За народните херои на Македонија
Денес пишувам за народните херои на Македонија и нивниот хероизам. Поводот е 80 години од херојското загинување на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош. Да се пишува за хероизмот е нешто многу поинаку, многу посложено и потешко од што било и да е друго во животот. Хероизмот најчесто е една голема смрт. Смрт што значи живот. Во случајот на Македонија, тоа е слобода и живот, платени со пролеана крв и положени млади животи. Но, со нив, со народните херои на Македонија ние сме поголеми од самите себе колку за едно траење помножено со сета синевина на небесната шир. Нивните дадени животи се одблесок како факели среде привиден безизлез. Факели што говорат дека за вистината, за правдата, за слободата, безизлез нема. Херојството е во чинот. Чинот на жртвување. Но херојството е и во свеста за него. Тоа е морална категорија. Морален чин. Висок изблик на тој чин. Моралот е тука сѐ. И целовитоста на човекот. Човекот херој. Такви херои, кои верувале во ѕвезден миг, во Народноослободителната војна, одважно оделе кон смртта и не се плашеле. Јуришале против фашистичкиот окупатор (германски, бугарски, италијански), се бореле со него и храбро гинеле.
Такви беа Перо Георгиев–Чичо, Боро Менков, Бајрам Шабани и други знајни и незнајни борци и партизани, кои во 1941 година меѓу првите загинале во борбите со бугарскиот окупатор во Куманово и Кумановско. По нив долги сончеви стапки кон слободата направија Орце Николов, Борка Талески-Модерното, Таки Даскалот, Елпида Караманди, Цветан Димов, Васил Антевски-Дрен, Мите Богоевски, Стефан Наумов-Стив, Невена Георгиева-Дуња и други, кои во 1942г. ги положија своите животи. Во наредната година за човечки правдини паднаа Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Раде Јовчевски-Корчагин, Илија Антевски-Смок, Ванчо Прке… Загинаа за правдини што еднаш мораа да дојдат, што едноставно не можеа, а да не дојдат. Правдини и слобода „Над полиња и над гори, над планини и над реки, над мојата Татковина…“, како што пророкуваше народниот поет Коста Рацин. И тие жртви и загуби не беа доволни, па во 1944 г. Македонија ги изгуби и Христијан Тодоровски-Карпош, Кузман Јосифовски-Питу, Вера Циривири-Трена, Славчо Стојменски, Благој Јанков-Мучето… и околу 24.000 знајни и незнајни чеда на Македонија. Но тие не паднаа залудно, бидејќи нивните соборци, набргу по нивната смрт, ја извојуваа слободата. Затоа тие, заедно со соборците, живи и загинати, знајни и незнајни, се оние подобрите, најсветлите од тој крвав, ама победнички бој. Победоносен бој извојуван од тој нов револуционерен бран, од таа револуционерна млада генерација.
Сите тие беа новата плејада имиња под знамето на Гоце Делчев и илинденците. Млади ластари што: се напојуваа од Питу Гули, дружината и нивната бесмртност, која сѐ уште е жива на Мечкин Камен; сите до еден профили на една расудочна храброст, инспирирани од разумот на револуционерна Македонија – Ѓорче Петров; вдахновена од упорноста на пиринскиот цар – Јане Сандански; поведени од цврстината и одлучноста на бунтовникот против „Господата и Отоманската Империја“ – Даме Груев; соочени со совеста на револуционерна Македонија – Пере Тошев; и охрабрени од визионерот на вториот Илинден – Димо Хаџи Димов. Сите тие го знаеја чинот на Ножот и саможртвата на војводата Христо Узунов.
И, секако, беа и се наследници на Орцето Попјорданов, младичот, водач на солунските атентатори, тој одважен син на мајка Македонија, кој во една револуционерна пролет во илјада деветстотини и третата ја стресе цела Европа, со својата и на другарите атентатори, дрскост, храброст и бесповратна саможртва. Тие со личен пример покажаа дека низ борбата се открива нов секогаш недоволно согледан свет околу себе и самиот себе во мигот, во утрешнината, во иднината. Тој нов свет е денешниот во кој ние живееме и ја славиме слободата што тие ни ја донесоа, го чествуваме нивното херојско дело и им се поклонуваме. Од нив сме заветувани да го чуваме тоа револуционерно азно и непроценливо борбено и слободарско наследство – Слобода и Државност.
Овие народни херои ги идентификуваа своите животи и умирања со една историја. Херојска историја. Македонска историја, преполна со херојства, во миговите кога таа борба не можеше да биде премолчена. Ниту пак негирана. Тоа беа хероите, официјално прогласени, но и официјално непрогласени – во едно херојско време на македонскиот народ. И денес, не смееме ништо од ова да премолчуваме. Знаеме, ама и другите да знаат: само молчењето е срамно! А негирањето на овие големи жртви и загубени млади животи е апсурдно, мизерно и бедно. Затоа, на народните херои, славата да им биде вечна! А нам – нивната поука, пример и порака! Хероизмот на народните херои го паметиме вечно.
Христијан Тодоровски-Карпош е народен херој од Куманово. Македонски комунист и истакнат партизански борец од НОБ. Потекнува од сиромашно семејство. Од детството нема убави спомени. Родители сиромашни, трпеза празна, облека скудна, ама издржал. Како ученик во кумановската гимназија – бунтовен. Поради бунтовноста, прогресивните идеи и „противдржавната дејност“, како ученик од седми клас е исклучен од гимназијата, без право на упис во ниедна школа во тогашна Југославија.
Од тогаш тој е член на една друга гимназија – СКОЈ. Таму созрева, така што растура летоци, билтенот „Дедо Иван“, кој ќе прерасне во весник на градската партизанска организација. Власта се сменува, кралот заминува, доаѓаат царборисовите „братја освободители“, ама тиранијата и гнетот остануваат. Христијан е немирен, место не го држи. Се бунтува против тиранијата и неправдата, се бори против социјалната потлаченост на работниците, младите… Со своите другари скоевци тој собира оружје и муниција. Испукан е првиот партизански куршум на 11 октомври 1941 г., на најцрвениот ден во македонската историја, и Христијан станува партизан во Козјачкиот одред.
Од тој ден почнува да се ткае една жива легенда од огнени слогови: „На јуриш“, „Напред“. „Напред, во бој“… Трнливи и нерамни се партизанските патишта на младиот Карпош. Одредот е разбиен, ама срцето на херојот не. Карпош не му се подава лесно на првото разочарување и очајот. Тој не знае да отстапува. Срцето му крвави од болка, за паднатите соборци, но таа болка и го мотивира, го напојува со желба и жед за одмазда спрема фашистите, окупаторите и народните непријатели и предавници. Тој е со народот и знае дека тој е на страната на правдата. А за правдата и слободата треба да се војува. Смело и бескомпромисно. Самопрегорно и со многу жртви.
Но Карпош е роден да биде бескомпромисен борец и дисциплиниран војник. Тоа и станува. Слободарската крв во него, крвта во неговите жили е проточена од дамнешниот Карпош војвода од 1689 година. Привремено го напушта Куманово со осум соборци. Првата задача им е да ја запалат општинската зграда во Младо Негоричани. Тоа и го прават и се борат со дваесетина полицајци, добро наоружани. Следуваат успешни акции во Сув Орев, Орашац, Шоп, Рударе, Катабичане, Пелинце. Потоа доаѓаат борбите во Драгоманце, Мгленце, Дренак и Жегљан. Карпош вешто ги организира акциите, добро ја проценува ситуацијата и нападите секогаш му се победоносни.
Неговата најголема битка ќе биде во Биљача на 7 февруари 1944 година, каде што, за жал, и храбро ќе загине. Тоа била волчја зима со дебел снег што фатил мразна кора. Во битка со стотина бугарски фашисти, контрачетници, народни предавници, колачи и крвопијци, фрлајќи мини по непријателот, тој е смртно прострелан со повеќе куршуми и изговара „Ме погодија гадови…“. Му притрчуваат неколку соборци, му помага и санитарката Бранка, ама сѐ е попусто.
Тагува и плаче селото Биљача. Тагуваат козјачките села за својот најдобар син. Плачат партизаните за својот храбар соборец и командант. Поетот со еден стих ќе ја каже вистината за легендарниот козјачки партизански командант „Пламен е Карпош, век не го држи“. Соборците го опишуваат како црномурест, со црни очи, од кои искреше брз и пробивен поглед. Бил необично снаодлив, храбар, упорен и доследен во извршувањето на акциите. Строг, но правичен воен и политички раководител. Вистински младинец, скоевец и делегат на Првиот конгрес на НОМСМ.
Христијан Тодоровски-Карпош во текот на целиот свој живот беше запален факел. Факел на светлина, борба и слобода. Своите најсветли мигови ги доживеа на падините на Руен Планина.
Но Карпош не е мртов. Тој и денес живее таму, на Руен, како вечен стражар на денешната слобода. Стражар на македонската државност. И тука, во Куманово, во Македонија, легендарниот Карпош е жив. Во индивидуалната меморија на секој од нас и во колективната меморија на Куманово и Македонија. Живее и во песните испеани во негова чест „Битка се бие кумановско поле“, „Давај ме, мил мамо, давај ме“, „Горо ле, горо зелена“ и „Ко челик сме ние“ (Марш на Третата македонска бригада. За народен херој е прогласен на 29 декември 1945 година. Живее Карпош меѓу нас и во нас.
Сотир Костов