Фото: Маја Јаневска-Илиева

И додека во европски и светски рамки постојат јасни правила како се заштитува интелектуалната сопственост, при што се предвидени и строги казни за прекршителите, кај нас се чини недоволно се грижиме да го заштитиме сето она што е наше македонско и носи белег и идентитетски код на Македонија како држава. По атаките врз идентитетот, името, историјата, јазикот, дали сега на ред дојде и македонската интелектуална сопственост? Македонија има стратегија за интелектуална сопственост, направена по барање на Заводот за индустриска сопственост, но таа сѐ уште не е донесена, иако ЕУ одамна ја усвои. И ја испрати…

ДЕНЕШНИОТ СВЕТСКИ ДЕН НА ИНТЕЛЕКТУАЛНАТА СОПСТВЕНОСТ КАКО ПОВОД

Денеска (26 април) е Светскиот ден на интелектуалната сопственост, настан што се одбележува во целиот свет од 2020 година, признаен и од Обединетите нации. Целта е да се фрли нова светлина за значењето на интелектуалната сопственост, каде што спаѓаат авторските права, патентите, иновациите, музичкото творештво, литература, уметност, дизајни… со еден збор повеќе видови умствена активност за кои се признаваат посебни права и за кои постои законска регулатива. И додека во европски и светски рамки постојат јасни правила како се заштитува интелектуалната сопственост, при што се предвидени и строги казни за прекршителите, кај нас се чини недоволно (и институционално и индивидуално) се грижиме да го заштитиме она што е наше македонско и носи белег и идентитетски код на Македонија како држава.

Како дозволуваме интелектуалната сопственост да еродира

Нашиот весник во неколку наврати пишуваше и предупредуваше на опасноста значајни историски авторски материјали, аудиозаписи, видеоленти што се чуваат во архивата на МРТ да станат неупотребливи доколку не се дигитализираат. Истото тоа се однесува и за фонотеката и нототеката, која е белег на македонската музичка историја низ годините и пропаѓа пред наши очи, бидејќи нема пари да се заврши тој проект.
Во меѓувреме не запираат обидите од соседството да се посега по сѐ што е македонско, да се присвојува македонското народно творештво, македонски песни да се препеваат и припишуваат како бугарски итн. Така, во последно време имаше и чести случаи на социјалните мрежи да се појавуваат снимки од бугарски политичари како пеат македонски песни за кои тврдат дека се бугарски, со што продолжуваат провокациите и асимилаторската политика кон нашата земја и нашето творештво.
Македонското музичко и литературно творештво, кое спаѓа во делот на интелектуалната сопственост, и во минатото и сега, било и останува силно оружје за одбрана на македонскиот јазик, идентитет и посебност како нација и држава. Зашто македонските автори преку пишаниот збор или музичкиот запис настојувале, меѓу другото, да ги изразат и своите национални чувства како Македонци. Денес и ова интелектуално творештво е подложно на обиди за присвојување и атака од соседството. Соседна Бугарија веќе присвои голем дел од македонските изворни песни, а оваа практика ја продолжува и со новосоздадените македонски песни.
Познати македонски изведувачи повеќепати реагираат дека се крадат и присвојуваат македонски песни од страна на бугарски изведувачи.
– Оштетен сум со две песни што се препеани на бугарски. Има и редица други пејачи откај нас, така е случајот со една патриотска песна што ја пееше Војо Стојановски, тие ја препеале. Потребно е да се разговара на ниво на министерства и да се најде решение. Бугарија е држава од ЕУ, треба да функционира правото таму. Има редица песни што се украдени и се препеани на бугарски и никому ништо – предупреди интерпретаторот Ефто Пупиновски.
И неговиот колега Наум Петрески вели дека му се препеани 100 песни и дека на тој начин се прави обид да се брише сè што е македонско. По атаките врз идентитетот, името, историјата, јазикот, дали сега на ред дојде и македонската интелектуална сопственост.
Практичарите што се вклучени во постапките за пријавување повреда на интелектуална сопственост честопати ја наведуваат бавноста на институциите, пред сè судските органи, во навремената заштита и намалувањето на штетата што ја трпат носителите на интелектуални права… Тоа се должи како на целокупната поставеност на правосудниот систем и постапките, така и на човечките капацитети, односно малиот број судии што се специјализирани во областа, велат упатените во оваа проблематика.

Регулативата ни е застарена

За тоа какви се состојбите во однос на интелектуалната сопственост во Македонија се обративме и до адвокатската канцеларија „Пепељуговски“. Оттаму велат дека законската регулатива веќе не ни е усогласена со таа на Европската Унија, односно имаме регулатива што е застарена и речиси сите закони треба да се менуваат.
– Немаме донесено закон за трговски тајни, односно за деловни тајни, нема закон за ноу-хау итн. Порано регулативата беше во ред, но во практиката постапките траеја долго, имаше случаи на висока стапка на пиратство. Сега стапката на пиратство е драстично помала, но регулативата не е усогласена и се чувствува недоволен капацитет во институциите. Во секторот за авторско право во културата има само еден вработен, во Заводот за индустриска сопственост замина една цела генерации во пензија, не се примаат стручни луѓе – велат од „Пепељуговски“.
Оттаму уште посочуваат дека Македонија има стратегија за интелектуална сопственост, направена по барање на Заводот за индустриска сопственост, но таа сѐ уште не е донесена иако ЕУ ја усвои и ја испрати.
Инаку, стратегијата се однесува за периодот 2022 – 2026 и требаше досега да се донесе.
На прашањето дали има реакции од македонски граѓани за повреда на првата од областа на интелектуалната сопственост, одговорот е дека нашите граѓани како да немаат желба да се заштитуваат.
– Има реакции, но луѓето во Македонија не сакаат тука да се заштитуваат. Тоа се индивидуални права, треба да најдете тамошен адвокат и да се впуштите во тоа. Странците повеќе се јавуваат доколку забележат некаква повреда на права од интелектуална сопственост. Сме имале ситуација за неовластено користена фотографија, од еден наш портал, да се јави германски адвокат, кој бараше да се плати. Странците си ги бараат правата, а нашите автори и поединци како да не се заинтересирани или сметаат дека некој друг треба да ги брани – велат од адвокатската канцеларија „Пепељуговски“.
Инаку, според истражувањата во рамките на Европската Унија, секторите во кои има интензивна потреба од заштита на интелектуалните права придонесуваат за 42 отсто од БДП и 38 отсто од вработувањата на ниво на ЕУ. Како резултат на тоа, во текот на последната деценија ЕУ презеде иницијатива за создавање т.н. единствен пазар на правата од интелектуална сопственост, што претставува процес на хармонизација и поедноставување на постапките за заштита на правата на паневропско ниво. За Македонија усогласувањето со политиките на ЕУ во однос на заштитата на правата од интелектуална сопственост е предмет на пристапното поглавје 7.

[email protected]