Празниците и големите јубилеи за македонскиот народ и држава, меѓу кои несомнено е Илинден, се тие што треба да го обединуваат националното ткиво во државата. Двата Илиндена се исклучително важни моменти во македонската историја, тие се и темелот на идентитетот на Македонецот. Но, за жал, кај нас со години празникот се одбележува тукуречи протоколарно, со низа одвоени политички манифестации и без испраќање моќна политичка порака на заедништво и сплотеност околу македонските национални интереси. Ако политичарите во земјава ги надминат меѓусебните предрасуди и, сепак, почнат да го слават Илинден заедно, ќе се испрати моќна порака до сите оние што ги загрозуваат македонскиот идентитет, јазик и историја. Порака што ќе ја чуе сиот свет и која треба силно да одекне и во Брисел, Софија и во Вашингтон. А токму такво нешто ни е потребно во моментов, но и понатаму
ДОМАШНИТЕ ПОЛИТИЧКИ ЕЛИТИ ПРЕД УШТЕ ЕДНО ГОЛЕМО ПРАЗНИЧНО ИСКУШЕНИЕ
Македонија во вторник ќе го прослави најголемиот национален празник, 2 Август – Илинден, денот околу кој безброј генерации Македонци со години се сплотувале, без оглед каде и да се наоѓале, покажувајќи нужна почит кон својата татковина и аманетот што им го оставиле предците.
И така било со децении, уште од времето на двата Илиндена, оној 1903 и оној 1944 година, на кои беа удрени темелите на македонската држава врз основа на вековниот стремеж на македонскиот народ.
Но со години овој празник наместо да ги обединува македонските граѓани, стана ден на кој уште повеќе се разгоруваат политичката битка и меѓусебната партиска нетрпеливост, се продлабочуваат поделбите, се демонстрира еден навредлив однос кон празникот што треба да биде одбележан со највисоки почести и нужен пиетет од сите.
Веќе нема човек што памети кога последен пат сите македонски политичари, почнувајќи од претседателот на државата, на Собранието, премиерот, партиските лидери од власта и од опозицијата, интелектуалци, работници, ученици се собрале на една голема централна манифестација на Мечкин Камен или во Пелинце за да го одбележат најголемиот македонски празник онака како што му доликува, заедно, сплотени, достоинствено и свечено.
Наместо тоа, сведоци сме на одвоени манифестации, па дури и на немили сцени на партиски поделби, инциденти, пцости, навреди, свирежи, упатени едни кон други, наместо семакедонски свечен чин. Токму ваквите големи празници како Илинден се можност да се упати заедничка политичка порака на обединетост околу македонските национални интереси. Порака што ќе ја чуе сиот свет и која треба силно да одекне и во Брисел, Софија и во Вашингтон. Домашната политичка елита заедно со својот народ да покаже дека продолжува по патот на илинденците и дека нема откажување од македонската кауза и вековните македонски идеали.
А еден таков добар пример за почит и обединување околу работите важни за државата неодамна даде Хрватска, кога за време на отворањето на Пељешкиот мост се собраа сите политичари, од претседателот на државата, премиерот, претставници на сите политички партии, граѓани, уметници, буквално целото хрватско општество, без оглед што за многу работи не се согласуваат и се расправаат. Хрватскиот премиер и претседателот на државата во кавгите отидоа дотаму што почнаа и лично да се навредуваат, спуштајќи го нивото на пристојна комуникација под секаква граница. Но тоа не беше причина обајцата заедно да бидат на свеченоста по повод пуштањето во употреба на мостот, јасно демонстрирајќи дека сепак им се поважни националните достигнувања отколку личните суети, така што пуштањето на мостот кај Пељешац со кој целосно се поврза хрватската територија го искористија да испратат обединувачки пораки, впрочем каква што е и самата симболика на мостовите, да ги зближуваат и поврзуваат луѓето. Кога Македонија ќе испрати една таква обединувачка и силна порака пред светот?
Македонија нема такви грандиозни инфраструктурни објекти за отворање, но го има Илинден и преку хрватскиот пример треба да учи дека најголемиот национален празник е денот на кој нема место за партии, суети или за политички подметнувања, туку тоа е празник околу кој Македонија повторно ќе се обедини.
На тој начин ќе се испрати порака и до оние што во македонските поделби гледаат шанса уште повеќе да го поткопаат македонскиот идентитет, ставајќи им јасно до знаење дека Илинден нè чувал и ќе продолжи да нè чува, но само заедно и сплотени.
Социологот Илија Ацевски смета дека Илинден е празникот околу кој мора да се обединиме ако сакаме да го зачуваме нашиот идентитет.
– Во тој момент, кога го имаме најголемиот национален празник, треба да престанат сите пизми и кавги меѓу партиите и политичарите. Во Македонија како сè уште да нема таква енергија што би можела да ги спои спротивставените страни, едноставно да ги доведе сите политички чинители на исто место на Илинден за на некој начин барем да одглумат заедништво. Ако успеат да се соберат и да одглумат едно единство, тогаш и народот ќе поверува дека има некоја обединувачка сила. Кај нас како да нема таква енергија и тоа е разочарувачко – вели Ацевски.
Тој додава дека Илинден има исклучителна важност за македонскиот идентитет, па затоа никој во државата не смее да си игра со најсветата работа.
– Двата Илиндена се исклучително важни моменти во македонската историја, тие се и темелот на идентитетот на Македонецот. Кога го доведувате во прашање и не го почитувате празникот, вие не го почитувате ниту сопствениот идентитет и го доведувате под прашалник. За мене, како обичен граѓанин, ништо друго не е битно ако не гледам таква обединувачка сила – потенцира Ацевски.
Според него, ако политичарите во земјава ги надминат меѓусебните предрасуди и, сепак, почнат да го слават Илинден заедно, ќе се испрати моќна порака до сите оние што ги загрозуваат македонскиот идентитет, јазик и историја.
– Само со обединување на Илинден ќе се испрати голема порака до оние надвор, но и оние во земјава, дека Македонецот стои обединет и цврст околу својот идентитет. Но, за жал, ние долго време не сме виделе некакво обединување. Го нема тој празничен момент во кој ќе се препознаеме сите, без разлика на сите други разлики што нè раздвојуваат – заклучува Ацевски.
Анализирајќи од социолошки аспект, тој нагласува дека Македонецот преку Илинден се препознава и дека треба да го чува тоа.
– Ние се препознаваме преку празникот Илинден. Ако тоа се загуби, тогаш ќе се загуби и Македонецот – заклучува професорот и социолог Илија Ацевски.