Кога принципот на меѓународното право флагрантно се прекршува или, пак, се занемарува од посилните и помоќни земји во однос на помалите земји, тогаш маневарскиот простор за избегнување на реперкусиите од едностраното раскинување на меѓународните договори е сведен на минимум, па дури и никаков. Имено, алатките со кои располага секоја земја што ќе се најде „погодена“ од едно такво раскинување на договорите најпрво се институционални, потоа вонинституционални и во последен случај радикални, со кои се опфаќа и одредена употреба на сила за да се врати на договореното страната што се повлекла од договорот
Анализа: Потенцијални сценарија при евентуално раскинување на договорите со Бугарија и Грција (3)
Едностраното раскинување на меѓународните договори во најголем број случаи повлекува консеквенции по земјата што се повлекла од договореното, особено ако станува збор за асиметрични договори, односно кога најголемиот број обврски се однесуваат на едниот потписник, така што втората страна, која има огромна полза од постигнатиот договор, не сака по ниту една цена таквиот договор да биде поништен.
Едностраното раскинување на меѓународните договори во најголем број случаи повлекува консеквенции по земјата што се повлекла од договореното, особено ако станува збор за асиметрични договори, односно кога најголемиот број обврски се однесуваат на едниот потписник, така што втората страна, која има огромна полза од постигнатиот договор, не сака по ниту една цена таквиот договор да биде поништен.
Такви два асиметрични договора се Договорот за пријателство и соработка со Бугарија и Преспанската спогодба, склучени врз принцип на наметнување обврски исклучиво на македонската страна, но не и на бугарската, односно грчката страна. Двата договора се склучени надвор од принципот „бона фидес“, односно „добра верба“, третираат идентитетски прашања, едната страна е доведена во заблуда, направена е измама и се склучени под принуда и притисок. Според членот 53 од Виенската конвенција за договорното право од 1969 година, договорите и актите спротивни на императивните норми (јус когенс) се ништовни во моментот на нивното создавање, односно од моментот на потпишување на актот. Преспанскиот договор содржи активни деноминатори (ид модифиерс) со кои се брише националноста на еден народ, на неговиот јазик и на неговата историја. Во договорот со Бугарија е прекршено императивното меѓународно право. Впрочем, суверено право на секоја држава е да создава и раскинува или да откажува договори доколку договорот е геноциден или етноциден. Нејзина обврска е таквиот договор да го раскине или откаже.
Но кога принципот на меѓународното право флагрантно се занемарува од посилните и помоќни земји во однос на помалите земји, тогаш маневарскиот простор за избегнување на реперкусиите од едностраното раскинување на меѓународните договори е речиси никаков.
Имено, алатките со кои располага секоја земја што ќе се најде „погодена“ од едно такво раскинување на договорите најпрво се институционални, потоа вонинституционални и во последен случај радикални, со кои се опфаќа и одредена употреба на сила за да се врати на договореното страната што се повлекла од договорот.
Институционални алатки при раскинување на меѓународните договори
Секоја земја потписничка на меѓународни договори презема обврски да ги почитува одредбите од тој договор, а во самите договори секогаш постои точка што појаснува која институција ќе биде надлежна доколку една од страните не го почитува договорот и реши еднострано да се повлече.
Во Договорот за пријателство и соработка со Бугарија не стои институционална надлежност при раскинување на договорот, туку во членот 13, став 3 се наведува дека „секоја Договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање на писмено известување до другата Договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување“.
Од друга страна, во Преспанската спогодба во членот 19 многу прецизно се наведени надлежностите доколку некоја од страните реши да се повлече од договореното. Во ставот 1 од членот 19 е наведено дека страните ќе ги решаваат сите спорови единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации. Во ставот 2 веќе се спомнуваат билатерални преговори за надминување на недоразбирањата меѓу двете земји потписнички, а двете страни може да се согласат да побараат од генералниот секретар на Обединетите нации да ги употреби неговите добри услуги за решавање на прашањето.
Доколку и ова не даде плод, ставот 3 од членот 10 во Преспанската спогодба предвидува поведување постапка пред Меѓународниот суд на правдата. Страните прво треба да настојуваат да постигнат согласност со цел заеднички да поведат таков спор пред наведениот суд. Сепак, доколку не се постигне таква согласност во рок од шест месеци, или за подолг период за кој заемно ќе се согласат двете страни, тогаш таквиот спор пред истиот суд може да го поведе секоја страна поединечно.
Грција и претходно најави дека доколку Македонија еднострано се повлече од Преспанската спогодба ќе преземе одредени институционални чекори за „дисциплинирање“ на земјава.
Главната грчка тупаница при едно вакво сценарио ќе бидат Обединетите нации, каде што грчката страна ќе се обиде да издејствува разни резолуции со кои ќе ја принуди земјава да го почитува договореното. Не треба да се занемари фактот дека Грција во ОН е застапена со огромен број дипломати, кои се инсталирани во сите тела на светската организација, додека Македонија е целосно дипломатски инфериорна во ова тело. Македонија може да побара од Генералното собрание на ОН признавање под нејзиното уставно име, сметајќи на обично мнозинство при гласањето и имајќи го предвид фактот дека претходно над 130 земји-членки ја имаа признаено токму под нејзиното уставно име „Република Македонија“.
Но имајќи го предвид досегашното однесување на ОН, кои ја прекршија и сопствената Повелба за суверено право на секоја држава самата да го одбира сопственото име, многу поголема е веројатноста целата постапка да се заглави низ административните ходници на светската организација, без конкретни одлуки и решенија. Грција е свесна за оваа состојба и уште повеќе ќе ја искористи за да ја притисне Македонија и да ја принуди да се откаже од каква било намера во ОН.
Втор институционален чекор што ѝ стои на располагање на грчката страна е во согласност со членот 19 од истиот договор, поточно поднесување тужба пред Меѓународниот суд на правдата. Како можна опција при евентуално еднострано раскинување на Преспанската спогодба ова го најавија и одредени грчки политичари, кои по никоја цена не сакаат да се откажат од она што земјава великодушно им го подарила.
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, смета дека малку е веројатно Грција да се одлучи на ваков чекор имајќи го предвид претходното искуство со истиот суд.
– Мала е веројатноста Грција да ја тужи Македонија пред Меѓународниот суд на правдата имајќи го предвид своето негативно искуство со судот, кој минатиот пат пресуди во наша полза. Ако некоја нова влада во Скопје ја раскине Преспа, Атина ќе тужи во Хаг, чија пресуда по Букурешт ја игнорира? Грција ќе нѐ тужи нас? За Преспа? Со ова точно ни кажаа дека може да го раскинеме договорот – вели Јанев.
Бугарија во целата работа ќе дејствува координирано со Грција, имајќи ја предвид нејзината послаба надворешна институционална позиција. Софија и онака е на тапет од повеќе институции за непочитување на договорените обврски, вклучувајќи и на Меѓународниот суд за човекови права чии пресуди упорно одбива да ги имплементира. Бугарија е под закана за исклучување и од Советот на Европа, така што со лошата институционална репутација што ја ужива во европски и светски рамки, бугарската страна „ќе се шлепа“ заедно со Грција при евентуално раскинување на договорите со Бугарија и со Грција.
Палета вонинституционални алатки во знак на „одмазда кон Македонија“
И додека во рамките на институционалното соочување на фактите околу потребата за раскинување на договорите со јужниот и со источниот сосед Македонија има некакви шанси да ја презентира меѓународноправната оправданост, при употребата на вонинституционалните методи на притисок земјава речиси и да нема никакви шанси. Што во пракса би значело тоа?
Поучени од искуството со првото грчко ембарго што Грција го воведе кон земјава во 1994-1995 година, стана јасно дека Македонија тешко може ефикасно да функционира, а штетите од ембаргото според процените на економските експерти се проценуваа над две милијарди американски долари. Се работи за огромни средства, кои денес би биле некаде околу пет милијарди долари, што за држава како Македонија се огромни штети. Целта на Грција со трговското ембарго беше да ја доведе земјава буквално пред распад, да предизвика колапс на економијата, граѓанско незадоволство и потенцијални меѓуетнички конфликти, надевајќи се дека со распаѓањето на државата ќе го реши и спорот за името. Сепак под притисок на меѓународната заедница, пред сè од САД, Грција го прекина нечовечкото трговско ембарго, но продолжи да ја блокира земјава во нејзините евроатлантски интеграции. Имаше и натаму економски блокади, потешко минуваше стоката поради некакви „административни“ процедури, македонските граѓани мораа да чекаат со месеци за вадење грчка виза иако реално тоа можеше да се заврши во еден ден, а Македонија не можеше да се зачлени ниту во една иницијатива без амин на официјална Атина. Целта за монополизирање на името „Македонија“, на нејзината античка историја и на сите додавки „македонски“ Грција ја постигна со Преспанската спогодба. Иако е потписник, Грција не ги исполнува ниту оние две-три обврски што ги има во договорот, но продолжува да мониторира секакво отстапување од договорената рамка.
Ако се случи еднострано раскинување на договорите, и Грција и Бугарија суптилно ќе наметнат блокади, кои пред меѓународната јавност отворено ќе ги негираат. Повторно ќе се отежне пристапот кон Солунското пристаниште, а Бугарија ќе ја закомплицира доставата на стока од таа страна. Двете земји координирано ќе дејствуваат и во блокадата на земјава во сите европски и светски институции, така што ќе наметнуваат услови што ќе бидат неприфатливи за земјава. Евроинтеграциите одново ќе бидат целосно блокирани, ќе постои тивко економско ембарго, така што во актуелното опкружување на земјава мали се шансите за некаков позитивен исчекор на Македонија. Грчкото и бугарското лоби во САД засилено ќе работат во насока на зголемен американски притисок врз Македонија, за да ја принудат земјава да се врати на договорите и да го исполни сето она на што се обврзала. Притисоците можат да одат дотаму што постои и реална опасност да се загрози Стратегискиот договор за соработка, што за земјава не би било добро во услови на големи геостратегиски потреси во регионот и Европа. Грција и Бугарија може да лобираат Македонија да добива што полоши извештаи од сите европски институции и на тој начин земјава да биде оцрнувана на секое можно поле, имајќи ја предвид актуелната инфериорна дипломатија, која во никој случај не може да им парира ниту на Бугарите, а уште помалку на Грците. Двете земји можат да прават опструкции кон земјава и во рамките на НАТО, каде што ќе ја исклучуваат земјава од одредени воени вежби, од регионални консултации, а ќе влијаат и така што ќе опструираат македонски фирми да добиваат одредени зделки од Алијансата.
Ова е само мал дел од палетата вонинституционални методи на притисок што може да ги применат Атина и Софија ако Македонија реши да ги раскине Договорот за пријателство и соработка со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција.
Радикалните чекори подразбираат и примена на сила
Историјата сведочи и на радикални чекори кога некоја страна ќе се повлече од меѓународен договор, а тоа резултирало дури и со примена на сила. Таков беше случајот со британскиот напад врз Фолкладнските Острови, кога официјален Лондон реагираше со испраќање воени трупи откако Аргентина се повлече од договорот за островите. Сепак, вакви радикални чекори не може да се очекуваат ниту од Грција, а уште помалку од Бугарија бидејќи и двете земји имаат доволно институционални и вонинституционални алатки да го добијат она што го посакуваат. Доволно е да се видат рефлексиите од неодамнешниот безбедносен инцидент во Косово, за да се претпостави што значи да се предизвика каква било запаллива искра на Балканот. Од тие причини, целосно треба да се исклучи примена на какви било радикални чекори и примена на сила при евентуално раскинување на обата договора.
Трпеливост и мудри процени
Сите консеквенции со кои може да се соочи Македонија доколку реши да ги раскине договорите со Грција и Бугарија ќе бидат негативни, така што реалноста налага внимателност при ваквиот пристап и намерите да се отфрлат овие етноцидни договори, оти штетата што ќе ја претрпи државата може да биде непоправлива.
Клучното прашање е како Македонија да се ослободи од овие лоши договори без да трпи какви било последици. Одговорот е повеќе од јасен, со мудра и трпелива политика. Прва и клучна работа е да се искористат сите членови од обата договора што се во наша полза, кои говорат за зголемена економска, културна, образовна, спортска и секаква друга соработка. Клучно е трите општества во годините што следуваат да ја вратат меѓусебната доверба и да почнат вистински да се зближуваат, да соработуваат, општините да се поврзуваат и заеднички да работат на привлекување европски пари за подобар живот на граѓаните од трите земји. Треба да се инсистира на поголемо инфраструктурно поврзување, кон Грција да заживее преминот Маркова Нога, како и уште два-три дополнителни гранични премини, да се олесни движењето на луѓето. Потребно е поголемо инфраструктурно поврзување и со Бугарија. Децата од Македонија секое лето престојуваат во грчки кампови, а истото може да се направи и со Бугарија. Овој процес може да биде и обратен, грчки и бугарски дечиња да ја запознаваат Македонија. Културата отсекогаш покажувала дека не познава граница, па затоа треба да се интензивираат културната соработка, научната, образовната, соработката во медицината, екологијата… Кога на сето ова ќе се придодаде и економската соработка, отворањето на грчко-македонски или бугарско-македонски мешани фирми, тоа ќе придонесе за поголем економски импакт меѓу трите земји.
Ако ваквата соработка за работите што се согласуваме низ годините изгради општества меѓу кои ќе постои доверба и разбирање, тогаш ќе дојде вистинско време да се прифатат и оние работи што сега се навредливи и задираат во нечиј идентитет, јазик, историја и култура. Тогаш Македонија нема да има потреба да ги раскинува обата договора, бидејќи ќе ги отфрлат самите Грци и Бугари оти ќе почувствуваат што значи да се живее заеднички, со разбирање, доверба и почитување на другиот. Во овој момент, тој стадиум сè уште не е постигнат, но ќе дојде и тоа време.