Фото: Игор Бансколиев

ЗОШТО НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ВО ГРЦИЈА ГЛАСАЧИТЕ ГО ОТПИШАА СВОЈОТ ПОТПИСНИК НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР, АЛЕКСИС ЦИПРАС

Како поранешен премиер Ципрас успеа (се разбира со помош на меѓународната заедница и на македонската власт и со заобиколување на фундаменталните принципи на меѓународното право) да направи нешто што не успеа ниту еден грчки премиер пред него: преименување на Р. Македонија и наметнување на ерга омнес, односно тоа да биде и за домашна употреба; потоа целосно да се прифати елинизацијата на античката историја; да се прифати знакот на неравенство меѓу македонскиот супстрат од едната и од другата страна на државната граница со Грција; да си го присвои правото на името „Македонија“, трговските марки, симболите… буквално сè што можеше да се добие, дури и повеќе од тоа што се надевале Грците. Впрочем, затоа и беа насмеани нивните лица за време на потпишувањето на спогодбата во Нивици, оти знаеја, народски кажано, дека добија преку леб погача!

Тивко, без голема помпа, поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас ја напушти лидерската позиција во опозициската СИРИЗА откако на последните парламентарни избори доби уште помала поддршка од грчките граѓани, односно освои само 17,84 отсто или 47 пратенички места во грчкиот парламент, наспроти владејачката партија Нова демократија, која победи со освоени 40,56 отсто од гласовите или 158 пратеници во грчкиот парламент..
Ципрас е последниот протагонист од проектот наречен „Преспанска спогодба“, кој опстојуваше на политичката сцена пет години по нејзиното потпишување, откако претходно сите актери, на овој или оној начин, си заминаа од политиката и почнаа да се занимаваат со нешто друго.
Претходно истата судбина го снајде и неговиот македонски колега Зоран Заев, кој откако катастрофално ги загуби локалните избори, под притисок на јавноста мораше да се повлече од премиерската функција и воопшто од политиката, иако во заднина повторно се обидува да биде некаков политички фактор и да влијае врз (политичките и други) процеси во земјава.
Повеќе од јасно е дека она што им се случи и на Ципрас и на Заев е резултат на нивните автолукративни политики, политики приоритетно да задоволуваат интереси на моќни надворешни центри. Таквите политики беа спротивни и на историската вистина, спротивни на фактите од сегашноста и спротивни на правдината и правото. Тие одлуки беа и ништовни поради погазувањето на демократијата и легитимитетот на македонскиот народ што за промена на уставното име на државата, со чинот на референдумот, демонстрира едно големо НЕ!

Ципрас и Заев веројатно сѐ уште не ја платиле целосно политичката цена, задоволувајќи ги геостратегиските интереси на поголемите центри на моќ. Имено, во суштина, проблемот меѓу двете земји и натаму постои и во моментот е во статус кво позиција, само затоа што Македонија не ги започна пристапните преговори со Европската Унија и не започна со отворање поглавја.

Пет години по потпишувањето на спогодбата во Нивици, односите меѓу двете земји не се нималку подобри од претходно. Повторно се оштетуваат македонски автомобили во Грција, јужниот сосед и натаму одбива да ги ратификува трите меморандума предвидени со договорот, знаците си останаа со старото име „Скопиа“, на граничниот премин Маркова Нога и натаму ништо не се работи од грчка страна, односно останува затворен и покрај сите ветувања дека границите меѓу двете земји ќе се отвораат. Нема ниту железничка линија, па возот од Битола оди само до Жабени. Единствен мал позитивен пробив во односите меѓу двете земји по потпишувањето на Преспанската спогодба имаше во делот на културната соработка, но грчките националисти решија да му стават крај и на тоа, упаѓајќи дрско на изложбата на македонскиот уметник Сергеј Андреевски во Солун и принудувајќи го да ја отстрани поставката. Како некаква придобивка останува отворањето на Центарот за македонски јазик во Лерин, но тоа е повеќе резултат на повеќегодишните напори на Македонците во беломорска Македонија да го практикуваат мајчиниот јазик. Дури и тоа локалните грчки обвинители се обидоа да го оспорат пред суд, но, за среќа, не успеаја.

Едно е сигурно, Ципрас ја загуби сета доверба на грчките граѓани најмногу поради потпишувањето на Преспанската спогодба, иако и натаму тврди дека е горд што го сторил тоа.
– Горд сум на Преспанската спогодба – изјави Ципрас во неодамнешното обраќање до јавноста, во кое ја соопшти одлуката за своето повлекување од лидерската позиција во СИРИЗА.

Како поранешен премиер Ципрас сепак успеа (се разбира со помош на меѓународната заедница и на македонската власт и со заобиколување на фундаменталните принципи на меѓународното право) да направи нешто што не успеа ниту еден грчки премиер пред него: преименување на Р. Македонија и наметнување на ерга омнес, односно тоа да биде и за домашна употреба; потоа целосно да се прифати елинизацијата на античката историја; да се прифати знакот на неравенство меѓу македонскиот супстрат од едната и од другата страна на државната граница со Грција; да си го присвои правото на името „Македонија“, трговските марки, симболите… буквално сè што можеше да се добие, дури и повеќе од тоа што се надевале Грците. Впрочем, затоа и беа насмеани нивните лица за време на потпишувањето на спогодбата во Нивици, оти знаеја, народски кажано, дека добија преку леб погача!

Македонија за возврат не доби ништо, приемот во НАТО, кој и без промена на името на овој или оној начин, по сила на состојбите, секако ќе се случеше. Не доби ниту почеток на преговорите со ЕУ, иако и тоа ѝ беше ветувано. Со други зборови, гледано од македонска страна, Ципрас е големиот грчки победник, наспроти македонската инфериорна страна, која само се фотографираше со европските претставници во Преспа, за на крајот да остане со прстот во уста и со блокирана европерспектива.
– Пред да дојде на власт Ципрас важеше за харизматичен политичар, водач на грчката левица, кој често знаеше да каже дека не ги разбира грчките позиции во однос на името на соседната држава. За него Република Македонија беше реалност, не гледаше зошто да се блокира евроинтеграцијата на северниот сосед и зошто се инсистира да го менува името кога тоа е суверено право на секоја земја, самата да одбере како ќе се нарекува. Но откако седна на премиерското столче, работите дијаметрално се сменија.

Тој застана во одбрана на грчките позиции и го искористи моментот што од македонска страна наиде на многу пофлексибилни соговорници, кои дури се согласија новото име да биде и за внатрешна употреба и тоа да биде запишано и во Уставот. Да беше толку едноставно, како што тоа го направија неколку македонски политичари пред пет години, проблемот за името ќе беше решен уште пред 30 години. Никој не се осмели да оди толку далеку колку што отиде Заев, иако претходно тврдеше дека нема да има промена во Уставот и дека станува збор само за надворешна употреба на новото име.

Ципрас добро виде со кого има работа, а грчката моќна дипломатија, заедно со центрите на моќ што со децении ја поддржуваат Атина, сето тоа убаво го спакуваа и го ставија на маса во Нивици. Последиците од тој договор уште повеќе ќе ги чувствуваме кога ќе почнеме да отвораме поглавја, оти Грците нема да запрат – велат поранешни дипломати, кои пред повеќе од една деценија индиректно и самите биле вклучени во преговорите за името.

Како и да е, сите актери од театарот во Нивици ја напуштија политичката сцена, Ципрас беше последниот и одлично си ја заврши работата. Но последиците од целата таа лакрдија се повеќе од трагични за Македонија, особено за македонскиот народ.
Таа лузна останува да биде длабоко врежана во македонското ткиво и ниту едно членство во каква било алијанса или унија не може да ја ублажи болката, оти Македонија беше над сè, а некој се обиде да го одземе тоа. Времето ќе покаже на која страна од историјата ќе останат запишани сите оние што низ насмевки ставија потпис на нешто што беше многу поголемо од нив.