Министерството за правда интервенира по реакциите поврзани со формулацијата „негативно мислење“ во членот 6 став 1 од Законот за граѓанска одговорност. Но дали со оваа интервенција се решаваат и сите дилеми во однос на оваа проблематика. Правните експерти и медиумските здруженија имаат интересни укажувања
Измените во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда што предизвикаа полемики во јавноста
Предлог-законот за граѓанска одговорност со кој се предвидува за навреда и клевета, односно „за објавување негативно мислење“ да се даде можност да се повика на одговорност пред надлежните судски инстанци, како да ги изненади и самите пратеници во Собранието. Тоа го подигна и сензибилитетот на реакциите на правните експерти, но и воопшто на јавноста.
По реакцијата во јавноста, измените во Законот одат на корекција
Впечатокот во јавноста и кај граѓаните што се доби преку јавно изразената првична реакција за законски предвидената одговорност за искажано „негативно мислење“ во врска со измените на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е дека законскиот предлог всушност „може да нѐ однесе назад, кон времињата на таканаречениот ‘вербален деликт’, кој беше укинат по крајот на социјализмот“. Предлогот што преку Министерството за правда деновиве влезе во собраниска процедура (со европско знаменце), по реакциите предлагачот го повлече на доработка и прецизирање. Образложението беше дека измените во Законот биле погрешно разбрани, односно дека „најверојатно се работи за превид којшто би требало да биде коригиран со амандмани“.
Причината за реакциите е спорноста на првиот став од членот 6 од Законот, кој гласи: „За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење“.
Но според Министерството за правда, по реакциите поврзани со гореспоменатата формулација „негативно мислење“ во членот 6 став 1 од Законот, тој би гласел: „За навреда одговара тој што со намера да омаловажи со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед“.
За Гордан Калајџиев, професорот по кривично право на Правниот факултет при УКИМ, не е јасно дали во текстот на предлог-законот е направена некоја грешка во преводот од некој странски закон, или делот со „негативното мислење“ е наведен со сериозни намери.
– Во секој случај, несоодветно е какво било поинакво мислење, па дури и негативно да биде предвидено за законско санкционирање. Освен тоа, практиката покажува дека некако вештачки се „накалемени“ навредата и клеветата во Законот за граѓанска одговорност. Во суштина, делот од законската регулатива за граѓанската одговорност, во најголем дел е поврзан со регулирање некакви должничко-доверителски односи. Од друга страна, навредата и клеветата се повеќе во доменот на повреда на морално-етичките норми и стандарди. Ако се водиме според тоа дека повредата на морално-етичката перцепција може материјално да се компензира, би можеле да бараме логика во поставеноста на навредата во делот за граѓанската одговорност. Сепак, моите размислувања се повеќе во насока дека кривичната одговорност е претешка за дела како навредата и клеветата, сепак посоодветно е да се третираат во прекршочни постапки – вели професорот Гордан Калајџиев.
Експерти го проблематизираат местото на „навредата и клеветата“ во Законот за граѓанска одговорност
– Барањето решение за законско регулирање и санкционирање на општествените појави за навреда (и клевета) е тргнато во сосема погрешна насока, односно во погрешен законик. Решението не е во Граѓанскиот законик, т.е. во Законот за граѓанска одговорност. Можеби нема да им се допадне моето мислење на колегите и на јавноста, но преместувањето на „навредата и клеветата“ од Кривичниот законик во Граѓанскиот не беше најсреќно и најсоодветно решение, иако ставањето во делот на „граѓанската одговорност“ беше претставено како „декриминализација“ на ова дело. Практиката покажува дека поставеноста на делата што имплицираат на навреда и клевета во делот на Кривичниот законик има пред сѐ превентивна улога, а Граѓанскиот законик регулира дела од сосема друга природа – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.
Според согледувањето на Илиев, спорниот дел од предлог-законот за граѓанска одговорност е дека каква била квалификација на мислењето во текстот на Законот едноставно наведува на цензура.
– Изедначувањето на „мислењето“, па макар квалификувано и како „негативно“ со навреда, имплицира на ограничување на слободата на изразување, што води до цензура. Таквата дефиниција е бунар без дно, според која може да одговара секој што ќе се изрази спротивно, негативно во однос на некоја состојба или постапка на одредена личност. Се укинува дури и правото на научна критика, а да не стане збор за општествено и политичко различно мислење. Несреќно е ова законско решение и најдобро е предлагачот да го повлече, зашто со амандмани не може да се исправи работата и ќе создаде проблеми во практиката – вели Дане Илиев.
Со оглед дека овој закон во најголема мера ја ограничува слободата на изразување, новинарските и медиумските здруженија речиси веднаш реагираа на поставувањето на формулацијата „негативно мислење“ во измените на предлог-законот за граѓанска одговорност, со апел тој да биде повлечен и коригиран.
Според актуелниот закон, новинар можеше да биде казнет за навреда и клевета со максимум 2.000 евра, 10.000 за уредникот и 15.000 за правното лице. Со новите измени се предвидува судот да не може да досуди поголема сума од 400 евра за новинар и 2.000 евра за уредник, а за медиумот не повеќе од 5.000 евра.