Иван Караѓозовски-Сивка заедно со синот на галичка свадба

ОД СЕРИЈАЛОТ ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО
Посветено на Иван Караѓозовски-Сивка, париски боем, галички носталгичар и визионер

Француската метропола Париз со право го носи епитетот Градот на Светлината, град на модата, богат со историја и култура, големи плоштади, предолг список на знаменитости што треба да се посетат. При првата средба, Париз нè воодушеви и ни ги потврди предзнаењата и очекувањата. Половина час прошетка и дишење на парискиот воздух, очите исполнети со убавини. Уживавме во осветлената ноќ на безбројните светлосни реклами, уличното осветлување итн. Сето тоа заедно беше силен предизвик времето на неколкудневниот престој максимално и рационално да го користиме во разгледување на културно-историските и другите зданија, за да дознаеме што повеќе за оваа светска метропола.
На конак сме договорени кај Иван Караѓозовски-Сивка, братучед на Благоја Ќипроски, мој братучед, кој беше во екипата со која пристигнавме во Париз. Инаку Иван-Сивка речиси 30 години живее и работи во Градот на Светлината – Париз. Од телефонска говорница му јавив дека гостиварската четворка е во Париз, ми одговори: „Со големо задоволство ве очекувам, драги гости сте ми“. Бидејќи автомобилот му бил на мајстор, по телефон ми даде прецизни инструкции како да го најдеме.
– Од местото на кое се наоѓате, плоштадот „Конкорд“, ќе се вклучиш на авенијата Шанзелизе, најпозната во градот, ќе поминеш под Триумфалната порта, и на третиот излез од автопатот (Париз има 54 влеза и толку излези), од десната страна, ќе се исклучиш и ќе возиш право стотина метри, ќе се паркираш покрај телефонската говорница. Во близината се наоѓа мојот стан, тука е фудбалскиот стадион „Сен Дени“, населбата е прекрасна. Среќно, се гледаме – ми рече Сивка.
Ги почитував инструкциите и брзо стигнавме, возејќи по авенијата Шанзелизе со уживање. Иако сообраќајот беше густ, учесниците ги почитуваа сообраќајните прописи, знаци и патокази, сѐ функционираше беспрекорно. Откако стигнавме на договореното место, му се јавив на телефон. „Ве гледам од балконот, доаѓам“, беше краткиот одговор.
Се сместивме, се раскомотивме од заморот и напнатоста. Нестрпливо ја посакувавме бањата, неколку дена немавме можност да се избањаме. Додека се средувавме, Иван во трпезаријата ја сервирал вечерата.
– Сопругата Моника и синовите Борис и Стефан се на екскурзија, ќе се потрудам добро да ве нагостам. Ај да наздравиме со француски коњак, а вечерата ќе ја полееме со бело вино- низ смеа ни вели нашиот домаќин.
Наздравувавме, мезиме од вкусните сирења и сувомесните деликатеси, разговараме на многу теми за Македонија што ги наметна Иван. Во станот на забележително место се наоѓа обесена галичка торба, исткаена со волнена преѓа во разни бои – алова, жолта, црна, сина и бела. Галичките жени симболично на ткаенините ги изразувале чувствата и огорченоста од маките што им ги нанесувале поробувачите, окупаторите, но и надеж дека ќе дочекаат слобода, верба во животот, радости, веселби, песни да се пеат, ора да се вијат…
– Торбата за мене има големо значење, во неа ги носев книгите и училишниот прибор на училиште во Галичник. Овде, во Париз, во неа го чувам највредното злато на светот, земја од дворот во Галичник. Кога ми беше најтешко, ми даваше сила, ме одржуваше во живот, ми ја лечеше носталгијата за Галичник, за Македонија, за блиската рода. Постојано ми внесуваше духовна енергија да опстојам и да успеам во животот далеку од куќниот праг – ни објасни Иван.
Со внимание слушаме зошто торбата му е толку вредна. Притоа ни ја раскажа приказната како ја однел во Париз.

СТИХОЗБИРКАТА „БЕЛИ МУГРИ“ НА КОЧО РАЦИН ГО СЕДНАЛА НА ОБВИНИТЕЛЕН СТОЛ

– Пролетта 1963 година одлучив да го напуштам Белград, да заминам на печалба во Франција. Причината беше што не можев да ги поднесам комунистичкиот режим и тортурата што ја вршеше врз слободата на изразување. Тоа го чувствував и на своја кожа. Во една од белградските гимназии бев прогласен за ученик на генерацијата. Матурската тема по српски јазик беше по сопствен избор. Пишував за содржината и пораките на песните на стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин. Комисија од тројца професори литературниот осврт го оцени за најдобар од сите матуранти. Потоа дојдоа неприлики со лицата што ја штитеа безбедноста на државата, инспектори на милиција и на обвинителството ме повикаа на разговор, ми рекоа дека матурската тема е политички и социјален памфлет, спротивно на позитивните закони на југословенската држава. Од тоа што го прочитале, протолкувале дека целта ми била да го повикам народот да се организира и со бунтови да го урне правниот и политичкиот систем на државата. По неколкумесечна истрага бев ослободен. Потоа студирав на правен факултет, бев одличен студент, но од различни причини ги прекинав студиите и не го завршив факултетот. За одлуката дека ќе одам во емиграција никој не знаеше во семејството, ниту другарите ниту колегите. Инкогнито заминав за слободен, демократски и побогат живот. Пред да станам бегалец, мигрант, од Белград со воз отпатував во Гостивар и со братучед ми Ратко Ќипроски, со неговиот мотор „томос пух“ заминавме за селото Јанче, а потоа пеш по „скала“ за Галичник. Ноќта, пред да зазори, излегов во дворот на куќата, никој да не ме забележи, во торбичето ставив две-три лопати земја, се смирив и продолжив да спијам – ни раскажа Иван.
Од очите му потекоа солзи, се тркалаа низ образите, жал за Галичник, за Македонија, за младоста… Брзо ги совлада емоциите.

ВО ПАРИЗ БОРБА ЗА ГОЛ ЖИВОТ

Зошто тргнал „пеш по трње“ и мигрирал во Париз, кога во Белград живеел добро, беше едно од прашањата што му го поставивме.
– Студирав на Правниот факултет во Белград, редовно ги полагав испитите, факултетот не го завршив. Тренирав фудбал и играв за прволигаш ОФК Београд. Задоволен бев од ноќниот живот, материјално бев добро ситуиран. Причината да бидам бегалец беа неправдите што ги доживував, неслободата на изразување, не можев да ги издржам… – застана и на смеење ни рече – Грлото ми се исуши, да наздравиме, мили гости.
Ги дигнавме чашите, се напивме од виното, и продолжи да ни говори за борбата да ги надмине маките во светската метропола.
– Секој ден ми беше борба за гол живот, за корка сув леб, талкав низ улиците на преубавиот Париз, ништо не ме привлекуваше, ниту ме восхитуваше, носев само една мисла, да најдам работа за да преживеам. Никој не ме погледнуваше, ниту да ми подаде рака и да ме извлече од бездната, во која пропаѓав сѐ подлабоко. На своја кожа го доживував суровиот капитализам. Работев сè за да спечалам некој француски франк, како молер, столар, заварувач, физички работник на градилиште, сѐ ми одеше од рака и почнав добро да заработувам. Во мислите ми се појавија зборовите на дедо ми: „Каменот тежи на местото, а се мрдне, не вреди“. Јабанџија си е јабанџија, никој не го погледнува, а за помош не стануваше ни збор! Паралелно со работата завршив училиште за филмски монтажер и се вработив во најголемата филмска монтажерска куќа во Париз. Монтирав филмови и ги копирав за илјада компании што ги проектираа во киносалите низ Франција – ни раскажа Сивка.
Иван се присети на најтешките и највозбудливи месеци во првите печалбарски години, за ноќите минати со славните париски уметници – боемите на Монмартр. И ние имавме голема желба, барем за миг, да го почувствуваме, да го помирисаме боемскиот живот со уметниците. Монмартр се наоѓа на 130 метри надморска височина, највисока кота на Париз, на север во градот, на десната страна на реката Сена. Познат по уметничката историја, по белата купола, базиликата „Сакр кер“ (Светото срце), која се наоѓа на врвот на местото за ноќен живот, познато по славните париски кабареа и ателјеата на уметниците. Тука живееле славните сликари: Салвадор Дали, Клод Моне, Пабло Пикасо и други.
Нашиот домаќин со задоволство ни ја исполни желбата. Во вечерните часови, Сивка со мојот „голф“, мене, братучед ми Благоја и другарите Љубомир Јовановски-Кара и Душко Шарески, нѐ одведе на саканото место. Пред тоа застана на подножјето на ридот Монмартр, каде што се наоѓа прочуеното светско кабаре „Мулен руж“, во срцето на Пигал, кое е изградено во 1889 година и оттогаш е најголемата атракција на туристите, за да извади пари од банкомат. За првпат видовме и дознавме дека, иако банките се затворени, од банкомат може да се подигнат пари во секое време. Стигнавме на Монмартр, познато и по боемската населба. Врвулица луѓе – туристи од сите краеви на светот, шетаа да го почувствуваат духот на времето, на боемскиот живот што го создаваа уметниците на уличното сликарство, уличните свирачи на повеќе инструменти, кафулињата, рестораните, бистроата итн. Нашиот водич (Сивка) низ царството на уметноста и боемството сликовито и со многу анегдоти ни го доближи ова незаборавно и единствено место на светот.
Блиски на Иван, кои повеќепати му биле на гости, многу галичани, скопјани, гостиварци и други, ги шетал низ Париз и се дружеле, по враќањето ни зборуваа во суперлативи. На Македонците им бил неофицијален македонски амбасадор, секогаш расположен да помогне во решавањето на некое прашање. Тоа ми го потврдија и моите пријатели, македонските академици, поетите Матеја Матевски и Радован Павловски и скулпторот Томе Серафимовски, кои особено се дружеле во вечерните часови, а меѓу боемите бил познат по ненаметливоста, духот и уметничката душа.
Времето во Париз не ни беше наклонето. Постојано беше тмурно, со мала видливост, одвреме-навреме врнеше дожд, па Градот на Светлината не го видовме во вистинското светло, да ја почувствуваме светлината. Сепак, ја посетивме Ајфеловата кула, на последната платформа пиевме кафе и уживавме во глетката на Париз, беше неповторливо, незаменливо. Ова здание е изградено покрај реката Сена и е највисока градба во Париз, висока 300 метри, а со 24-метарската антена височината изнесува 324 метри, што одговара на зграда со 81 кат.
Неколку часа ги разгледувавме уметничките дела на музејот „Лувр“, најголем во светот. Збирката има над 70.000 уметнички дела и е најпосетен музеј во светот. Според статистиката, дневно го посетуваат околу 30.000 лица од целиот свет, или околу 2.800.000 годишно.

БИСТРА НЕПРЕГЛЕДНА ПРЕРИЈА ЗА КОЊИЧКО УЖИВАЊЕ

За пет дена, колку што престојувавме во Париз, ги посетивме: музејот „Лувр“, катедралата „Нотар Дам“, Болоњска шума, Ајфеловата кула, „Версај“ и други. Во вечерните часови на богата трпеза, Иван Караѓозовски-Сивка, со носталгија ни зборуваше за родниот Галичник, кој во процутот бил град, седиште на ростушката околија, со 800 куќи и меѓу 5.000 и 6.000 жители, притоа изразувајќи огромно жалење што комунистичкиот режим го уништил! Се напи од вкусното француско вино и продолжи.
– Кога говорам за Галичник, ми се суши грлото, па се напивам понекоја голтка вкусно француско вино, да наздравиме за нашиот Галичник, кој пак ќе ги врати вредностите во друг формат, со нови атрактивни забави актуелни на времето што доаѓа, оптимист сум и ќе го доживеам тоа. Бистра, непрегледна прерија, многу убава и привлечна, Господ ја создал за трки со наседлани коњи, за прошетки до околните села Лазарополе, Селце, Тресонче, Гари, Маврово, до бачилата. Ќе се градат ресторани, хотели, куќите ќе се реновираат, ќе се градат и нови со одаи за гости – раскажуваше Иван.
Уште многу ни зборуваше за неговите визии за ревитализација на Галичник. Внимателно го слушавме, не веруваме дека визиите се остварливи. Укажувавме дека на Бистра има многу ергели на коњи, но нема никаков интерес за тоа што ни го зборува. Нашите спротивставувања паднаа во вода. Визиите на Сивка од пред неколку децении почнаа да се остваруваат. На влезот во Галичник, наспроти фудбалското игралиште на ФК Бистра, неколкумина галички ентузијасти создадоа ергеле со педесетина коњи за јавање, стреа и сѐ што е потребно за функционирање на атрактивниот објект, изграден со дрво, кој е мамка на посетителите. Заинтересираноста за јавање коњ постојано е во пораст. Во деновите за викенд коњичките ресурси однапред се резервирани, се бара коњ повеќе. Покрај странските туристи, желба за јавање покажуваат и Македонците од повеќе градови, најмногу од Скопје.
На 15 и 16 јули 2000 година, два дена, се дружев со Иван Караѓозовски и син му Борис, кои беа дојдени специјално да ги проследат свадбените обичаи и ритуали на „Галичката свадба“.
– Големата желба да дојдам во Галичник, да бидам на туристичката манифестација „Галичка свадба“ ми се исполни. Желбата му се исполни и на син ми, 35-годишниот Борис, роден во Париз. Тука сме десетина дена, ќе останеме уште толку. Многу сум задоволен од престојот во прадедовското огниште. Галичник е неповторлив- со задоволство ми зборуваше тогаш 64-годишниот Сивка.
За Сивка галичките свадбарски обичаи и ритуали се уникатни.
– Писокот на зурлата и ударот на „топаните“ ми создаваа треперливи и незаборавни чувства – ми рече Сивка.
На разделбата нашите соговорници во дует ни рекоа: „Пак ќе дојдеме во Галичник, да се насладуваме на недопрените природни убавини на планината Бистра“.