Во јануари 1911 година, Бирото за имиграција на САД ангажирало дополнителни преведувачи од вкупно 36 јазици. Она што е од исклучително значење е дека меѓу нив се наоѓа и еден преведувач од македонски јазик, пет од бугарски јазик, осум од грчки јазик, шест од турски и шест од српски јазик. На тој начин, американската администрација, која важела (и важи до денес) за исклучително практична, ја препознала потребата за ангажирање посебен преведувач од македонски јазик, покрај преведувачите од бугарски, српски, грчки и од турски јазик
Првите Македонци „на вратите на Америка“, нивната самоидентификација и
идентификацијата на Македонците
од страна на американските власти
Во периодот по Граѓанската војна (1861-1865), Соединетите Американски Држави (САД) се соочиле со огромен прилив на имигранти од Европа. Според одредени анализи, во периодот од 1860 до 1915 година, на територијата на САД пристигнале над 25 милиони луѓе од Европа, бројка што била четири пати поголема од вкупниот број доселеници во САД во првите пет децении од 19 век. Како резултат на тој прилив на население, многу американски градови, особено во областите со поголем број индустриски капацитети прераснале во големи метрополитенски области, со огромна концентрација на население.
Од друга страна, овој прилив на население и конкуренцијата, која се создала меѓу новите имигранти и американските работници, предизвикале појава на нативизам во САД и го наметнале прашањето за регулирање и ограничување на имиграцијата. И покрај тоа што првиот федерален закон, кој се однесувал на регулирање на имиграцијата ги поминал филтрите во Конгресот на САД во 1882 година, имиграцијата во САД де факто била ставена под федерална контрола девет години подоцна. Имено, со донесувањето на новиот Закон за имиграцијата во САД од март 1891 година била воведена единствена и постојана институција за контрола на имиграцијата, најпрво наречена Надзорник на имиграцијата (Superintendent of Immigration), а од 1906 година Биро за имиграција (Bureau of Immigration).
Исто така, малото островче Елис во близината на Статуата на слободата во Њујорк, почнувајќи од 1892 година, станало главен прифатен центар за имигрантите од Европа, менаџиран од федералните служби на САД. Од тој момент, на страниците на милиони документи, кои ги издале американските имиграциски власти, биле испишани судбините на многу луѓе, кои тргнале да ја бараат надежта за подобар живот на другата страна на Атлантикот. По пристигнувањето на островот Елис, секој потенцијален имигрант во САД морало да помине низ здравствен преглед, преку кој се откривало можно присуство на инфективни и други сериозни болести.
Сепак, здравствениот преглед бил само увертира во она што го чекало имигрантот во САД – регистрацијата. Имено, по здравствениот преглед се продолжувало кон главната просторија за регистрација, т.н. Голема сала каде што вообичаено мигрантите чекале по неколку часа на клупите или подот, пред да бидат повикани од службениците за имиграција. Потоа се пристапувало во еден добро режиран распит, каде што имигрантот требало да ги објасни своето потекло и целите за пристигнувањето во САД и каде што секој противречен одговор на мигрантите можел да значи и одбивање на влезот во САД.
Напливот на имигранти „на вратите на Америка“, кои доаѓале без воопшто да го познаваат англискиот јазик предизвикал потреба од преведувачи и толкувачи за огромниот број јазици и дијалекти, кои се зборувале во прифатниот центар на островот Елис, иако голем дел од службениците, кои и самите биле доселеници, знаеле некој странски јазик. Така, преведувачи биле обезбедени и за емигрантите од Балканот, кои кон крајот на 19 век започнале забрзано да доаѓаат во САД.
Во јануари 1911 година, Бирото за имиграција ангажирало дополнителни преведувачи од вкупно 36 јазици, а она што е интересно е дека меѓу нив се наоѓа и еден преведувач од македонски јазик, пет од бугарски јазик, осум од грчки јазик, шест од турски и шест од српски јазик. На тој начин, американската администрација, која важела (и важи до денес) за исклучително практична, ја препознала потребата за ангажирање посебен преведувач од македонски јазик, покрај преведувачите од бугарски, српски, грчки и турски јазик. Иако на оваа листа се наоѓаат и дијалекти, кои поради политичко-историскиот контекст никогаш не прераснале во стандардизирани јазици (како сицилискиот и сардинискиот јазик), факт е дека во 1911 година, кога Јосип Броз Тито на свои 19 години го „печел“ браварскиот занает, а Сталин бил прогонуван од руската царистичка тајна полиција, американските институции препознале дека имигрантите што доаѓаат од Македонија не го разбираат и говорат истиот јазик како имигрантите од Бугарија, Србија или од Грција. Доколку зборувале целосно ист јазик, се поставува прашањето дали практичните Американци би ангажирале и би плаќале посебен преведувач?
Во текот на истата (1911) година бил објавен и еден исклучително обемен извештај за имиграцијата, изработен од двопартиската комисија предводена од републиканскиот сенатор Вилијам П. Дилингем, која во 1907 година добила задача од Сенатот да го испита влијанието на имиграцијата врз американската нација. Во извештајот на комисијата практично се наоѓа и главната причина за ангажирањето преведувач од македонски јазик.
Имено, комисијата нагласила дека „периодично се појавува имигрант од Македонија, кој инсистира дека тој не е Турчин, Бугарин, Грк или Албанец, туку Македонец“, но и дека „постојат луѓе што тврдат дека има посебен македонски јазик, а со тоа и народ“. Ваквото самоидентификување на Македонците можеме да го забележиме и во документите по 1899 година, кога под притисок на разните нативистички организации американската администрација ја заменила практиката да се забележува „државата на потекло“ со новата класификација според категоријата „раса“ (race).
Оваа класификација е крајно нејасна и често базирана на нелогични и меѓусебно спротивни критериуми, а овие проблеми најмногу доаѓале до израз во етнички шареноликите царства, како Австро-Унгарија, Русија и Османлиската Империја. Апсолутен рекордер во таа смисла била Австро-Унгарија, чии жители биле забележувани во дури 16 различни категории.
Според расположливата документација, собирана од страна на американските имиграциски власти, категоријата Македонец за првпат започнала да се појавува во 1897 година, но официјално била мапирана од Имиграциската комисија во Вашингтон во 1908 година, кога во едно писмо на комисијата, датирано на 15 декември 1908 година, меѓу „расите“ во европска Турција биле наведени: Бугари, Грци, Евреи, Македонци, Црногорци, Срби, Сиријци и Турци. Во периодот од 1897 до 1913 година во категоријата „Македонец“ биле регистрирани вкупно 13.091 лица.
Сепак, со оглед на тоа што регистрирањето во категориите често било резултат на поимањето на балканските околности од страна на американските службеници на островот Елис, ова се само дел од Македонците што во тој период се нашле на американска почва. Сето ова покажува дека дури и во едно време кога терминот Македонец немал никаква институционална заштита, а Османлиската Империја ја забранувала употребата на термините Македонија и Македонци дури и во Светото писмо, постоеле личности, кои далеку од Македонија и од влијанието на странските пропаганди така ја декларирале својата национална, односно во американската терминологија дефинирана со уште посилниот термин „расна“ припадност.
м-р Димитар Димески