Вредноста што им ја придаваме на нештата честопати ја одредува окото на набљудувачот или во прашање е општествен договор. Уметноста од секаков вид вреди онолку колку што луѓето се подготвени да платат за неа и често станува статусен симбол. Трендот што ги обележи последните неколку години и кој е сѐ поприсутен е инвестицијата во дигиталната уметност НФТ, која претставува нов пазар и за уметниците и за колекционерите.
Така, најскапата слика во светот, „Салватор мунди“ (Спасител на светот), која му се припишува на Леонардо да Винчи, не престанува да биде во центарот на вниманието. Контроверзното дело, кое некои го сметаат за дело на ренесансниот гениј, а за други е чист фалсификат, продадено во 2017 година од аукциската куќа „Кристис“ во Њујорк за рекордни 450,3 милиони долари на саудискиот принц Мохамед бин Салман – највисоката цена платена на аукција – стана НФТ, пишува „Арт њузпејпер“.
Станува збор за проектот „Елмон икс“, платформа за дигитални средства во соработка со меѓународната компанија за лиценцирање слики „Бриџмен имиџис“.
НФТ или незаменливи токени се единствени дигитални средства што не можат да се заменат. Тие се дел од технологијата наречена блокчејн, глобална база на податоци преку интернет. Во некои случаи имаат неверојатно висока вредност. Колекционерите инвестираат во нив на ист начин како и во физичките предмети. Бидејќи постојат уникатни уметнички дела што им го привлекуваат вниманието на колекционерите, незаменливите токени се најновиот начин за трговија со колекционерски предмети и опфаќаат уметнички форми што се движат од дигитална уметност и анимација до музика и виртуелни простори. Во суштина, сè што може да добие одредена вредност и што може да се складира во дигитална форма може да се продава и како НФТ.
„Спасителот на светот“ на Леонардо да Винчи прикажува долгокос маж со брада како во левата рака држи кристална топка, а десната ја подига во знак на благослов. Во мај 2008 г. експертите ја идентификуваа како изгубено ремек-дело на Леонардо да Винчи, настанато во периодот од 1506 до 1513 година. Три години подоцна, реставрираниот портрет на Христос првпат е изложен на историската изложба на Да Винчи во лондонската национална галерија. Публиката можеше да го види и во Хонгконг, Сан Франциско и во Њујорк. Идентитетот на сопственикот не е откриен, но се претпоставува дека тоа е саудискиот принц Бадер бин Абдулах бин Мухамед бин Фархан ал Сауд.
Меѓу најголемите контроверзии е дека портретот воопшто не е дело на големиот ренесансен сликар или барем не целосно. Некои веруваат дека е дело на неговите соработници, а дека мајсторот учествувал само 20 отсто во работата. Освен проблемот со авторството, проблематична е и состојбата во која се наоѓа делото. Некои сметаат дека делото е премногу реставрирано со претерано чистење и ставање премногу слоеви боја, односно дека сликата изгледа сосема поинаку од нереставрираната верзија. Наместо приказ на Христос со малку коса и оштетен вид, на рестварираната верзија тој изгледа „мазно и хармонично и анатомски прецизно“.
– Тоа лице е сосема различно од замаглената верзија на сликата. Лузните на времето се видливи, но исто така видлива е и убавината на младиот Христос. Изгледа како андрогините долгокоси модели, какви што Леонардо сакал да ги портретира и со какви што бил опкружен во своето ателје – наведуваат светските медиуми.
Кустосот на одделот за цртежи на Да Винчи во Кралската библиотека, Мартин Клејтон, смета дека реставрацијата го нарушила квалитетот на лицето на Исус и дека делото затоа ја загубило „Леонардовата чистота“. До денес откритието на непознатата Леонардова слика се чини невозможно, сликарот не бил особено плоден, а од малобројните дела што не се изгубени или уништени денес се зачувани само дваесетина.
Претходните НФТ-дела произведени како дел од партнерството на „Елмон икс“ и „Бриџмен имиџис“ ги вклучуваат: „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи (1503), „Ѕвездена ноќ“ на Ван Гог (1889), „Мислителот“ на Огист Роден (1904) и „Галебот“ на Клод Моне (1907). Според веб-страницата на „Елмон икс“, „Мона Лиза“ се продала во 330 примероци по цена од 150.000 фунти.
Сепак, пазарот за НФТ сè уште флуктуира. Во втората половина на минатата година, глобалната продажба на НФТ забележа пад од 83 отсто.