го загрижува македонското јавно здравство – истите симптоми се присутни во повеќе градови, а овој пат направивме пресек на состојбите во Битола
Дали масовното заминување на медицинскиот персонал од Клиничката
болница во Битола е болка на целото
јавно здравство
Звучи фантазмагорично, но реалноста е дека во Битола, освен пациентите, сега и лекарите се прашуваат кој ќе ги лекува нив?! Ваквата дилема се наметнува по сознанието и информацијата дека во наредните неколку дена, Клиничката болница во Битола ќе остане без шеесетина вработени. Имено, првенствено доктори, но и друг медицински персонал, масовно заминуваат во пензија.
Клинички центар без неопходен персонал
Една цела генерација медицински лица, пред сѐ лекари и медицински сестри, родени во 1955 година, ги исполнија условите за пензија и по сила на Законот мора да се пензионираат. Во пензија деновиве заминуваат и вработените во Клиничката болница што го искористија правото три години да си го продолжат работниот стаж и, наместо да се пензионираат на 64 (мажите) или 62 (жените), работеа до 67 или 65 години. Со измените на Законот за пензионирање до 64 години за мажите и 62 за жените, голем број вработени лекари, медицински сестри и друг помошен медицински персонал ги исполнија условите за пензија и ќе бидат пензионирани.
Состојбата е навистина лоша. Со оглед на тоа што од неодамна сум назначен за директор на Клиничката болница, во моментов ја немам прецизната бројка колку точно вработени лекари и друг медицински персонал по сила на законот заминале или ќе мора да одат на пензија. Но, според информациите што јас ги имам, мислам дека околу шеесет вработени ќе заминат на пензија. Од нив, колку што сум информиран, речиси половината се лекари, а преостанатите се друг медицински персонал. Но тоа е тоа, ќе мора да се снаоѓаме и да ги пополниме нивните места – вели в.д. директорот на Клиничката болница во Битола, Александар Обедниковски, кој на оваа функција е од неодамна.
Пензионирањето на медицинскиот персонал најмногу ќе го почувствуваат некои служби што ќе останат без ниеден или само со еден специјалист, па во таква ситуација се доведува во прашање опстанокот на некои служби во болницата. Најсериозна е состојбата во Службата за ургентна медицина, на која поради немање специјалистички кадар ѝ се заканува затворање, затоа што сегашниот началник ги исполни условите за пензија и со 67 години мораше да се пензионира.
Мошне тешка е состојбата и во Инфективното одделение, во Ортопедија, во Службата за физикална медицина, во Пулмологија… Но ништо не е подобра состојбата и во другите одделенија, кои се среќаваат со недостиг од кадар и медицински персонал.
На тој начин, најавеното пензионирање на голем број вработени сериозно ќе ја погоди Клиничката болница во Битола, која поради наглото заминување на речиси една цела генерација квалитетни и искусни лекари и медицински работници, кои во изминатите децении се потврдиле со своето работење и знаење, останува буквално без медицински кадар.
Трендот на заминување медицински персонал во странство е посебна болка
Оттаму, сега, покрај пациентите, и самите лекари што заминуваат во пензија се загрижени и се прашуваат кој ќе ги лекува не само граѓаните на Битола туку и нив, бидејќи Клиничката болница веќе подолг период хронично страда од немање соодветен медицински кадар.
– Ние сега очекуваме од Министерството за здравство и финансии да ни одобрат средства за вработување млади лекари и друг медицински персонал. Барањата се веќе доставени и очекуваме одговор. Дотогаш ќе се снаоѓаме со преостанатите кадри што ги имаме на располагање и со кои ќе се обидеме со прераспределба да ги пополниме најкритичните испразнети места. Очекуваме во наредниот период да распишеме огласи за прием на млади лекари и да ги пополниме испразнетите места – вели Обедниковски.
Таква е сликата од Клиничката болница во Битола, а според нашите сознанија, ништо не е подобра состојбата и во другите градови во државата, каде што недостигот не само од доктори туку од севкупен медицински кадар веќе подолго време е рак-рана за македонското здравство.
– Медицинскиот кадар не се создава брзо и прекуноќ. Потребни се години за да се образова еден лекар од општа практика, а за специјалист требаат некогаш уште најмалку четири-пет години. Ние имаме околу дваесет млади лекари што се на специјализација. Но за да можеме да сметаме на нив, треба да поминат уште неколку години. Првите што можеме најрано да ги вработиме во Битола се по две години. А дотогаш треба болницата да работи и да ги лекува болните – вели Обедниковски.
Покрај селективната политика за давање специјализации, битолското здравство се среќава и со проблемот на заминување медицински персонал во странство, пред сѐ во Германија, но и во Швајцарија, скандинавските земји, Хрватска, Словенија… Засега Клиничката болница во Битола нема точни информации колку лекари или медицински сестри заминале на работа во странство. Но нивниот број не е мал.
Со проблемот со недостиг од кадар се среќаваат и матичните лекари, кои тешко можат да ги задржат вработените сестри или млади лекари. Истиот проблем го имаат и приватните клиники, кои се принудени наместо млади и стручни кадри, да вработуваат веќе пензионирани лекари и медицински лица. Така, според информациите од медицинските кругови, голем број лекари и друг медицински персонал од Клиничката болница заминуваат во приватното здравство.
Она, пак, што особено загрижува е сознанието дека голем број млади лекари не само од Клиничката болница туку и од матичните лекари, како и од другите здравствени установи, посетуваат курсеви за странски јазици, што значи дека и тие не ја гледаат иднината тука, во Македонија.
Како и да е, проблемот со недостиг од медицински кадар бара ургентно решавање, зашто, во спротивно, во прашање се доведува лекувањето на луѓето што цел живот издвојувале придонеси за здравство, а сега, поради низа фактори што се надоврзуваат и акумулираат, предизвикува недостиг од специјалистички кадри во јавното здравство, со опасност да колабира јавното здравство од сериозен недостиг од кадри. По сѐ изгледа Клиничката болница во Битола е болка и огледало на целото јавно здравство. Нашите соговорници од Клиничкиот центар во Битола нѐ упатуваат до нивните колеги во повеќе градови низ земјава за, според нив, да го констатираме истиот феномен и да го образложиме како „генерален проблем што бара итно решавање“.